Ако вашиот страв од летање порасна во последниве месеци или ако се двоумите повеќе од вообичаено дали да се вивнете во небото, не сте сами.
Повеќе од половина од американските патници велат дека неодамнешните вести за инциденти со авиони и авиокомпании ги натерале да го променат начинот на кој резервираат патувања, според истражување од јуни 2024 година спроведено од аналитичката компанија „Квантум метрик“ (Quantum Metric). Речиси една четвртина планира да го ограничи патувањето со авион до крајот на годинава, а 20 проценти се информираат повеќе за моделите на авиони со кои би можеле да летаат. „Квантум метрик“ анкетираше илјада американски патници на возраст меѓу 18 и 54 години.
Не е изненадување што довербата на потрошувачите во авијацијата е намалена. Од јануари видовме како авион на „Јапан ерлајнс“ (Japan Airlines) имаше судир на пистата, „боинг 737 макс“ (Boeing 737 Max 9) на „Алјаска ерлајнс“ (Alaska Airlines) загуби затворач на вратата среде лет, фатални турбуленции на летот на „Сингапур ерлајнс“ (Singapore Airlines), авиони на „Јунајтед ерлајнс“ (United Airlines) останаа без тркала при полетувањето, а на националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон за влакно беше избегнат судир на пистата...
Прочитај повеќе
Еден починат во лет на „Сингапур ерлајнс“ погоден од тешки турбуленции
Авионот „Боинг ко. 777“, кој летал од аеродромот Хитроу во Лондон до Сингапур принудно слетал на аеродромот Суварнабхуми во Бангкок
21.05.2024
Четириесет патници повредени при силни турбуленции на лет од Мадрид до Монтевидео
Летот бил пренасочен кон аеродромот „Натал“ на источниот брег на Бразил по незгодата.
02.07.2024
Ова се светските авиолинии со најопасни турбуленции
Силни турбуленции се создаваат кога се спојуваат воздушни струи што патуваат со значително различни брзини.
27.05.2024
„Боинг“ ќе признае вина за измама поврзана со авионски несреќи
Министерството за правда заклучи дека производителот не се придржувал до претходната спогодба, која произлeзе по две фатални несреќи.
08.07.2024
Генерално, повредите и жртвите се малку, но се чини дека сериозните несреќи продолжуваат.
За среќа, процесите на одговорност се во тек. Како резултат на инцидентот со изгубениот затворач за врата, американското министерство за правда отвори истрага за „Боинг“, а компанијата месецов се согласи да се изјасни за виновна за измама. Договорот за признавање вина, во очекување на судско одобрување, бара „Боинг“ да инсталира корпоративен надзор и да потроши 455 милиони долари за зајакнување на своите програми за усогласеност и безбедност во следните три години. Федералната управа за авијација исто така го зголеми надзорот над „Јунајтед ерлајнс“, а авиокомпанијата за возврат ги засилува своите програми за обука за техничари и друг персонал. Во тек е натамошна истрага за другите инциденти.
Додека сите чекаме да се спушти прашината, побаравме четворица експерти да ја разгледаат состојбата во авијацијата и да дадат совети како можете да останете безбедни. Еве што сакаат тие да знаете.
Врзете се и верувајте му на пилотот
Капетан Џон Кокс, пензиониран пилот на „УС ервејс“ (US Airways)
„Во 2023 година остваривме 35 милиони комерцијални лета низ светот без ниту еден фатален и ниту една несреќа“, вели Кокс, поранешен пилот и извршен директор на „Сејфти оперејтинг системс“ (Safety Operating Systems), која исто така обезбедува консултантски услуги за авиоиндустријата, како и за други сектори. „Низ светот, комерцијалната авијација го превезува населението на планетата, речиси осум милијарди луѓе, приближно на секои 25 месеци“.
Статистичката реткост на овие инциденти ги прави вести, тврди тој.
Кокс летал со авиони „боинг“ во секакви предизвикувачки услови откако научил да лета во 1970 година, се соочил со дефекти на моторот, слетување на снежна бура, хидраулични проблеми и проблеми со контролата на летање. Во секоја од тие ситуации безбедно ги спуштал своите патници на земјата, честопати без тие да знаат дека нешто не е во ред. Со други зборови: верувајте им на вашите пилоти. „Не се обидуваш да му кажеш на хирургот како да оперира, нели?“, вели тој.
„Турбуленциите ја отежнуваат работата денес“, вели Кокс, делумно поради климатските промени.
„Како што планетата се загрева, се зголемува топлиот воздух“, посочува тој. Таа промена на температурата води до нешто што се нарекува „турбуленција на чист воздух“, која се јавува кога млазна струја се судира со авион на совршено чист воздух и сино небо. „Прогнозите стануваат попрецизни“, вели тој.
Најпаметното решение е очигледно и занемарено: носете појас, дури и додека спиете. Тоа ќе спречи да удрите во таванот во случај на ненадеен потрес.
Но не треба да престанете да летате, вели Кокс. „Излезете, посетете ги вашите роднини, искусете ги другите делови од светот - важно е. Кога комуницирате со други култури, станувате потолерантни кон нив, а толеранцијата во овие времиња може многу да ни помогне“.
Не грижете се за моделот на авион
Хасан Шахиди, извршен директор на „Флајт сејфти фаундејшн“ (Flight Safety Foundation)
„Кога ќе падне едно тркало, тоа не е голем проблем, но кога ќе паднат две, тоа е за загрижување“, вели Шахиди, додавајќи дека патниците со право се чувствуваат вознемирено. „Важно е тоа да не стане тренд“.
За жал, сега сме во тренд, посочува Шахиди, чија организација моментално работи на глобално ниво со авиокомпании, регулаторни тела и други страни во индустријата за да се фокусира на безбедноста на воздухопловството. А за одговорните тоа значи дека е време да се пронајдат пукнатините во темелот. Тој напор е во тек веќе неколку месеци, а Шахиди вели дека треба да видиме подобрувања во текот на следната година.
Во меѓувреме, како што вели тој, не се исплати да се избираат летови врз основа на авиони што изгледаат безбедно. „Повеќето од авионите што летаат денес се во служба со години без проблеми“, нагласува Шахиди. FAA исто така го одобрува „боинг 737 макс“ и има присуство на теренот.
„Четириесет проценти од американските патници всушност летаат со авиони што не се 'боинг' и 'ербас'. Тие се на мали регионални авиони 'ембраер', кои се користат ако одите некаде на кратки растојанија“, вели Шахиди.
Покрај тоа, додава тој, патниците имаат помала контрола отколку што мислат кога станува збор за изборот на авион. „Не можете многу да направите за да бидете селективни во врска со авионите“, нагласува Шахиди, истакнувајќи дека авионите може да се прераспределуваат врз основа на побарувачката. Исклучок, вели тој, е „ако летате приватно, тогаш можете да изберете“.
Познавајте го контекстот
Џон Гоглија, поранешен член на Националниот одбор за безбедност во транспортот
„Проблемите со одржувањето не се значително зголемени, но свесноста за овие прашања е зголемена“, рече Гоглија, искусен поранешен истражувач на НТСБ (NTSB) и кодомаќин на поткастот „Флајт сејфти детективс“ (Flight Safety Detectives), кој ги разгледува проблемите што влијаат на комерцијалната авијација.
Тој вели дека и на сосема новите авиони секогаш им било потребно дебагирање пред да влезат во нормален животен циклус. „Поправањето и отстранувањето на сите мали проблеми што ги имаа кога ја напуштаа фабриката секогаш беше болка“, вели тој, додавајќи дека задача на цели тимови е да се погрижат да ги фатат и поправат тие главно мали проблеми пред да се качи првиот патник.
Гоглија е загрижен за обуката на пилоти, особено во Азија, каде што, како што вели, нема доволно ветерани за екипирање на брзорастечките мрежи на маршрути. „Има многу пилоти почетници, но немаме многу квалификувани пилоти“, истакнува тој, предвидувајќи дека овој недостиг од искуство ќе биде зголемен извор на стрес за индустријата во следните неколку години.
Тој исто така се залага за носење појас, како и за цврсто држење на своите уреди. „Компјутери, мобилни телефони, секакви работи летаат за време на турбуленции и се надеваме дека никого нема да удрат во глава“, вели Гоглија. „Само обрнете внимание“.
И вие имате улога во безбедноста
Кетрин Криди, искусна новинарка за авијација
„Несреќите не се ретки, слушав за нив цела моја кариера, но тие укажуваат на нешто“, вели Криди, репортерка со над 30-годишно искуство во покривање на авиоиндустријата за големи медиуми, како „ЛА тајмс“, „Би-би-си“ и „Бизнис травел ексекјутив“. Како и Шахиди, таа вели дека откривањето на она што укажуваат ваквите несреќи е клучно за зауздување на кризата.
Постојат многу фактори што се виновни за неодамнешните незгоди во авиоиндустријата, вклучувајќи ги и недостигот од работна сила, лошото планирање за пензионирањето на пилотите, недоволното финансирање и „ноншалантниот однос на 'Боинг' кон безбедноста“, вели Криди. Поради овие предизвици, многу луѓе може да се чувствуваат немоќно пред сè поголемите пречки.
„Сознанието дека индустријата со целата колективна моќ работи на брзо решавање на овие проблеми е смирувачко за патниците“, посочува таа. Самите патници исто така може да имаат значително влијание со тоа што ќе повикаат на одговорност.
„Кажете им на вашите претставници во Конгресот дека сакате повеќе средства за безбедноста во воздухопловството, особено затоа што плаќате за тоа“, вели Криди, истакнувајќи дека даноците за авионски билети треба да го покриваат тоа финансирање. „Во Конгресот, кој и да се жали добива внимание и нема ништо погласно од еден куп гласачи што се жалат на безбедноста во авијацијата“.