Републиканската народна партија (ЦХП), главната опозициска партија во Турција, победи во Истанбул и во Анкара. Со отворени над 90 отсто од гласачките кутии низ Турција, ЦХП вчера водеше со 37,3 проценти од гласовите, додека АКП, партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, следува со 35,78 проценти. Големи делови од западниот, јужниот и северниот дел на земјата се под контрола на ЦХП, а прокурдската партија Дем доби контрола на дел од југоистокот.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонските банки ќе мора да ги намалат трошоците, можни отпуштања
Поголемиот дел од македонските банки остварија рекордни профити во текот на 2023 година, а една од главните причини за тоа е затегнувањето на монетарната политика односно значителниот раст на каматната стапка на благајничките записи и на државните хартии од вредност што им овозможи на банките слатки и високи приноси од безрично инвестирање на средствата.
Сепак, откако инфлацијата спласна, Народната банка годинава запре со покачувањето на референтата каматна стапка, а во зависност од ценовните движења се очекува и полека да ја олабави монетерната политика во наредниот период. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат годинава македонските банки да имаат слични резултати како во минатата година и сметаат дека во иднина ќе мора да ги рационализираат трошоците доколку сакаат да ја задржат профитабилноста.
ББА-анализа: Силни и слаби страни на „Уникредит“, „Интеса“, „Ерсте“ и „Рајфајзен“
Споредувајќи ги резултатите од работењето на четирите големи европски банкарски групации, кои работат и во регионот Адрија, „Интеса Санпаоло“, „Уникредит груп“, „Ерсте груп“ и „Рајфајзен банк интернешнл“ (РБИ), гледаме силен раст на нето-добивката од 36 проценти во 2023 година во однос на претходната година.
Како и кај повеќето други европски банки, добивката порасна најмногу поради растот на нето-приходите од камати од 35 проценти, бидејќи банките неискористените средства ги „паркираа“ кај централните банки за блескави каматни стапки, а зголемувањето на референтните стапки овозможи и раст на каматните приходи од кредитите. Овие ефекти се уште позначајни кога ќе се види дека набљудуваните банкарски групации ги намалија своите биланси пред сè преку кредитното портфолио, кое падна во просек за седум проценти.
Златото собори нов рекорд, растат надежите дека Фед ќе почне со кратење
Златото собори уште еден рекорд додека сè повеќе учесници на пазарот мислат дека Федералните резерви (Фед) се поблиску до намалување на каматните стапки. Цената на златото беше поттикната и од геополитичките тензии и растот на побарувачката во Кина. Цената на благородниот метал во понеделникот скокна на 2.265,73 долари за унца, што е за 1,6 отсто повисоко од цената на затворањето во четвртокот.
Омилената мерка за инфлација на Фед - основниот индекс на личната потрошувачка - покажа забавување на растот на цените во февруари. Податоците се објавени кога повеќето пазари се затворени. Ова би можело да ја мотивира централната банка да ги намали каматните стапки, иако функционерите остануваат внимателни. Голем број фактори што позитивно се одразуваат на цената на златото предизвикаа раст на металот за околу 14 отсто од средината на февруари.
Цената на нафтата и натаму се зголемува по растот во првиот квартал
Цената на нафтата на светскиот пазар порасна во понеделникот наутро, по солидната добивка во првиот квартал, бидејќи знаците дека Кина закрепнува ги зголемија надежите дека побарувачката за нафта и во таа земја може да се зголеми. Брент за испорака во јуни се искачи над 87 долари за барел, откако порасна за 14 отсто во првите три месеци од годината, додека вест тексас интермедиејт (ВТИ) е близу 84 долари.
„Изгледите за нафтата се поттикнати од знаците за економско закрепнување во Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, предизвикани од оживувањето на индустриската активност и фабричкото производство“, рече Равиндра Рао, раководител за стоковни истражувања во „Котак“ (Kotak Securities Ltd). „Постојаните геополитички тензии исто така влијаат на растот на цената на нафтата“, додаде тој.
Индустрискиот раст е најнов знак за економско закрепнување на Кина
Фабричката активност во Кина ги надмина очекувањата во март, зголемувајќи го оптимизмот за способноста на земјата да ја постигне својата амбициозна цел за раст од околу 5 отсто годинава. Индексот за набавки во производството (PMI) на „Чајшин“ (Caixin) се искачи на 51,1 во понеделникот - над стапката од 50, што укажува на раст веќе петти месец, најдолга низа во повеќе од две години.
Владините податоци објавени во неделата покажаа дека производствениот PMI во март ја прекина петмесечната контракција за да се искачи на највисокото ниво во една година. И двeте вредности ги надминаа очекувањата на пазарот, додавајќи на аргументите дека индустрискиот сектор во земјата гради импулс за економско закрепнување.