Емануел Макрон изјави дека Франција ќе го зголеми бројот на нуклеарни оружја во обид да ја зајакне атомската одбрана на Европа, бидејќи американските безбедносни обврски кон континентот се нестабилни.
„Засилувањето на нашиот арсенал е неопходно,“ рече Макрон во говор во понеделникот.
Моменталниот арсенал на Франција со 290 боеви глави е приближно на исто ниво како во 1984 година. Нуклеарниот арсенал на Франција достигна врв во раните 1990-ти со дури 540 боеви глави.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Како нафтениот шок ќе се прелее во Македонија и регионот?
Конфликтот меѓу САД и Израел со Иран, со ризик од понатамошна ескалација, силно ја зголеми премијата за ризик на енергетските пазари. Иран произведува околу пет проценти од светската нафта, а околу 20 проценти од глобалните текови минуваат низ Ормускиот теснец, каде што танкерите веќе се вратија по иранските предупредувања. Според најавите, затворањето на теснецот би можело да ја турне цената на нафтата кон 108 американски долари, додека во поблагото сценарио би се движела околу 80 американски долари за барел.
За земјите од регионот Адрија, зголемувањето на цената на нафтата обично брзо се прелева на малопродажните цени на горивата, иако тие имаат делумно регулирани модели на формирање на цените, зголемувањето на суровата нафта и влезните рафинерски премии нужно би ги зголемило цените на бензинот и дизелот во следните недели. Повисоките цени на горивата потоа се прелеваат на транспортот, логистиката, земјоделството и индустријата, што во регионот, кој е многу зависен од увозот на енергија, значи обновен притисок врз инфлацијата, дури и ако нејзиниот тренд на опаѓање беше стабилен до неодамна.
Нафта ќе има, но ќе биде скапа
Вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со која бензините поскапеа за еден денар, а цената на дизелот остана иста е само почетокот, до крајот на неделата поскапувањето ќе биде позначително, велат за „Блумберг Адрија“ извори од нафтениот бизнис.
Новата цена на дериватите во земјава е одраз на петдневниот просек, главно од минатата недела, кога цените се движеа меѓу 70 и 72 долари за барел. Вчера, пак, на отворањето на пазарите, по нападот врз Иран во текот на викендот, нафтата забележа највисок скок во последните четири години. Цената порасна на 82 долари за барел, што е раст од 13 отсто во однос на петочното тргување. Во текот на денот барел од типот брент се стабилизира на над 78 долари.
И другиот фактор што ја креира цената на нафтата во земјава расте. Доларот, според мерачот на „Блумберг“ за доларот, се зголеми за дури 0,7 проценти, на највисоко ниво од почетокот на февруари. Нашите извори велат дека токму поради растот на цената на нафтата и вредноста на доларот може да се очекува до крајот на оваа недела цената на дериватите да се зголеми меѓу 6 и 8 денари за литар.
Што се крие зад пазарот на приватните кредити?
Еден дел од финансискиот систем во последните петнаесет години порасна екстремно брзо, како директен одговор на построгата регулатива воведена по кризата во 2008 година. Она што тогаш беше претставено како решение за прекумерниот ризик на банките, денес сè повеќе се гледа како потенцијален нов извор на проблеми. Но што всушност се крие зад овој паралелен систем на финансирање и дали приватните заеми се следната голема точка на ризик на пазарот?
Додека инвеститорите внимателно следат дали големите технолошки компании и вештачката интелигенција формираат нов пазарен меур, во исто време светот на приватните кредити расте - пазар што финансира мали и средни, честопати поризични компании, кој денес управува со околу три билиони долари. Токму поради брзината на растот и ограничената транспарентност, овој сектор сè повеќе ги загрижува регулаторите, банките и професионалните инвеститори.
Негативни реакции на регионалните берзи
Регионалните пазари на капитал забележаа негативни реакции, следејќи го трендот на пад присутен и на глобалните берзи. Иако настаните не се директно поврзани со економските фундаменти на регионот и, освен можни енергетски шокови во случај на понатамошна ескалација или затворање на Ормускиот теснец, не би требало да имаат непосредно влијание врз локалните економии, доминантниот пазарен сентимент се покажа како клучен двигател. Како и на други места, инвеститорите на регионалните пазари вградуваат премија за ризик поврзана со неповолно геополитичкo сценарио, што јасно се одразува на движењето на водечките берзански индекси.
Најсилни реакции во текот на вчерашниот ден беа забележани кај најликвидните пазари и индекси. SBITOP и CROBEX10 го предводат падот, главно поради поголемиот обем на тргување и побрзото пренесување на глобалните шокови во цените на имотот. Поголемата ликвидност исто така значи и поголема чувствителност на промените во перцепцијата на ризикот, бидејќи институционалните инвеститори во такви околности побрзо ги прилагодуваат портфолијата.
Напад врз голема рафинерија во Катар
Катар го запре производството на течен природен гас (ЛНГ) во светски најголемата извозно ориентирана фабрика „Рас Лафан“ (Ras Laffan) на „Катар енерџи“ (QatarEnergy) откако објектот беше погоден во напад на ирански дронови, што предизвика остро покачување на цените на гасот во Европа за над 50 отсто и ги потресе глобалните енергетски пазари. Фабриката обезбедува околу петтина од светската понуда на ЛНГ, а ненадејното запирање го загрозува снабдувањето со енергија ширум светот.
Цените на гасот во Европа скокнаа најмногу од енергетската криза во 2022 година, додека залихите се необично ниски и регионот ќе треба да увезе големи количини на ЛНГ ова лето за да ги наполни складиштата пред зимата. Ормускиот теснец, преку кој поминува околу 20 отсто од светскиот ЛНГ, бележи драматично забавување на сообраќајот, а „Катар енерџи“ прогласи присилно прекинување за своите договорни обврски.