Полицијата во Лондон го уапси, па го пушти поранешниот принц Ендруј, брат на кралот Чарлс и омилен син на покојната кралица Елизабета. На товар му се ставаат нелегални активности поврзани со дискредитираниот финансиер Епстајн. Тој пак, со години имал желба да се сретне со Путин, но изгледа дека не успеал.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Критични суровини: ЕУ забрзано прави планови за да се заштити од Кина
Европската Унија забрзано прави планови да ги зголеми резервите со критични суровини. Поради огромната зависност од Кина, критичните суровини се Ахилова петица на Стариот Континент и го забавуваат индустриското закрепнување. Овие суровини се основа за производство на современа технологија и воена опрема.
Клучни играчи во овие планови се Италија, Франција и Германија. Според договорот постигнат на почетокот на овој месец, Франција би била задолжена за финансирање на набавките, Германија би управувала со изворите на снабдување, а Италија би била задолжена за складирање.
Како да го диверзифицирате портфолиото преку инвестиции во земјоделството?
Можете ли да заработите пари од земјоделството и дали можете да инвестирате во него? Земјоделството е многу поширок сектор од поединечните компании и претставува важен дел од глобалниот пазар на стоки. На меѓународните берзи, најлесниот начин за инвестирање во земјоделството е преку земјоделски ЕТФ-ови(фондови кои се тргуваат на берза) и акции на „агробизнис“ компании.
Инвеститорите можат да добијат изложеност на земјоделството преку цените на суровините како што се пченка, соја, шеќер и кафе, чие зголемување на цените директно ја зголемува вредноста на инвестицијата. Друг начин е да се инвестира во акции на „агробизнис“ компании, вклучувајќи производители на земјоделска механизација, ѓубрива и храна, како што се „Дир енд ко“ (Deere & Co), „Тајсон фудс“ (Tyson Foods) и „Нутриен“ (Nutrien). Овие компании остваруваат раст на приходите кога се зголемува глобалното производство на храна и побарувачката за земјоделски инпути.
Акциите паѓаат поради геополитичките тензии
Повратот на американските акции од минатонеделните потреси околу вештачката интелигенција се истроши денеска, бидејќи тензиите со Иран ги ставија трговците во неизвесност.
Индексот S&P 500 падна за 0,5 отсто во Њујорк, додека технолошкиот Nasdaq 100 се намали за 0,6 отсто. Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД мора да „постигнат значаен договор“ со Иран, додека американската војска распоредува голем број сили на Блискиот Исток, што предизвикува загриженост на Волстрит околу можни ескалации. Комуналните дејности, енергетиката, индустријата и комуникациските услуги беа единствените четири сектори во пораст денеска, додека финансискиот сектор и информатичката технологија го водеа пазарот надолу.
Може ли вештачката интелигенција да ни каже колку треба да платиме за уметничко дело?
Стивен Смит (56), колекционер на уметнички дела од Велика Британија, купува графики преку платформата „Мај арт брокер“ (MyArtBroker), која од 2024 година продава и менаџира со дела од секундарниот пазар. Истата година тој го купил делото „Ехо“ од британската апстрактна уметница Бриџит Рајли за 7.500 фунти.
Тој ја користи алатката за моментално вреднување на платформата и ја смета за корисна бидејќи претходно преплатил за дела купени во галерии. „Таа дава доста добра и точна претстава за тоа колку вреди одреден графички приказ во тој конкретен момент“, вели тој.
Во што вложува Новак Ѓоковиќ и зошто парите не му се најважни
Името на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ не асоцира само на врвен спорт и рекорден број освоени титули, туку и на одреден пристап кон здравјето и животната средина. Овој пристап се истакнува и кога станува збор за неговите избори при инвестирање. Ѓоковиќ досега вложил во повеќе компании чии цели се поклопуваат со неговите начела - од брендови кои со своите производи сакаат да ја намалат употребата на пластика до компании што се занимаваат со иновативни методи во медицината.
Овој спортист со најмногу освоени гренд слем титули во машка конкуренција во историјата на тенисот е познат по тоа што внимава како се храни и како тренира, не само за да постигне врвни резултати, туку и за да го прави тоа на одржлив начин. Со други зборови, холистичкиот пристап што опфаќа храна без глутен, правилна хидратација, квалитетен сон, вежбање и ментална подготовка стана синоним за Ѓоковиќ.