text size
Компанијата БЈД (BYD) планира голем бран вработувања во Европа и има намера до 2030 година да го зголеми бројот на вработени во тој регион на околу 40.000, настојувајќи од обичен извозник да се трансформира во голем производител на автомобили на стариот континент.
Со тоа, БЈД би станал еден од најголемите работодавачи во европската автомобилска индустрија меѓу компаниите со седиште надвор од Европа.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Ограничувањето на увозот на хибриди може да донесе повеќе кинески фабрики
Европскиот план за ограничување на увозот на хибридни автомобили ќе го забави, но нема да го запре ширењето на кинеските производители во регионот.
Ограничувањето на увозот на хибридни автомобили во Европската Унија (ЕУ) на 350.000 возила годишно - значително под нивната очекувана продажба оваа година - повеќе ќе го погоди растот на кинеските производители отколку царините, кои не успеаја да го запрат продорот на нивните целосно електрични возила (ЕВ), оценија аналитичарите на „Блумберг интелиџенс“. Производството во фабриките во ЕУ ќе им помогне да го ублажат тој удар, наведоа тие.
„Производителите кои побрзо ќе воспостават производство во Европа треба да бидат во подобра позиција да ги ублажат овие ризици“, наведоа Џоана Чен и Џејсон Жао од „Блумберг интелиџенс“ во анализа.
Инвестициските фондови најбрзо растат на домашниот финансиски пазар
Отворените инвестициски фондови во Македонија имале пониски приноси во 2025 година, поради променливоста на меѓународните пазари, покажува најновиот Извештај за финансиската стабилност на Народната банка. Сепак, тие биле втора година по ред најбрзо растечкиот сегмент од финансискиот систем, односно нивниот вкупен имот во 2025 пораснал за 35,3 отсто на без малку 30 милијарди денари или околу 487 милиони евра.
„Притоа, околу половината од средствата на инвестициските фондови се вложени во домашни инструменти со фиксен принос, односно во депозити кај домашните банки и во домашни државни хартии од вредност. Оттука, стабилноста на банкарскиот систем и одржливоста на јавните финансии, заедно со движењата на домашните каматни стапки, претставуваат важни фактори за остварувањата на инвестициските фондови.“, објаснуваат од централната банка.
Носители на растот биле акциските фондови, чиишто вложувања претежно се фокусирани на странските пазари. Во текот на годината, дополнително се зголемило и учеството на отворените инвестициски фондови во бруто-домашниот производ (БДП) и во вкупниот финансиски систем, иако тоа и понатаму е мало, со ограничено значење за севкупната финансиска стабилност.
Владата со дискреција ќе може да ги отуѓува државните претпријатија
„Блумберг Адрија“ уште во март пишуваше дека Владата има намера да го среди хаосот во јавните претпријатија, а притоа е можно и отуѓување.
Собранието во јуни годинава го усвои Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост или со учество на Северна Македонија. Членот 24 од законот предвидува дека „акциите, уделите и сопственичките права на Република Северна Македонија во правните лица во сопственост или со учество на Република Северна Македонија се отуѓуваат во јавна, недискриминаторска и конкурентна постапка во согласност со законот и политиката на сопственички права“.
Институтот за демократија по донесувањето на Законот летово објави коментар во кој стои „алудирајќи на секвенцата предвидена со Реформската агенда, која преструктуирањето на поштата и железниците го врзува токму за спроведувањето на новиот закон, основано е да се очекува дека ќе следува отуѓување на државен капитал во значителен обем".
Нобел за економија за теорија што им помага на централните банки
Двајца академици со седиште во САД, кои го преобликуваа размислувањето на Џон Мејнард Кејнс по нафтените кризи во 1970-тите години, ја освоија Нобеловата награда за економија.
Роберт Е. Хол од Универзитетот Стенфорд и Мајкл Вудфорд од Универзитетот Колумбија ќе ја поделат наградата од 12 милиони шведски круни (1,2 милион долари) за нивната работа на „микроекономските основи на макроекономската стабилизација“, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм.
„Работата на лауреатите ни обезбеди стабилна теоретска основа за моделите што денес ги користат централните банки и владите ширум светот“, посочи во соопштение Џон Хаслер, претседател на комитетот за доделување на наградата. „Со нивна помош, подобро сме опремени да се справиме со економските шокови, како што се енергетските кризи или ненадејните промени во потрошувачката на домаќинствата.“
Суша на еден тропски остров може да ги поскапи вашите нови патики
Ако постои „Саудиска Арабија на јагленот“, тогаш тоа речиси сигурно е Индонезија. Оттаму потекнуваат околу две третини од вкупното количество енергетски јаглен што се испорачува на меѓународно ниво за производство на електрична енергија. Околу 80 проценти од него се ископуваат во само две провинции на островот Борнео. Превозот на целиот тој јаглен до пристаништата зависи од испраќањето влечни бродови низ неколку реки. Нарушувањата на овие тесни грла може да се одразат врз електричните мрежи низ цела Азија, заканувајќи се со прекини на напојувањето во фабриките што го снабдуваат светот со сè - од паметни телефони до патики.
Исто како што низата суви лета во последните години ја загрози улогата на Рајна како логистички автопат низ срцето на Европа, индонезиските реки се исклучително чувствителни на потоплата клима, за која во голема мера придонесува токму извозот на нивниот јаглен. Како што се намалуваат врнежите, опаѓа нивото на водата, а пловните канали се стеснуваат, повремено станувајќи целосно непловни. Впечатливите сателитски снимки на реката Барито покажуваат како песочните насипи зафаќаат сè поголем дел од нејзиниот кривулест тек.