Од 1 декември домаќинствата ќе имаат ниска тарифа за електрична енергија од 13 часот до 15 часот и од 22 часот до 7 часот секој ден, како и цел ден во недела. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, инвестицискиот циклус во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија и директно влијае врз намалување на цената преку ден. По рекордите што ги урна во изминатиов период се чини дека цената не струјата се стабилизира и дека оваа зима нема да има енергетска криза.
Добро утро, подолу петте вести што ги одвоивме за почток на денот.
ББА-анализа: Колку заработија и како котираат „Сити мол“ и „Ист гејт“?
Како работат големите трговски центри во земјите од регионот Адрија и какви се очекувањата за иднината се главните прашања на кои даваат одговори аналитичарите на „Блумберг Адрија“ во новата анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“. Тие констатираат дека оваа индустрија ја претрпе својата најзначајна трансформација во историјата, а причини за тоа се ограничените движења за време на пандемијата и промените во однесувањето на потрошувачите, при што суштинско влијание има порастот на е-трговијата.
Нашите аналитичари укажуваат дека компаниите од малопродажбата споделија неколку заеднички карактеристики пред ковид-19: недостиг од дигитално присуство или можност за е-трговија, опаѓање на приходите, лоша финансиска позиција, слаба профитабилност и општ пад на брендовите и искуството на клиентите.
ФАО ќе им порача на богатите да јадат помалку месо
На најразвиените нации во светот ќе им биде препорачано да го ограничат својот прекумерен апетит за месо, како дел од првиот сеопфатен план за усогласување на глобалната земјоделско-прехранбена индустрија со Парискиот климатски договор.
Патоказот на глобалните системи за храна до 1,5 Целзиусови степени се очекува да биде објавен од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации за време на самитот COP28 следниот месец. Нациите кои прекумерно консумираат месо ќе бидат советувани да го ограничат својот внес, додека земјите во развој - каде што недоволната потрошувачка на месо придонесува за преовладувачкиот предизвик за исхрана - ќе треба да го подобрат своето сточарство, според ФАО.
Наследникот на „Шанел“ стана најбогатиот жител на Швајцарија
Наследникот на „Шанел“, Жерар Вертхајмер, стана најбогатиот жител на Швајцарија, откако постпандемискиот бум на луксузни стоки го зголеми неговото богатство на дури 42 милијарди швајцарски франци (47,6 милијарди долари) минатата година, објави магазинот „Биланц“ (Bilanz).
Вертхајмер, кој ја контролира париската модна куќа која го произведува парфемот „Шанел бр. 5“, живее во Женева. Рекордната година за продажба на мода, парфеми и накит за прв пат го зголеми богатството на Вертхајмер над она на семејството Кампрад, основачот на „Икеа“, се наведува во годишна публикација за 300 најбогати луѓе во Швајцарија ја што ја подготвува „Биланц“.
Трговијата меѓу ЕУ и Русија останува на ниско ниво
Трговијата на ЕУ со Русија е силно погодена од увозните и извозните ограничувања наметнати од ЕУ по руската инвазија на Украина, соопшти Евростат. Оттаму информираат дека извозот и увозот значително се намалени под нивото пред инвазијата. Сезонски прилагодените вредности покажуваат дека уделот на Русија во увозот на ЕУ од земји кои не се во Унијата падна од 9,5 проценти во февруари 2022 година на 2 проценти во септември 2023 година, додека уделот на извозот на ЕУ во земји надвор од Унијата падна од 3,8 на 1,4 проценти во истиот период.
„Во март 2022 година, максималниот трговски дефицит со Русија изнесуваше 18,6 милијарди евра поради високите цени на енергетските производи. Овој дефицит беше намален на 0,1 милијарди евра во март 2023 година и не се промени многу до септември 2023 година кога изнесуваше 1 милијарда евра. На оваа промена силно влијаеше падот на месечната вредност на увозот од Русија.“, наведуваат од Евростат.
„Гаспром“: Рекордни испораки на гас кон Кина
Руската компанија „Гаспром“ соопшти дека испораките на природен гас за Кина достигнаа нов историски максимум поради зголемената побарувачка. Кинеската национална нафтена корпорација побара количества преку рутата Сибир 1 што уште еднаш ги надмина договорните обврски на „Гаспром“ на 23 ноември, се вели во изјавата на рускиот производител, цитирана од државниот сервис Тасс во саботата.
„„Гаспром“ ги испорача сите барани количини и постави нов рекорд во дневните испораки на гас во Кина“, се вели во соопштението. „Гаспром“ и „ЦНПЦ“ минатиот месец потпишаа додаток на нивниот договор за снабдување со гас преку Сибир 1, кој предвидува дополнителни испораки до 2023 година, без да дава дополнителни детали.