Авиокомпанијата „Визер“ (Wizz Air) од средината на јануари привремено ќе ги укине летовите Скопјe - Луксембург и Скопје - Болоња, како дел од намалувањето на капацитетот на својата мрежа поради глобалниот проблем со моторите произведени од „Прат и Витни“ (Pratt & Whitney), објави специјализираниот веб-сајт „Екс-jу авијација“.
Се намалува и бројот на неделните летови од Охрид до Виена, од првично планираните четири на три лета.
Покрај двете авиолинии од Скопје, ќе биде укинат и летот Ниш - Дортмунд. Укинувањето на линиите ќе влијае на фреквенцијата на летови на аеродромите во Скопје, Белград, Ниш, Охрид и во Приштина.
Прекинот и редуцираната фреквенција на летовите на „Визер“ ќе траат до средината на март, кога се очекува повторно активирање на авиолиниите.
Компанијата „Парт и Витни“ во меѓувреме врши контрола на квалитетот на моторите инсталирани во стотици авиони низ светот, кои треба да бидат отстранети или испитани.
Во април годинава Владата потпиша договор со унгарски „Визер“ за субвенционирање авиолинии од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана, како и со германска „Луфтханза“ (Lufthansa) за авиолинијата Скопје - Франкфурт.