Oва е време од годината за празнични бонуси, но еден кинески производител на хартија одлучи да ги укине годишните исплати за нешто поздраво - месечна парична награда врз основа на тоа колку вежбаат неговите вработени.
„Гуангдонг Донгпо пејпер“ (Guangdong Dongpo Paper), со седиште во јужниот индустриски центар на провинцијата Гуангдонг, ќе испорача бонуси според месечната табела за тоа колку џогира секој вработен, објави државниот дневен весник „Гуангжу дејли“ (Guangzhou Daily).
Според извештајот, околу стоте работници на компанијата би можеле да добијат дури 130 отсто од месечната плата како годишен бонус доколку трчаат најмалку 100 километри (62 милји) секој месец.
Меѓутоа, ако истрчаат само половина од тоа растојание во текот на шест последователни месеци - или околу 5 милји месечно - ќе добијат само еден пар патики за трчање, наведува весникот, цитирајќи интервју со претседателот на компанијата Лин Жијонг.
Планинарењето и брзото одење исто така може да се претворат во истрчани милји - но со намалување во однос на вкупниот бонус - а сите вежби се забележани во апликација, објави „Гуангжу дејли“. Во извештајот не е наведено кога ќе започнат да се применуваат овие мерки.
Самиот Лин е страстен планинар, кој двапати се искачил на врвот на Монт Еверест, од страната на Непал и од страната на Кина, според официјалниот профил на компанијата на платформата за социјално вмрежување „Вичет“ (WeChat).
„Новите правила се создадени за да промовираат здрав начин на живот и да ги направат работниците посреќни“, изјавил Лин за весникот.
Сепак, тоа предизвика дебата меѓу корисниците на социјалните мрежи во Кина, при што многумина се прашуваат дали „Гуангдонг Донгпо“ ја користи мерката за вежбање како маска за ефикасно намалување или укинување на бонусите. Некои корисници на Веибо (Weibo), една од најголемите платформи во земјата, истакнаа дека на вработените ќе им биде тешко да одат на долги трчања секој ден бидејќи работниците во кинескиот приватен сектор работат многу часови, со малку одмор.
Големите кинески компании, особено оние од технолошкиот сектор, беа критикувани во последниве години за промовирање на таканаречената култура „996“, каде што вработените работат од 9 до 21 часот, шест дена во неделата. Кинеската младина, претпазлива во однос на овие работни процедури и соочена со економско забавување и висока невработеност, сè повеќе се откажува од ваквата трка, предизвикувајќи движење познато како „лежи рамно“ (англ. lie flat).