Иако забавува трендот на раст на стапката на инфлација, со секој изминат месец расте притисокот за зголемување на платите, тие прават притисок на цените, а тоа прави круг што е ризик за појава на инфлаторна спирала.
Добро утро, ова е само една од петте вести што треба да ги знаете утрово.
Ново зголемување на платите ќе нè воведе во инфлаторна спирала
Ова е наша анализа за инфлацијата и трендот на раст на платите во Македонија. Статистиката мери реален раст на просечната плата неколку месеци по ред, но моментална замка и ризик за економијата станува токму тој раст. Зголемените трошоци за плати ќе ги зголемат цените, со што повторно трошоците ќе бидат поголеми од реалниот раст на платите и така во круг, до недоглед, што е најлошо сценарио во борбата со инфлацијата, сметаат аналитичарите.
Номиналниот раст на платите е 15 отсто, секое ново зголемување на платите ќе ја притиска стапката на инфлација, предупредија и од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Препораката е фискалната политика да се усогласи со монетарната политика, а Народната банка да ја следи состојбата за навремено да реагира.
Купувањето на црн петок и сајбер-понеделник годинава ќе биде рекордно
Како да барате вештачка интелигенција во државната администрација во Македонија кога ни единствената Ада не може да ја обезбеди кога ви требаат податоци за вкупната сума што е потрошена во малопродажбата по денови.
Во САД сега има анкети што покажуваат дека купувачите планираат да потрошат просечно по 567 долари за време на купувањето на црн петок и сајбер-понеделник, што е за 13 отсто повеќе од минатата година, бидејќи ги бараат најдобрите понуди додека се соочуваат со економски притисоци како што се повисоките цени и зголемените каматни стапки.
Четири понудувачи во трка за консултант на мултимилионски проект во Македонија
Четири понудувачи влегоа во потесен избор на тендерот за консултант на проектот за модернизација и проширување на системот за управување со отпад во Македонија, соопшти Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР).
„Три конзорциуми влегоа во потесниот избор – еден е сочинет од грчката ’Енвироплан’ (Enviroplan) и германската ИЦП (ICP Ingenieurgesellschaft Prof. Czurda & Partner mbH), друг е литванскиот ’Јостра-Акт’, а третиот го сочинуваат македонската ’ВЕВЕ груп’, британската ’Корпорејт солушнс’ (Corporate Solutions) и холандската ’ВНГ интереншенл’ (VNG International)“, соопшти ЕБОР.
Македонски општини собираат по нула денари од локалните давачки
Три македонски општини лани собрале нула денари по основа на локални такси и надоместоци. Општините Дебарца, Ранковце и Желино немаат такви приходи, покажуваат податоците на Министерството за финансии, кои за потребите на оваа анализа на „Блумберг Адрија“ ги собра и обработи Институтот за дигитализација, економија и иновации.
Покрај овие неславни рекордери, не е мал и бројот на општини што за цела година собрале помалку пари од износот на просечната месечна плата во земјава. Но има и општини како Куманово, Битола или скопските општини што собираат значителни суми преку таквите надоместоци и такси.
Сем Алтман ги размрда страстите и пазарите
Компанијата „Мајкрософт“ објави дека Сем Алтман ќе го предводи новиот тим за вештачка интелигенција (ВИ), откако тој како коосновач на „Опен еј-ај“ беше отпуштен од неговиот стартап минатата недела.
Овој потег следува по драматичните три дена за врските на овие две компании. Одборот на „Опен еј-ај“ го именува поранешниот шеф на „Твич“ (Twitch) Емет Шир за извршен директор. Сатја Надела, главниот извршен директор на компанијата, во објава на Линкдин напиша дека „Мајкрософт“ со нетрпение очекува да го запознае Шир и да работи со него.
Сепак во „Мајкрософт“ во петокот биле шокирани кога во рок од само неколку минути примиле известување дека одборот го сменил Алтман, кој е во блиски односи со Надела. Веста ги намали акциите на „Мајкрософт“.