Вештачката интелигенција (ВИ) драстично ќе ги намали трошоците за создавање блокбастер анимирани филмови, според долгогодишниот директор во индустријата, Џефри Каценберг.
„Во старите добри времиња можеби ќе ви требаа 500 уметници и повеќе години за да снимите анимиран филм од светска класа. Мислам дека за три години од сега, нема да бидат потребни ни дури 10 отсто од тоа“, рече тој на панел-дискусијата во ремки на форумот за нова економија на „Блумберг“.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Додека нема регулатива, и цвеќарницата ќе биде стартап
Кога во далечната 1976 година во гаража во Калифорнија, Стив Џобс и Стив Возниак го основаа „Епл“ (Apple), беше основан и првиот стартап воопшто. Беа потребни две децении за стартапите да доживеат бум, па во средината на деведесеттите години почна трендот на брз раст.
Уште три децении подоцна стартап сцената, посебно во земјава, е неразвиена. Македонија, според рангирањето во извештајот на Глобал стартап екосистем за оваа година е на 70–то место на листата од 100 земји. Од земјите во регионот подобро рангирани се сите освен Босна и Херцеговина.
Експертите велат дека во последните години повеќе европски земји постигнаа напредок на планот на развој на стартапите, пред сè затоа што усвоија регулатива која го регулира нивото работење. Во регионот Адрија, земјите немаат регулатива за стартапи.
Владата на две аукции ќе бара заем од 71,5 милиони евра
Министерството за финансии во вторник (14 ноември) ќе им понуди на инвеститорите две емисии на државни хартии од вредност во вкупна вредност од 4,4 милијарди денари (околу 71,5 милиони евра).
Министерството на една аукција ќе понуди едногодишни државни записи во вредност од 3,4 милијарди денари (околу 55,2 милиони евра) со камата од 4,25 проценти, а на друга аукција 15-годишни државни обврзници во вредност од една милијарда денари (околу 16,2 милиони евра) со купонска каматна стапка од 6,15 проценти.
НБ: Умерен економски раст за годинава и инфлација од 9,5 отсто
Македонската економија годинава ќе бележи раст од 1,9 отсто, а следната година раст од три отсто. Народната банка го усвои кварталниот извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции.
Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања.
Во однос на инфлацијата се очекува дополнително забавување на просечната инфлација, која за целата 2023 година би изнесувала околу 9,5 отсто. Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да биде во просек од 3,5 отсто до четири отсто.
УЈП наплатила 2,3 милијарди денари од компаниите за солидарен данок
Управата за јавни приходи по основа данок на солидарност заклучно со 8 ноември наплатила 2,3 милијарди денари. Од вкупно 156 компании што имаат обврска да го платат тој данок, 26 компании сè уште не го платиле и должат вкупно 726,6 милиони денари, и покрај рокот што им е даден од Управата за јавни приходи.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на брифинг со новинарите посочи дека дејностите на компаниите што должат се различни, две фирми се од дејноста коцкање и обложување, две за изградба на станбени и нестанбени згради, две компании се со дејност трговија со дрва, градежни материјали и санитарија.
„Најголем износ, од 257,3 милиони денари, е уплатен од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари“, изјави Лукаревска.
Фед нема да се двоуми да ги зголеми каматите доколку е потребно
Претседателот на Федералните резерви (Фед), Џером Пауел, рече дека американската централна банка ќе продолжи да се движи внимателно, но нема да се двоуми дополнително да ја заостри политиката доколку е потребно.
„Доколку е соодветно дополнително да се заостри политиката, нема да се двоумиме да го сториме тоа“, рече Пауел во кусото обраќање пред конференцијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон во четвртокот.
„Ние, сепак, ќе продолжиме да се движиме внимателно, што ќе ни овозможи да се справиме со ризикот да не бидеме погрешно наведени од податоците за неколку добри месеци и ризикот од презатегнување“, нагласи тој.