Најлошата железничка несреќа во историјата на Грција почнува да го погодува премиерот Киријакос Мицотакис кој се подготвува за општите избори оваа година.
Граѓаните излегоа на улиците минатата недела во најголемиот протест во последната деценија по разорната железничка несреќа на линијата Атина-Солун во која загинаа 57 лица. Првата анкета по несреќата навестува можен пад на поддршката на Мицотакис. Гласачите се сомневаат во способноста на државата да управува и да ја подобри железничката мрежа.
Владата соопшти дека изборите ќе се одржат напролет, но најавениот план за одржување на гласањето на 9 април беше одложен по кобната несреќа. Во земјата нема да има избори пред Велигден, кој за православната црква е една недела подоцна на 16 април, изјави упатено лице. Крајниот рок за гласање е јули.
Трагедијата со возот носи дополнителна неизвесност за исходот од изборите. Партијата Нова демократија на Мицотакис имаше постојано водство од околу седум процентни поени пред железничката несреќа. Единствената анкета објавена по падот покажа дека неговата предност се намалува на околу 4,5 процентни поени.
„Довербата на јавноста во Владата е сериозно погодена, што се покажа и на првата анкета по трагичната несреќа. „Никој не би очекувал дека, по ефективно управување со последователни кризи од 2020 година, кредибилитетот на Мицотакис сега во голема мера ќе зависи од неговата способност да покаже дека неговата влада може да ги смени децениските државни неуспеси во функционирањето на железницата“, рече Јоргос Пагулатос, директор на атинскиот тинк-тенк Елиамеп
Иако се чини дека поддршката за Мицотакис опаѓа, ниту главните опозициски партии не растат. Анкетата покажа благ пад на поддршката за Сириза и социјалистичкиот Пасок, додека помалите партии покажуваат раст.
Независно од тоа кога ќе се одржи гласањето, пропорционалниот систем на Грција ќе и отежне на една партија веднаш да формира влада. Ова најверојатно ќе значи второ гласање еден месец подоцна, според полупропорционален систем што го олеснува формирањето на мнозинството.