„Дилојт“ (Deloitte) користи вештачка интелигенција за да ги процени вештините на своите постоечки вработени и планира да ги премести од помалку активни области на бизнисот на позиции со поголема побарувачка. Целта е на овој начин да се избегнат масовни отпуштања во компанијата.
Тоа е дел од пошироката стратегија за фирмата за професионални услуги, која верува дека новата технологија ќе овозможи поумерен раст на вработеноста со текот на времето.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Полните резерви ќе го спречат растот на цените на храната в година
Добрата жетва од годинава и поволниот временски модел Ел Нињо ќе го спречат растот на цените на земјоделските производи во 2024 година, пред сè затоа што резервите се полни.
Сепак, аналитичарите на „Блумберг Адрија“ во најновата регионална анализа на секторот пишуваат дека предизвици и натаму има. Најголем е слабиот глобален раст, кој ќе влијае потрошувачката бавно да закрепнува, а тоа значи дека растот на побарувачката ќе биде ограничен.
Според нашите аналитичари, годинава за компаниите од земјоделскиот сектор беше потешка од 2022 година, кога беа остварени добри финансиски резултати. Овој исход се должи на падот на профитабилноста поради скапите резерви на суровини купени во претходната година.
Кога профитот е над здравјето: Колку чини пазарот на пестициди?
Македонија не произведува, ама ги увезува на тони. Инсектициди, фунгициди, хербициди и сите во групата на пестициди транзитираат низ територијата на земјата.
Според податоците, вредноста на пестицидите кои биле увезени во земјава од почетокот на годината е над 530 милиони денари.
Најголема количина е увозот на хербицидите (хемиски соединенија, препарати што служат за уништување на плевелите растенија) па следуваат фунгициди (пестициди кои се користат за убивање на паразитски габи). Најмалку се увезени инсектициди или само 1.148 килограми во вредност од три милиони денари.
ЕЦБ мора да биде трпелива пред да ги намали стапките
Следниот потег на Европската централна банка (ЕЦБ) ќе биде да ги намали стапките, но дотогаш ќе мора да биде трпелива и да ги следи податоците, а не пазарите или некои конкрети датуми, изјави членот на Советот на гувернери, Франсоа Вилерој де Галхау.
„Доколку нема шокови или изненадувања, завршивме со зголемувањата, но тоа не значи дека намалувањата ќе дојдат наскоро“, рече банкарот во интервју за радиото „Екорама“. „Ние не го следиме календарот, туку податоците“, додаде тој.
Ставот на францускиот функционер, кој претходно повика на „доверба и трпение“, се совпаѓа со пораките на претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Дали преполовувањето на биткоинот ќе ја зголеми неговата цена?
Биткоинот е познат по својата нестабилност и дека е склон кон ненадејни скокови на цените и брзи промени кои можат да збришат милиони долари во вредност за само неколку минути. Овие промени често се мистериозни за набљудувачите на пазарот, поради недостатокот на врски на дигиталната валута со реалната економија.
Биткоинот има уште една необичност која е вградена во кодот на кој почива самата монета - формулата што ја регулира стапката со која се создаваат новите биткоини периодично се менува.
Додека во 2024 се очекува еден ваков настан - наречен преполовување (анг. halving) - поддржувачите на биткоинот и скептиците подеднакво дебатираат каков ефект може да има тоа врз вредноста на токенот.
Хакерите годинава украдоа 1,7 милијарди долари од криптопроекти
Износот на средства што криптопроектите ги загубија од хакерите досега оваа година се намали за околу половина на приближно 1,7 милијарди долари, во услови на подобрени безбедносни мерки и зголемено спроведување на законот.
Дури и со дополнителните хакерски напади во декември, оваа година веројатно ќе „заврши со значително пониски вкупни суми од 2022 година“, според „ТРМ Лабс“ (TRM Labs), која им помага на клиентите да откријат финансиски криминал.
Минатогодишните 4 милијарди долари од хакерски криптонапади вклучуваа бројни големи кражби, како што е нападот од 600 милиони долари на блокчејн мрежата наречена Ронин бриџ (Ronin bridge), која беше поврзана со играта „Акси инфинити“ (Axie Infinity).