Застареа делата за прислушувањето во земјава. За најголемата афера во независна Македонија никој нема да одговара, а на обвинетите трошоците за адвокатите ќе им ги плати државата, од буџетот. И после ќе ја викале Цеца да пее на гламурозни свадби, е па ќе ја викале.
Гламурозната свадба беше ѕвезда на социјалните мрежи во земјава, која и в година ќе има најнизок раст во регионот, според Светската банка. Земјата во која со образложение дека се заживуваат пазарите на капитал, државата од домаќинствата и стопанството од јули досега позајмува над 40 милиони евра, со камата од пет отсто. А на финансиските пазари се задолжува со камати од над шест отсто.
Во оваа земја, која е зависна од рускиот гас што доаѓа преку Бугарија, близу цела работна недела службата за односи со јавност во Владата не одговара на прашањата на „Блумберг Адрија“ во врска со одлуката на Софија да го поскапи транзитот на гас од Русија. Сега транзитот чини колку 20 отсто од цената на гасот на берза, а грејната сезона само што почна.
За разлика од нашата влада, владите на Србија и Унгарија потпишаа заедничка изјава со која одлуката на Бугарија ја нарекоа „непријателска“. Ама ако човек убаво размисли, молкот на нашата влада има логика. Па, на сета мака, згора и за рускиот гас ли да се караме со Софија? Не, не, ќе си платиме.
Најпрво глобално, а сега и во регионот се размрда фармацевтскиот сектор. Српска „Галеника“ го презема „Лајфмедик“ и со тоа станува ексклузивен дистрибутер на продуктната програма на реномираната италијанска фармацевтска компанија „Фармалајф рисрч“ (Pharmalife Research) за пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора. Глобално, лековите за слабеење прават бум на пазарот, а тој бум допрва ќе расте.
За крај, „Блумберг Адрија“ прави преглед на филмовите што ќе можете да ги гледате есенва. За серии веќе знаете што ќе следува, само внимавајте – „Нетфликс“ почна да зголемува цени за некои пакети во некои земји.