Растот на цената на нафтата ги спушти акциите додека трговците чекаа потврда дека Иран ќе се приклучи на САД во мировните преговори пред истекот на примирјето, додека двете страни сè уште се разидуваат околу клучните прашања.
Акциите го избришаа претходниот раст кој го постави индексот S&P 500 на пат кон рекорд. „Њујорк Тајмс“ објави дека патувањето на потпретседателот Џеј Ди Ванс во Исламабад е одложено откако Техеран не одговори на американските преговарачки позиции.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Сонцето ќе ја штити Европа од летен струен удар
Производството на струја од сонце и ветер во Европската Унија лани за првпат беше поголемо од производството од фосилни извори. Според најновиот извештај на аналитичкиот центар „Ембер“, чија примарна цел е забрзување на зелената транзиција, во текот на 2025 година ветерната и сончевата енергија генерираа над 30 отсто од електричната енергија во ЕУ или 841 TWh. Сите фосилни извори заедно генерираа 29,0 отсто или 809 TWh струја.
Трендот на раст на обновливите извори на енергија е константен во последната деценија, се наведува во извештајот. „Овој раст забрза во последните пет години, кога нивниот удел во електричната енергија на ЕУ се зголеми за повеќе од 10 процентни поени (од 19,7 во 2020 година до 30,1 отсто во 2025 година). Ова е во силен контраст со падот на енергијата од фосилни извори во истиот период, која се намали за речиси 8 процентни поени - од 36,7 во 2020 година на 29,0 отсто во 2025 година“, наведуваат аналитичарите на „Ембер“.
Пазарот танцува по работ - Волстрит ја игнорира војната и се обложува на технолошките гиганти
Волстрит е моментално заробен во една од оние ретки и опасни фази кога цената на берзата ја игнорира реалноста, на терен - тивко затишје што претходи на страшна бура. Додека тензиите на Блискиот Исток полека се заоструваат со истекот на двонеделното примирје меѓу САД и Иран, индексот S&P 500 тврдоглаво ги брани своите историски максимуми, обложувајќи се на сценарио во кое дипломатијата ќе се покаже посилна од артилеријата.
Инвеститорите играат игра со висок ризик, верувајќи дека пазарот развил имунитет на барут, но тој имунитет може да се покаже како пуста илузија уште во првите денови од наредната недела.
„ВИ-перење“: Што стои зад бранот откази во ИТ-секторот
„Мета“ вложува 135 милијарди долари во вештачка интелигенција оваа година, речиси двојно повеќе од минатата, и истовремено отпушта илјадници работници. „Амазон“ во 2025 година оствари рекордни приходи, а во првиот квартал од оваа година ја намали работната сила за 16.000 луѓе.
Образложението е исто во двата случаја: вештачката интелигенција (ВИ) бара прераспределба на ресурсите.
Зеленски: Нафтоводот „Дружба“ повторно е во функција
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека е завршена поправката на нафтоводот „Дружба“, со што повторно се овозможува проток на руската нафта кон Европа по тој правец. „Како што беше договорено во комуникација со Европската унија, Украина ја заврши поправката на делот од нафтоводот „Дружба“ оштетен во рускиот напад,“ стои во пораката на Зеленски на социјалната мрежа X „Нафтоводот може да продолжи со работа,“ додаде Зеленски.
Претседателот на Украина порача и дека одлуката треба да доведе до „деблокирање на европскиот пакет помош за Украина“ со што би се создале услови Европската унија да одобри неопходен заем за Украина во вредност од 90 милијарди евра.
Владата ги ограничи маржите за вештачките ѓубрива
Со сет мерки Владата ќе се обиде да ја стабилизира цената на вештачките ѓубрива во земјава. На денешната седница Владата донесе пакет одлуки кои се однесуваат на пазарот на ѓубрива, заштита на земјоделците и обезбедување континуирано снабдување во пресрет на земјоделската сезона.
„Овие одлуки се донесени согласно Законот за трговија, а врз основа на претходно направена анализа од страна на Министерството за економија и труд во соработка со Државниот пазарен инспекторат за движењето на цените на ѓубривата на домашниот пазар во трговијата на големо и трговијата на мало во периодот февруари-април 2026 годинана и за движењето на увозните цени на ѓубрива во периодот јануари-април 2026 година“, стои во соопштението.