„Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group, Inc.), каде што долго време имаат оптимистички став за златото, соопшти дека постои простор за натамошен раст на овој благороден метал. Ако приватните инвеститори насочат повеќе капитал кон злато, тоа може значително да ги надмине сегашните прогнози на „Голдман Сакс“ од 4.000 долари по унца за средината на 2026 година и 4.300 долари до крајот на следната година. Банката пред еден месец наведе дека златото би можело да се приближи до 5.000 долари по унца ако во него се инвестира само еден отсто од капиталот на приватниот сектор што држи американски државни обврзници.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Кои компании се најзадолжени кај македонските банки?
Од вкупно 59.909 субјекти од корпоративниот сектор во Македонија што доставиле годишни сметки во Централниот регистар за 2024 година банките имале кредитна изложеност кон само 19.618 од нив, покажуваат податоците на Народната банка. Убедливо најзадолжени кај македонските банки се компаниите од индустријата кои на крајот од 2024 година должеле вкупно 87,1 милијарди денари (1,41 милијарди евра).
Веднаш зад нив, се компаниите од трговијата, транспорт, складирање и угостителство со износ од 86,3 милијарди денари (1,40 милијарда евра). Од Народната банка во последниот извештај за финансиската стабилност на Македонија во 2024 година укажуваат дека вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во текот на 2024 година забрзано растел, со речиси двојно повисока годишна стапка (13,1 проценти, наспроти 5,9 проценти во 2023 година).
Еуриборот не падна под 2 отсто, намалувањето на каматите на пауза
Очекувањата од почетокот на годинава дека до средината или евентуално до крајот на 2025 година Еуриборот, каматната стапка по која банките меѓу себе си позајмуваат пари, ќе падне под два отсто, во моментов изгледаат неостварливо. Шестмесечниот Еурибор во текот на годинава падна на најниско ниво (2,016 отсто) на почетокот на јули, пред состанокот на ЕЦБ, кога креаторите решија да ја дигнат рачната и да го запрат циклусот на монетарно олабавување.
ЕЦБ и во септември не ја промени депозитната стапка и таа остана на нивото од два отсто. Шестмесечниот Еурибор го дочека крајот на септември на ниво од 2,096 отсто, а минатата недела имаше највисока вредност од мај наваму. Во моментов е неизвесно дали ЕЦБ на крајот на годината уште еднаш ќе ја намали депозитната стапка, со оглед на тоа дека податоците за инфлацијата се неповолни, а ефектот од царинските политики на Трамп сè уште не е целосен.
„ЏП Морган“ ја крена проекцијата за акцијата на „Алибаба“ на рекордно ниво
„ЏП Морган Чејс“ (JPMorgan Chase & Co.) ја зголеми својата проекција за цената на акциите на „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) котирани на берзата во Хонгконг за речиси 45 отсто, поставувајќи ја највисоката вредност меѓу аналитичарите што ги следи „Блумберг“. Новата цел од 240 хонгконшки долари (31 американски долар) по акција до крајот на 2026 година значи раст од 36 отсто во однос на затворањето на берзата во вторникот.
Вреднувањето, кое е 12 пати над проектираната добивка на банката за фискалната 2028 година на „Алибаба“, „нуди значителен простор“ за раст, напишаа аналитичарите предводени од Алекс Јао, наведувајќи подобрени приходи од облак-секторот и посилната усогласеност меѓу ВИ и е-трговијата. Акциите на „Алибаба“ котирани во Хонгконг скокнаа за 53 отсто во септември, што беше најдобар резултат на индексот Hang Seng.
ЕУ предлага двојно зголемување на царината за увоз на челик – на 50 отсто
Според нацрт-предлог во кој „Блумберг“ имал увид, Европската Унија планира да ги зголеми царините за увоз на челик на 50 отсто. Со овој потег, блокот ќе ја усогласи стапката со САД, кои се обидуваат да се спротивстават на прекумерното производство од Кина. Во моментов ЕУ има привремен механизам за заштита на челичната индустрија, кој наметнува царина од 25 отсто на повеќето увози по исцрпувањето на квотите.
Таа мерка истекува следната година, а Унијата работи на негова замена со постојан механизам, кој планира да го претстави следната недела. Европската комисија, која е одговорна за трговските прашања во ЕУ, планира да ја зголеми царинската стапка на 50 отсто „за да се минимизира ризикот од пренасочување на трговијата“, се наведува во нацрт-документот.
„Ситигруп“ станува новата финансиска база за богатството на Трамп
По години одбивање од страна на големите банки, парите на американскиот претседател Доналд Трамп најдоа ново прибежиште: „Ситигруп“ (Citigroup Inc). Синот на американскиот претседател Ерик Трамп станал клиент на третата најголема американска банка, во која основал фонд каде што сега ќе се чува дел од богатството на неговиот татко, велат добро упатени извори.
Соработката почнала уште во ноември лани, откако извршната директорка Џејн Фрејзер му се јавила да му честита на претседателот Трамп за изборната победа. Новиот фонд е чувствителна тема во рамките на банката, која разгледувала како да го ограничи пристапот до информациите само на неколку клучни вработени – како што се шефот на управување со богатство Енди Зиг, кој всушност ги водел разговорите со Ерик Трамп, и Кент Лакен, банкар на „Ситигруп“ задолжен за соработката, велат некои од соговорниците.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...