Како голем успех беше претставена вчерашната вест дека стапката на инфлација во Македонија во октомври годинава паднала на 3,5 проценти. Сепак, според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало во октомври се зголемиле за 3,4 проценти споредено со истиот месец лани и повторно може да се забележи дека растат цените на одредени основни прехранбени производи, што е сигнал дека е рано да се прогласи победа над растот на трошоците на животот.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Недвижности вредни милиони: Што се продава во регионот
Изненадувачки е колку разновидни и убави места имаат земјите од регионот Адрија. Тоа убаво го откриваат поранешните вили на Јосип Броз-Тито. Од летната резиденција над Охридско Езеро до ловечките вили во босанските планини. Преку белата вила на белградско Дедиње и белата вила на Бриони до вилата Блед покрај истоименото езеро.
Но ние не баравме список на куќи што некогаш служеле за протоколарни и други цели. Се интересиравме кои се најпрестижните и најскапите недвижности во земјите од регионот што се нудат на продажба. Каде се наоѓаат, какви се цените и што нудат? Ги баравме преку домашни онлајн платформи, но користевме и странски портали специјализирани за престижни недвижности.
Можноста да купат стан ги стави Македонците на лоша позиција во ЕУ
Активноста во градежната индустрија на еврозоната во октомври падна на најниско ниво во последните десет месeци. Податоците на Хамбуршката комерцијална банка, изработени во соработка со „Стандард енд пурс Глобал“ покажуваат дека PMI индексот минатиот месец се намалил на 42,7 споредено со 43,6 во септември. Овој резултат го означи најбрзиот пад на градежната активност од декември 2022 година.
Слаба точка останува резиденцијалниот сектор. Условите на пазарот диктирани од затегнатите монетарни услови ја намалуваат побарувачката за нови станови што доведува до пад на активноста. Анализата покажува дека намалување на активноста забележаа германските и француските градежни компании.
Македонија на 71. место во светот по привлекување таленти
Македонија се најде на 71. место меѓу 134 држави рангирани според Индексот на глобална конкурентност за таленти за 2023 година што го подготвува „Инсид“ (Insead), а кој покажува колку една нација е способна да привлече и да задржи таленти. Швајцарија го задржа првото место на листата, одбележувајќи една деценија доминација во трката за привлекување на „кремот“ меѓу човечкиот капитал.
Сингапур и САД се најдоа на второто и третото место на листата во која доминираат европските нации - седум од првите десет. Од земјите од регионот Адрија најдобро пласирана е Словенија, на 28. место на листата, потоа Хрватска (45 место), Србија(53. место) и БиХ (83. место).
Шефовите од Волстрит открија од што се плашат
Кревки пазари, заемодавци во сенка(shadow lenders), меѓународни тензии и премногу војни - глобалните банкари кои се собраа во Хонг Конг требаше да разговараат за тоа како се прилагодуваат на „комплексноста“ на финансискиот свет, но наместо тоа, на крајот се задржаа на потенцијалот за големи удари. На еден од најголемите собири на лидерите од финансискиот свет од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас минатиот месец, расположението на сцената беше непријатно додека шефовите на банките и инвестициите разменуваа опсервации и стравови.
„Мојот најголем страв е дека ќе има уште една геополитичка ескалација и пазарен удар“, рече главниот извршен директор на „Дојче Банк“ (Deutsche Bank AG) Кристијан Севинг на Инвестицискиот самит на глобалните финансиски лидери што денеска се одржа во Хонг Конг.
Владата подготвува посебен закон за обновливи извори на енергија
Министерство за економија подготвува предлог-закон за обновливи извори на енергија за да се имплементира европската регулатива за чиста енергија и за да се одговори на новите развојни трендови во овој сектор. Според Министерството, досегашната примена на одредбите за обновливи извори на енергија од важечкиот Закон за енергетика покажала дека одредени законски решенија треба да се променат за да одговорат на новите потреби и развојни трендови.
„Имајќи предвид дека во многу други држави во регионот обновливите извори на енергија се регулираат со посебни закони одвоени од другите енергетски закони и дека материјата претставува засебна целина, се пристапува кон донесување на посебен закон за обновливи извори на енергија“, се наведува во образложението.