Којa држава ќе биде 28-та членка на ЕУ и кога? Ова се главните прашања на кои се бара одговор на 20-то издание на Бледскиот стратешки форум. Главни ѕвезди на форумот беа премиерите на Црна Гора и Албанија, кои најмногу напредуваат во пристапните преговори, а комесарката за проширување рече дека двете држави би можеле да се приклучат на ЕУ уште пред 2030. За ситуацијата во која се наоѓа Македонија зборуваше хрватскиот премиер Пленковиќ. Според него, земјава се соочува со блокади поради билатерални спорови и треба да се најде заедничка стратегија за избегнување на вакви пречки во иднина, иако е скептичен дека во ЕУ ќе се постигне целосен консензус.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Како земјоделци од Македонија ја освојуваат Европа со дигитализација и иновации?
Дигитализацијата на земјоделството има значаен потенцијал за подобрување на ефикасноста, ефективноста, одржливоста и конкурентноста низ целиот сектор, а со тоа и на профитабилноста.
Развиените земји ѝ даваат приоритет на поддршката за целиот синџир на продукција на храната преку инвестиции и иновации во фармите, задругите, земјоделско-прехранбените бизниси и малите и средните претпријатија.
Домашните компании пред автоматизација: Колку се исплати таа?
Зголемени трошоци за работна сила, високи очекувања од клиентите и борба за нив во услови на постојано растечки конкурентски притисок се само дел од предизвиците со кои денес компаниите мора секојдневно да се справуваат натпреварувајќи се, пред сė, сами со себе во трката за оптимизација на производството и за максимално намалување на трошоците за што порентабилно работење.
Едно од истакнатите решенија во оваа предизвикувачка средина се инвестициите во автоматизација и роботизација на работењето (колку што е можно тоа). За среќа, технологијата е толку напредната што ваков тип на инвестиции повеќе или помалку се можни речиси во секоја компанија.
Како Манчевци стана магнет за странските туристи?
Локалитетот Манчевци, споменик на културата заштитен со закон, е новата туристичка атракција летово во Охрид. Иако првпат отворен за јавност уште пред 17 години, овој монументален сакрален објект од раното христијанство дури сега почна сериозно да го привлекува вниманието на странските гости, откако повеќе травел-инфлуенсери и туроператори речиси во исто време почнаа да го промовираат како скриено богатство што треба да се доживее.
„Охрид е археолошка Валхала“, вели Трајче Коциров, туристички водич, кој смета дека ова место најдобро го симболизира тоа поради фактот што историски е многу вреден и ја покажува искреноста на хеленизмот и античките македонски времиња.
Инвеститорите бегаат на сигурно, златото над 3.500 долари
Златото достигна рекордно ниво, надминувајќи 3.508 долари за унца, поттикнато од очекувањата за намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви (Фед) на САД и зголемената глобална неизвесност. Цената порасна за над 30 отсто годинава, што го прави едно од најуспешните вложувања меѓу суровините.
Растот е поддржан од сигналите на претседателот на Фед, Џером Пауел, дека намалување на каматите е можно, како и очекувањата дека новиот извештај за пазарот на трудот ќе покаже слабеење. Пониските каматни стапки ја зголемуваат атрактивноста на благородните метали, кои не носат камата.
„Дојче банк“ се враќа во индексот Euro Stoxx 50 по седумгодишна пауза
„Дојче банк“ (Deutsche Bank AG) повторно го зазеде своето место во главниот берзански индекс на еврозоната, седум години откако беше исфрлена од листата.
Германскиот кредитор им се придружува на „Сименс енерџи“ (Siemens Energy AG) и белгиската биотехнолошка компанија „Аргенкс“ (Argenx SE), кои исто така се промовирани во индексот Euro Stoxx 50, соопшти во понеделникот администраторот на индексот ISS Stoxx. Тие ги заменуваат производителот на 5Г-опрема „Нокиа“ (Nokia Oyj), автомобилскиот концерн „Стелантис“ (Stellantis NV) и производителот на коњак „Перно Рикар“ (Pernod Ricard SA), чии акции беа погодени од тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...