Групата на големи земји во развој ги покани најголемиот извозник на нафта Саудиска Арабија, Иран, Египет, Аргентина, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати да му се приклучат на блокот, во обид да го прошири своето глобално влијание.
Лидерите на Бразил, Русија, Индија, Кина и на Јужна Африка се согласија да ја прошират својата група БРИКС на самитот што се одржа оваа недела во Јоханесбург, изјави во четвртокот јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса. Станува збор за прво проширување од 2010 година.
Прочитајте повеќе: БРИКС 2023: Со куп домашни проблеми кон нов глобален поредок
„Имаме консензус за првата фаза од овој процес на проширување и ќе следуваат другите фази“, рече Рамафоса, седејќи заедно со другите водачи од групата.
Вклучувањето на Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, заедно со Иран, ОАЕ и Бразил, би значело дека групата обединува неколку од најголемите производители на енергија, кои ги вклучуваат најголемите потрошувачи од земјите во развој, што ѝ дава огромно економско влијание. Имајќи предвид дека најголемиот дел од светската трговија со енергија се одвива во долари, проширувањето исто така ја зголемува способноста на блокот да се заложи за поголем дел од трговијата да се одвива во алтернативни валути.
Проширен БРИКС исто така би значел поголемо влијание за групата во светските работи и би можел да доведе до поинаков тип на глобална економија, според „Блумберг економикс“. Тоа е затоа што во споредба со Групата седум, БРИКС е помалку пазарно ориентиран.
Прочитајте повеќе: БРИКС ќе ја покани Саудиска Арабија да му се приклучи на блокот
Повеќе од 20 земји од глобалниот југ официјално аплицираа за членство пред самитот.
Проширениот блок БРИКС би учествувал со 44 отсто од светската економија до 2040 година, што би го надминало предвидениот удел во бруто-домашниот производ на Г7 од 21 отсто, се наведува во прогнозата на „Блумберг економикс“.