Резултатите од првиот круг на претседателските извори ја обележуваат неделата што измина. Во финалето на 8 мај, кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска-Давкова влегува со двојна предност пред кандидатот поддржан од власта, актуелниот претседател Стево Пендаровски.
И додека политичките аналитичари во следниот период ќе се занимаваат со бројките од гласањето, менаџерите во компаниите ќе пресметуваат други бројки - колку чини за компаниите гласањето во среда, која Владата ја прогласи за неработен ден, и колку тие две среди ќе се одразат на продуктивноста.
Во меѓувреме, просечната плата се намалува два месеца по ред. Бројот на работници паѓа од порано, па туристичките работници имаат план да ја спасуваат сезоната со увоз на работна сила од Непал и од Индија.
Компаниите имаат потреба и од поволно финансирање, анализиравме кога ќе паднат каматите во регионот Адрија. Од ЕЦБ веќе стигнуваат сигнали дека до тоа ќе дојде на следниот состанок, во јуни, без разлика како ќе се движи цената на нафтата.
Неделава излезе и новиот број на „Блумберг бизнисвик Адрија“, во кој ви претставивме 30 компании од регионот што се магнети за привлекување најголем капитал. На списокот нема фирма од земјава.
Анализиравме каде најчесто студираат македонските студенти. Иако бројот на приватни факултети е во пораст, и натаму над 80 отсто од студентите учат на државните факултети. Еден од нив, Факултетот на информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) одлучи од следната година по нови правила да ја изведува студентската пракса, на што бурно реагираат некои од компаниите од приватниот сектор.
Во седмицата што изминува го одбележавме и Денот на планетата Земја. Податоците покажуваат дека треба да се срамиме наместо да славиме. И Македонија не е единствена што ја губи битката со климатските промени, Европа е изгорена и поплавена, а здравјето на 2,4 милијарди работници е загрозено.
За намалување на влијанието на климатските промени придонесуваат обновливите извори на енергија, кои се и исплатлив бизнис, но земјава заостанува и на тој план. Наместо ОИЕ, земјава останува фокусирана на изградба на гасоводот како преодно решение и покрај противењето на екологистите.
За крај, убавата вест. Дизајнер со македонско потекло ги скрои фустаните за новиот спот на една од најголемите музички ѕвезди на денешницата, Тејлор Свифт.