Aмериканскиот претседател Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп постигнаа победи на таканаречените прелиминарни избори во супервторникот во голем број држави, отворајќи го патот за историско повторување на судирот меѓу нив од претходните избори.
Трамп победи на гласањето на републиканците во повеќе од десет држави - вклучувајќи ги Калифорнија и Тексас - и се одбрани од предизвикот на поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, која беше неговиот единствен преостанат предизвикувач за републиканската номинација. По последните резултати, Хејли веќе нема реални шанси да ја добие номинацијата.
По убедливото претставување во 15 држави во супервторникот, Трамп речиси ја обезбеди својата трета последователна претседателска номинација и покрај тоа што се соочи со повеќе кривични пријави.
Прочитај повеќе
Прв пораз на Трамп, Хејли победи во Вашингтон
Ники Хејли победи на партиските избори во сојузната држава Вашингтон, забележувајќи ја првата победа во претседателската кампања годинава.
04.03.2024
Трамп ја победи Хејли во нејзината матична држава
Трамп ја водеше Хејли со повеќе од 20 процентни поени на околу 60 отсто преброени гласови
25.02.2024
Бајден на прес-конференција тврдеше дека има добро памтење, па направи нов гаф
Бајден силно - а во некои моменти и луто - се обиде да се бори против коментарите за неговото слабо помнење.
09.02.2024
Путин вели дека предвидливиот Бајден е подобра опција за Русија отколку Трамп
Владимир Путин ги даде своите први јавни коментари за американските претседателски избори.
15.02.2024
Трамп и Бајден го свртеа своето внимание еден кон друг кога резултатите станаа јасни. Во својот победнички говор во Мар а Лаго, Флорида, Трамп ја нападна имиграциската политика на Бајден и го нарече „најлошиот претседател“ во историјата. „Петти ноември ќе влезе како најважен ден во историјата на нашата земја“, рече Трамп.
Во својата изјава, Бајден повторно го претстави Трамп како закана за американската демократија. „Вечерашните резултати му оставаат на американскиот народ јасен избор: дали ќе продолжиме да одиме напред или ќе дозволиме Доналд Трамп да нè вовлече назад во хаосот, поделеноста и темнината што го обележаа неговиот мандат“, рече американскиот претседател синоќа.
Се очекуваше Бајден лесно да победи на прелиминарните избори на Демократската партија, иако активистите што се спротивставија на неговата силна поддршка за Израел ги повикаа муслиманските Американци и прогресивците да дадат неважечки гласови со гласање „не поддржувам никого“ во Минесота, како што правеа претходно во Мичиген.
Се предвидува дека Бајден ќе ја освои Минесота, но влијанието на гласачките ливчиња со „не поддржувам никого“ достигна 20,4 отсто со преброени околу половина од очекуваните гласови. Бајден победи во 14 други држави, вклучувајќи го и гласањето по пошта во Ајова, кое заврши вчера. Тој претрпе и еден пораз - на територијата на Американска Самоа, каде што претприемачот Џејсон Палмер победи со 51 глас, наспроти 40 за Бајден.