Изминатата недела на светските пазари донесе една од најјасните лекции оваа година: ентузијазмот околу вештачката интелигенција (ВИ) не е имун на реалната бизнис-состојба на водечките компании во секторот, а американската централна банка Фед и покрај намалувањето на каматните стапки, веќе не настапува единствено.
Во фокусот беше судирот меѓу високите очекувања и реалноста, што најсилно се почувствува на Волстрит.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Бјорн Габриел: Македонија е меѓу регионалните предводници во зелената транзиција
Од 2009 година преку различни иницијативи на Европската инвестициска банка (ЕИБ), помош добија повеќе од 2.500 компании, што значи поддршка за околу 140.000 работни места низ земјата. Вкупно од независноста до денес, ЕИБ инвестираше над 1,6 милијарда евра во клучните сектори за развој на земјата како инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги.
Сега фокусот е на зеленото финансирање и обезбедувањето соодветна помош за енергетска трансформација и воведување иновативни практики за поеколошко работење.
Напредокот во оваа област, очекувањата за исполнување на ограничувањата за емисии на јаглерод диоксид и усогласувањето со европската законска регулатива се дел од прашањата за кои во ексклузивно интервју зборуваме со претставникот на ЕИБ во Македонија, Бјорн Габриел.
Како ќе се движат цените на природниот гас?
Цените на европскиот природен гас продолжија да опаѓаат, бидејќи поблагите зимски временски услови продолжија да ја ограничуваат побарувачката за енергенти. Во третото тримесечје од 2025 година, просечната TTF цена беше 32,9 евра/MWh, што е намалување во однос на 35,6 евра/MWh во истиот период од 2024 година.
Намалувањето е резултат на послабата индустриска побарувачка и забрзаното полнење на европските капацитети за складирање, како и неутрализирањето на влијанието на азиската конкуренција за течен природен гас (LNG).
По минималниот пораст во претходните денови, цените се повлекоа и се задржаа на најниско ниво во изминативе 19 месеци. Оваа година, Европа се чини дека добро ја пребродува грејната сезона, благодарение на стабилните залихи на течен природен гас (LNG) и приливот на гас од норвешките цевководи, иако динамиката на снабдувањето со LNG неодамна се забави.
ЕУ влегува во клучна недела
Европската Унија (ЕУ) неделава се наоѓа на пресвртна точка, обидувајќи се да покаже дека е геополитичка сила. Во наредните денови, блокот има два клучни рока: да ја финансира борбата на Украина против Русија без помош од Вашингтон и да покаже дека може да ги диверзифицира каналите на снабдување и да ја прошири трговијата со Јужна Америка.
Со оглед на тоа што администрацијата на Трамп ја прекина помошта за Украина, сега е на Европа да спречи Киев да биде принуден на нерамномерен мировен договор или дури и да биде прегазен од руските сили. Трговскиот договор, во меѓувреме, стана тест од висок профил за тоа дали Европа може да ги исполни ветувањата да понуди веродостојни алтернативи на САД и Кина.
Ќе излезе ли „Спејс екс“ на Маск на берза во 2026?
„Спејс екс“ (SpaceX) оди чекор понатаму со интерна продажба на акции што ја вреднува компанијата на Илон Маск за производство на ракети и сателити на околу 800 милијарди долари, со што се поставуваат темелите за она што би можело да биде најголемата иницијална јавна понуда (ИПО) на сите времиња.
Во порака на компанијата, во која „Блумберг“ имал увид, „Спејс екс“ наведува дека се подготвува за можна јавна понуда во 2026 година, чија цел би била финансирање на „лудото темпо на летови“ на развојниот ракетен систем „Старшип“ (Starship), вештачката интелигенција (ВИ) и дата-центрите во вселената, како и база на Месечината.
Доколку Маск одлучи да продолжи со ИПО, тоа би бил уште еден впечатлив потфат, но би зависел од низа амбициозни и ризични планови што „Спејс екс“ би морал да ги реализира во наредните години.
Криопрезервација: Инвестиција во вечен живот
Криопрезервацијата е напредна медицинска процедура која човекот го става во целосна биолошка пауза по неговата законска смрт. Целта е да се зачува телото сè додека медицинската технологија не напредува доволно за да ја излечи причината за смртта и да овозможи оживување. Иако звучи како научна фантастика, зад оваа идеја стои комплексен бизнис-модел со конкретни одговори на прашањата за долгорочна одржливост, поврат на инвестициите и регулаторни ризици.
Емил Кенџиорa, коосновач и извршен директор на компанијата Tomorrow Biostasis, една од водечките европски компании во оваа област, ја откри финансиската и оперативната позадина на бизнисот заснован на надеж во иднината.
Едно од клучните прашања за секој што размислува за стогодишен „сон“ е што гарантира дека средствата за одржување ќе бидат безбедни низ децении, па дури и векови.