Стапката на раст на бруто-домашниот производ на Македонија во второто тримесечје од 2025 година е 3,4 проценти во однос на истото тримесечје од 2024 година, соопшти вчера Државниот завод за статистика. Во овој период поголем раст е забележан во градежништвото, трговијата на големо и мало, транспортот и складирањето, кај објектите за сместување и сервисните дејности со храна, рударство и вадење на камен и преработувачка индустрија. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2025 година, номинално расте за 6,1 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 68,5 проценти.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Над 70.000 лица во Македонија пријавиле доход од издавање имот под закуп
Во Македонија лани точно 71.671 даночен обврзник пријавиле дека оствариле доход од закуп и подзакуп на недвижности и други видови имот, што е намалување во однос на претходната година, кога 74.540 обврзници пријавиле дека оствариле доход по овој основ, информираат од Управата за јавни приходи за „Блумберг Адрија“. Иако минатата година имало намалување на бројот на обврзници што пријавиле ваков доход во однос на претходната година, лани имало зголемување на износот што УЈП го наплатила по основ на данок на доход од закуп.
Имено, во текот на 2023 година е наплатен износ од вкупно 814,4 милиони денари (13,2 милиони евра) по основ на данок на доход од закуп и подзакуп, додека во текот на 2024 година е наплатен износ од 897,9 милиони денари (14,6 милиони евра) по истиот основ. Во УЈП прашавме дали и на кој начин односно со какви механизми контролираат дали даночните обврзници редовно го пријавуваат доходот по основ на закуп и подзакуп.
Нова опсесија на македонските туристи: Зошто масовно патуваат во Исланд?
До неодамна далечна и недостижна авантура за македонските туристи, денес Исланд сѐ повеќе се позиционира како достапна опција. Според најновите податоци, интересот за патување во земјата на огнот и мразот достигнува рекордни нивоа и сериозно го менува туристичкиот пазар во државата. Од агенциите со кои контактиравме велат дека ваквиот тренд укажува на значителна промена во потрошувачките навики на патниците, кои сè повеќе инвестираат во уникатни и автентични доживувања наместо во класичен одмор.
За нив, оваа дестинација претставува и нова бизнис-можност. Аранжманите што им ги нудат на клиентите најчесто вклучуваат организирани групни тури со водичи, кои не само што го олеснуваат патувањето туку оваа скапа европска земја ја прават значително поисплатлива во споредба со индивидуално организираните излети.
Сите очи кон Врховниот суд: Ќе стане ли „Денот на ослободувањето“ најголемо фијаско на Трамп?
Врелиот костен околу прашањето дали ќе останат на сила новите царини со коишто американската администрација се обидува да ја преобликува глобалната трговија е во рацете на Врховниот суд на САД откако претседателот Доналд Трамп во средата до највисокиот суд поднесе жалба на одлуката на пониските судови кои пресудија дека новите давачки се нелегални. Трамп официјално побара Врховниот суд брзо да се изјасни по жалбата поради што конечната судбина на повеќето од царините, коишто се уште се во сила би можела да се знае многу побрзо од очекуваното.
Пред да ја поднесе жалбата до Врховниот суд, Трамп им рече на новинарите дека ако одлуката на Апелацискиот суд остане во сила „тоа би било уништување за нашата земја“. Тој додаде дека повеќе трговски договори, меѓу кои и оние со Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја, ќе бидат укинати доколку неговите глобални царини на крајот бидат прогласени за нелегални од страна на американскиот судски систем.
„Голдман Сакс“ прогнозира можен скок на златото до 5.000 долари за унца
Златото може да достигне речиси 5.000 долари за унца доколку се наруши кредибилитетот на Федералните резерви, а инвеститорите пренасочат само мал дел од вложувањата од државни обврзници во злато, соопшти „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.).„Сценарио во кое независноста на Фед би била нарушена веројатно би довело до повисока инфлација, пониски цени на акциите и долгорочните обврзници, како и ерозија на статусот на доларот како резервна валута“, наведуваат аналитичарите, меѓу кои и Саманта Дарт.
„За разлика од тоа, златото претставува средство за зачувување вредност што не зависи од институционална доверба.“ „Голдман Сакс“ претстави повеќе можни сценарија за движењето на цената на златото: основната проекција е скок до 4.000 долари за унца до средината на 2026 година; таканаречено ризично сценарио предвидува 4.500 долари; а процените одат и до речиси 5.000 долари доколку само еден отсто од приватно поседуваниот пазар на американски државни обврзници се пренасочи во злато.
„Епл“ подготвува ривал на ЧетГПТ
„Епл“ (Apple Inc) планира следната година да лансира сопствена алатка за пребарување базирана на вештачка интелигенција (ВИ), наречен ВКА (World Knowledge Answers), во обид да се вклучи во растечката трка за ВИ-доминација, директно конкурирајќи му на ЧетГПТ (ChatGPT) на „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Перплексити“ (Perplexity AI).
Новата алатка ќе биде интегриран во гласовниот асистент Сири (Siri), со можност подоцна да се прошири и во прелистувачот Сафари (Safari) и пребарувањето Спотлајт (Spotlight) на ајфон, според лица запознаени со проектот. Лансирањето е планирано за пролетта 2026, како дел од долгоочекуваниот редизајн на Сири, кој вклучува функции со генеративна ВИ.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...