Денеска ќе се одржи аукција на граѓански обврзници од втората емисија на Министерството за финансии во вкупен износ од 10 милиони евра. Според проспектот, каматата на обврзниците е 5 отсто годишно, односно за две години вкупно 10 проценти на вложениот износ. Исплатата на првиот купон ќе се изврши на 14 ноември 2024 година, додека вториот купон, односно каматата за втората година на 14 ноември 2025 година, истовремено со исплатата на вложените средства.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Почна увозот на работници - во земјава работат стотина Индијци
Според податоците на Агенцијата за вработување, заклучно со крајот на октомври во земјава им се издадени дозволи за вработување на 4.525 странци. Најголем дел од нив е од Турција. Во Македонија работат над 2.000 лица од таа земја. Следуваат Косово и Србија со над 300 работници, па Албанија и Индија.
Во земјава странските работници, во согласност со евиденцијата на Агенцијата, најчесто работат како градежни работници, столари, електричари, армирачи, но има и менаџери. Работодавците велат дека ангажирањето работна сила од далечните азиски земји е прашање за преживување. Нема иднина за компаниите ако нема работници, а тука не можат да ги најдат.
Ветениот регион Адрија: Зад сцената на вработувањето мигранти од Азија
Непалци, Индијци, Филипинци, лица од Бангладеш, Шри Ланка... работниците мигранти од Азија ги спасуваат земјите од регионот Адрија од хроничен недостиг од работна сила. Во желбата за подобар живот многумина се соочуваат со голем број проблеми. Има и многу лажни огласи и ветувања. Колку плаќаат додека да дојдат на работа во нашиот регион? Износите почнуваат од илјадници евра. Што се случува на пазарот на странски работници?
Дваесет и едногодишната Непалка Аниша живее во Панчево, гратче во Војводина во близината на Белград, и лежерно разговараме со неа во градината на ресторанот во кој работи. „Сакав да заминам од Непал поради пари. Така му објаснив на моето семејство, кое ме разбра“, вели таа.
Студија: Инфлацијата драстично ја зголеми сиромаштијата во Македонија
Инфлацијата во изминативе две години предизвика значително зголемување на бројот на луѓе кои живеат во екстремна и во умерена сиромаштија, се констатира во новата студија за ефектите од поскапувањата врз сиромаштијата во Македонија што ја изработи економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ со поддршка на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој – СИГА и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
„Екстремната сиромаштија во 2022 година пораснала за околу 14.000 лица, а во 2023 година, во најдобар случај минимално ќе се намали, а во најлош случај, ќе порасне за дополнителни 14.000. Со тоа, во 2023 година ќе изнесува помеѓу 70.000 и 86.000, што е зголемување помеѓу 21 и 49 проценти во однос на состојбата од 2021 година, пред кризата на поскапувањата“, пишува во студијата.
Владата подготвува предлог-закон за конфискација на имот во граѓанска постапка
Министерство за правда подготвува предлог-закон за конфискација на имот во граѓанска постапка кој предвидува конфискација на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а не е опфатен со конфискација во кривичната постапка(обична, проширена и посебна постапка) или оданочувањето на имот во даночна управна постапка.
„Целта на овој закон е да се оневозможи располагање со имот кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори. На овој начин, со законот се превенираат кривичните дела поврзани со организираниот криминал и корупција“, се вели во образложението за предлог-законот објавено на Единствениот националн електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Компаниите во еврозоната ги селат бизнисите поради геополитиката
Големите корпорации во еврозоната сè поактивно го движат производството низ светот, бидејќи геополитичките ризици растат, покажува истражувањето на Европската централна банка. Иако традиционалните причини, како што е намалувањето на трошоците, продолжуваат да ги охрабруваат компаниите да ги преместат бизнисите надвор од Европската Унија, зголемената геополитичка несигурност е наведена како причина за неодамнешните или планираните потези во блокот.
Ова е наведено во истражувачки труд објавен во понеделникот од ЕЦБ. Активноста во двете насоки се очекува да се зголеми во следните пет години. Наодите покажуваат „поместување во деловните приоритети од едноставно фокусирање на намалување на трошоците или подобрување на ефикасноста кон инкорпорирање на еластичноста во нивните одлуки“, се истакнува во извештајот.