Фјучерсите за суровата нафта Брент достигнаа 70 долари за барел за прв пат од септември, откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран да склучи нуклеарен договор или да се соочи со воени напади. Глобалниот репер за нафта се зголеми за дури 2,9 проценти, додека американската Вест Тексас Интермедиет (WTI) надмина 65 долари.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонската берза го допре дното: Јануарски мечкин пазар или тренд за цела 2026?
Тоне ли Македонската берза во мечкин пазар е прашање што заслужува внимание ако се земе предвид дека Македонскиот берзански индекс (МБИ10) во средата (28 јануари 2025 година) падна на 9.914 поени, што е убедливо најниско ниво во изминативе дванаесет месеци. Трендот на опаѓање на берзата почна уште во текот 2025 година која на крајот заврши со пад на бројот на трансакции од 17,4 проценти, пад на прометот од 28,4 проценти и пад на МБИ10 од 1,43 проценти во однос на претходната година.
Кои се причините за ваквиот тренд на берзата?Дали глобалните тензии и нестабилност влијаат врз активноста на домашните инвеститори или главните причини треба да се бараат на домашно тло?Што може да се очекува до крајот на годината?Како да се поттикне развој на пазарот? Ова се само дел од прашањата на кои се обидуваме да дадеме одговор во нашата анализа.
Свртете се околу себе: меурите се насекаде!
Два месеца пред Црниот вторник, берзанскиот крах што доведе до Големата депресија, економистот од Масачусетс, Роџер Бабсон, загрижен поради бранoт мали инвеститори аматери кои се задолжувале за да купуваат акции, во едно обраќање изјавил дека „порано или подоцна ќе дојде до крах и тој може да биде ужасен“. По ова, берзанските индекси паднале за три отсто, што во тоа време било познато како „Бабсонов крах“ (Babson Break).
Меѓутоа, во неделите што следеле, пазарот ги игнорирал мрачните предупредувања на Бабсон, делумно поради оптимизмот во врска со новите производи за широка потрошувачка, како радиото и автомобилите, пишува Ендрју Рос Соркин во своето впечатливо, неодамна објавено историско дело „1929: Поглед однатре на најголемиот крах во историјата на Волстрит – и како разори една нација“.
Зошто лидерите се борат за влез во ексклузивниот клуб на Трамп?
Додека вниманието на европските сојузници и глобалната елита во Давос беше насочено кон реториката на Доналд Трамп за „купувањето“ на Гренланд и егзистенцијалната неизвесност на НАТО, американскиот претседател ја приватизираше архитектурата на меѓународниот мир. Воспоставувањето на Одборот за мир не е само уште еден во низата ексцентрични потези на Трамп, туку воспоставување паралелен оперативен систем на глобално управување што директно го предизвикува воспоставениот поредок на Обединетите нации.
Она што на површината изгледа како дипломатска иницијатива, во својата суштина има прагматична економска логика. Ова што го следиме во реално време е комерцијализација на решавањето на конфликтите, во која плаќањето обезбедува привилегирана улога во работата за реконструкција по нивното завршување. Билетот за столче на масата чини милијарда долари, а целта не е само мир туку и надзор на еден од најголемите инфраструктурни проекти на иднината - реконструкцијата на Газа.
„Лукоил“ му продава најголем дел од странските средства на американскиот гигант „Карлајл“
Руската „Лукоил“ (Lukoil PJSC) се согласи да му го продаде поголемиот дел од своите меѓународни средства на американскиот гигант за приватен капитал „Карлајл“ (Carlyle Group). Договорот не ги опфаќа средствата во Казахстан, соопшти енергетскиот производител во изјава во четвртокот. „Лукоил“ наведе дека трансакцијата подлежи на регулаторни одобренија и дека продолжува разговори со други потенцијални купувачи. Финансиските услови не беа објавени.
САД лани ја ставија компанијата на црната листа, заедно со конкурентот „Роснефт“ (Rosneft PJSC), додека администрацијата на Трамп го засили притисокот врз Кремљ за да ѝ се стави крај на војната во Украина. Потегот предизвика шок низ земјите во кои работи „Лукоил“, поради што некои влади побараа од Вашингтон специјални лиценци.
„Тесла“ го гаси производството на два модели автомобили, ќе прави роботи
„Тесла“ планира да потроши 20 милијарди долари оваа година за рационализација на својата линија на електрични возила и пренасочување на ресурсите кон роботика и вештачка интелигенција, дел од низа сеопфатни промени што ја туркаат компанијата подалеку од своите корени како производител на автомобили.
Плановите за капитални расходи објавени во средата - приближно двојно повеќе од очекувањата на Волстрит - ќе поддржат проширување на производството во повеќе фабрики, зголемување на новонастанатиот бизнис со роботакси и изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција. „Тесла“ исто така откри планови за прекин на производството на возилата „модел С“ и „Х“ и посветување на тој капацитет на фабриката на производство на хуманоидни роботи Оптимус.