Доларот се доближува до новото највисоко ниво во 2024 година, тренд што почна со покачувањето на приносите на обврзници, а во време кога инвеститорите бараат засолниште од политичката несигурност во Европа, па се вртат кон светската резервна валута.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Фејсбук, Тикток, Онлифенс – фрчат злоупотреби на личните податоци на Македонци
Недостиг од воспоставени процедури и обучен персонал за заштита на личните податоци во единиците на локалната самоуправа, користење на туѓи лични податоци за подигнување брзи онлајн кредити, отворање лажни профили и крадење на идентитет на социјалните мрежи, неовластено снимање на живеалишта и многу други примери нотирани во годишниот извештај на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2023 се доказ дека демне опасност од злоупотреба на личните податоци на граѓаните во Македонија.
Агенцијата во текот на 2023 година спровела редовна супервизија кај единиците на локалната самоуправа (вкупно 21 супервизија - една во Градот Скопје и 20 во општини) при што биле опфатени управувањето со системот за заштита на личните податоци и отчетност, обуката и свесноста за заштита на личните податоци и управувањето и ангажирањето на надворешни субјекти (обработувачи).
Животот во Скопје станува поскап за странските работници
Македонскиот главен град, Скопје, се најде на 198-то место на листата на најскапи градови за живеење во светот, според најновото рангирање на американската консултантска компанија „Мерсер“. Во конкуренција на вкупно 226 градови, Скопје бележи пораст на трошоците за живот, искачувајќи се за две позиции од минатогодишното 200-то место. Најскапиот град во регионот за престој на странски работници е Тирана, која се наоѓа на високото 103-то место.
По Тирана, следуваат Љубљана, Загреб, Будимпешта и Букурешт. Скопје, и покрај зголемените трошоци за живот, останува на претпоследното место како поевтин град во регионот за престој на странски работници. Со искачувањето на листата на „Мерсер“, Скопје се наметнува како град со постепено зголемување на трошоците за живот, што може да влијае врз атрактивноста на градот за странските работници и инвеститори.
Главните лостови на кинеското влијание во регионот Адрија
На почетокот на мај, кинескиот лидер Шји Џјинпинг ја посети Европа за прв пат по пандемијата Ковид-19, која го затвори азискиот економски гигант за светот неколку години. Повеќе од 85 меѓудржавни договори, меморандуми и договори кои Шји ги склучи со лидерите на Франција, Србија и Унгарија јасно зборуваат за историското значење на оваа посета.
„Невозможно е да се разликува дали станува збор за (гео)политички или економски мотивирана посета“, резимира Зорана Баковиќ, поранешна известувачка на весникот „Дело“ од Пекинг, за „Блумберг Адрија Бизнисвик“. Дека се работи за „комбинација на едното и на другото“, како што тврди експертката за Кина, потврдува и фактот што Србија и Унгарија се важни учесници во кинескиот мегапроект „Појас и пат“, додека Франција е потенцијален лост за притисокот врз единството на Европската унија.
Инфлацијата во еврозоната во мај благо се зголеми
Годишната стапка на инфлација во еврозоната се искачи на 2,6 отсто во мај 2024 година од 2,4 отсто во април, додека во целата Европска Унија (ЕУ) растот е нешто послаб, од 2,6 отсто во април на 2,7 отсто во мај, објави во вторникот „Евростат“. Највисоки годишни стапки се забележани во Романија (5,8 проценти), Белгија (4,9 проценти) и Хрватска (4,3 проценти), додека најниски во Летонија (0,0 проценти), Финска (0,4 проценти) и Италија (0,8 проценти).
Во споредба со април, годишната инфлација падна во единаесет земји членки, во две остана стабилна, а се зголеми во четиринаесет земји. Во мај најголем придонес во годишната стапка на инфлација во еврозоната имаа услугите (1,83 процентни поени), потоа храната, алкохолот и тутунот (0,51), неенергетските индустриски производи (0,18) и енергијата (0,04). Потсетуваме дека Европската централна банка (ЕЦБ) на почетокот на месецот ги намали клучните каматни стапки за 25 базични поени.
Биткоинот го достигна најниското ниво за еден месец
Биткоинот го достигна најниското ниво за еден месец бидејќи одливот од инвестициските производи за дигитални средства и изгледите дека долгорочните трошоци за задолжување во САД ќе бидат повисоки за подолг период влијаеја на пазарот на криптовалути. Најголемото дигитално средство падна за дури 2,7 отсто во вторникот, достигнувајќи ги нивоата последен пат забележани во средината на мај и се тргуваше по 65.740 долари во 13:20 часот по сингапурско време. Потонаа и помалите токени како етер, солана и доџкоин.
Околу 600 милиони долари беа повлечени од производите за дигитални инвестиции минатата недела, најмногу од март, според податоците на „Коиншерс“ (CoinShares). Постојаната инфлација ги доведе трговците до помали очекувања за намалување на стапката на Федералните резерви годинава, предизвикувајќи ги шпекулативните инвестиции како криптовалутите.