text size
Една од најголемите реформи на германскиот пензиски систем откако канцеларот Ото фон Бизмарк го основал кон крајот на 19 век ќе им стави на располагање на современите менаџери на фондови нов огромен износ пари за инвестирање.
По многу години прифаќање ниски приноси во замена за гарантиран капитал, земјата се подготвува да се оддалечи од конзервативните хартии од вредност и осигурителните полиси и да субвенционира поширок спектар инвестиции, од индексни фондови до приватно кредитирање.
Во системот со три столба, само приватните пензиски средства се очекува да се удвојат на околу 500 милијарди евра (577 милијарди долари) во следната деценија, според БВИ, здружението на германската индустрија за управување со фондови.
Прочитај повеќе
Зошто Европа се мачи да ги наполни своите резерви на гас пред зимата?
Пред четири години, владите и енергетската индустрија во регионот потрошија рекордни суми за да ги надополнат сериозно исцрпените залихи.
13.08.2026
Инвеститорите профитираат од отпорноста на Европа
Европа повторно ги привлекува глобалните инвеститори, откако силните корпоративни добивки и умерениот економски раст ги зголемија вложувањата во акции и обврзници.
11.08.2026
„Фолксваген“ мора брзо да се менува, порача сопственикот на „Порше“
Мнозинскиот сопственик на „Фолксваген“ ја повика најголемата европска автомобилска компанија побрзо да преземе мерки за намалување на трошоците и на вишокот производствени капацитети со цел повторно да стане конкурентна.
07.08.2026
Германското индустриско производство расте поттикнато од автомобилската индустрија
Германското индустриско производство порасна трет месец по ред, што е уште еден знак дека најголемата европска економија успешно се спротивставува на негативните последици од војната со Иран.
07.08.2026
„Порше“ ќе укине 5.000 работни места до 2035 година
Новиот план на „Порше“ е дел од пошироката програма за намалување на трошоците во групацијата „Фолксваген“, која е под силен притисок поради слабеењето на кинескиот пазар.
27.07.2026
Менаџери како „ДВС“ (DWS Group) на „Дојче банк“ (Deutsche Bank AG), „ЏП Морган“ (JPMorgan Asset Management) и „Вангард груп“ (Vanguard Group) се во трка да подготват нови производи за 1 јануари 2027 година, кога новиот систем стапува во сила. Тие веќе имаат поволни услови - новиот интерес за инвестирање на индивидуалните инвеститори ѝ помогна на индустријата на фондови во Германија годинава да надмине пет билиони евра средства под управување.
Иако сегашната реформа ја спроведува владата на канцеларот Фридрих Мерц, политичката промена што го овозможи новиот пристап се подготвува долго време, а доби на интензитет за време на претходната влада во 2023 година. Таа покажува дека во најголемата европска економија созрева сознанието дека подготовката за староста суштински се променила - Германците конечно прифаќаат поголем ризик во настојувањето да обезбедат удобна пензија.
„Пензиската реформа ќе го промени светот на пензиското штедење во Германија, со премин од депозити кон акумулирање богатство на пазарите на капитал“, изјави Бјорн Дејер, раководител за пензиско обезбедување во ДВС. „Тоа се пренесува низ целата индустрија за управување со средства во земјата.“
Германците во голема мера зависат од државните пензии
Другите пензионери добиваат поголем дел од своите приходи од пазарите
Забелешка: Шведска се наведува како пример за европската пензиска реформа/Извор: Organisation for Economic Co-operation and Development
Пензиското обезбедување стана најголемиот поединечен проект во ДВС, кој управува со околу 1,1 билион евра. Компанијата издвои „значителен износ“ ресурси и повеќе вработени кои се посветени на пензиското обезбедување, изјави Дејер во интервју од Франкфурт. Компанијата започна кампања за подигнување на свеста кај индивидуалните клиенти и летна обука за новите производи за своите продажни партнери, рече тој.
Причината е што милиони граѓани на земјата би можеле да бидат пред своите први чекори како инвеститори, поттикнати од сознанието дека пензиската математика на која се потпирале нивните родители и баби и дедовци веројатно нема да функционира толку добро за нив.
Германските советници за пензионирање често препорачуваат пензионерите да обезбедат 80 отсто од својата последна нето-плата за да го задржат квалитетот на животот. Сепак, за многу луѓе таа бројка е значително пониска.
„Нето-стапката на замена“ - колкав дел од приходите пред пензионирањето може да се очекува - од задолжителниот пензиски систем за работниците со просечни примања кои почнуваат да работат оваа деценија се очекува да изнесува 53 отсто, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Со вклучување на доброволните приватни пензиски системи, бројката се зголемува на околу 68 отсто, покажуваат пресметките на ОЕЦД.
„Билиони се наоѓаат на банкарските сметки на штедачите и тие пари треба да станат попродуктивни за да се зајакнат финансиската отпорност на граѓаните и европската економија“, изјави во интервју Ен Прендергаст, раководителка за Европа, Блискиот Исток и Африка во „Стејт стрит инвестмент менаџмент“ (State Street Investment Management).
Германската влада го реформира пензискиот систем на земјата
Ќе има промени во сите три столба за системот да стане поодржлив
Во тек се неколку реформи. Задолжителниот пензиски систем заснован на тековно финансирање, кој веќе троши околу една четвртина од федералниот буџет, најверојатно ќе насочи повеќе од 30 милијарди евра кон финансиските пазари. Владата, исто така, сака да го зголеми учеството во професионалните пензиски шеми, во кои работодавачите уплаќаат дополнителни средства.
Но засега финансиската индустрија е фокусирана на една реформа што ќе овозможи приватните пари да се насочуваат кон субвенционирани брокерски сметки. Таа го заменува системот Ристер, воведен во почетокот на 2000-тите години, кој нудеше гарантиран капитал, но ниски приноси.
Бројот на договори за приватни пензии во Германија се намалува
Во производите Ристер доминираат осигурителните компании, со сигурен капитал, но ниски приноси
Новиот систем ја приближува земјата уште еден чекор до САД, каде што луѓето инвестираат во хартии од вредност и фондови преку индивидуални пензиски сметки со даночни поволности.
Широко се очекува новиот германски систем да им оди во прилог на евтините берзански тргувани фондови, бидејќи надоместоците за таканаречената стандардна сметка ќе бидат ограничени на еден отсто. Инвеститорите ќе можат да платат повеќе за пристап до други производи, како што се европските долгорочни инвестициски фондови, или ЕЛТИФ, инструмент за индивидуални инвеститори за вложување во приватен капитал, приватно кредитирање и инфраструктура.
Во зависност од прифаќањето на системот, „Ес енд Пи глобал“ (S&P Global Ratings) проценува дека реформата ќе овозможи дополнителни годишни приливи од 26 до 56 милијарди евра во германските приватни пензии, по период на вклучување што може да трае до две години. Тоа ѝ дава на индустријата за управување со фондови насока за приливите во следната деценија, под услов рано да привлече клиенти.
„Откако ќе влезете, можеби нема да сакате да се префрлите“, изјави во интервју Бенјамин Хајнрих, аналитичар во „Ес енд Пи“. „Мислам дека се потценува склоноста на германските клиенти да останат кај истиот давател на услуги. Некои банки го гледаат ова како можност што се појавува еднаш во животот. Голем дел од пазарниот удел ќе биде распределен следната година.“
Германците инвестираат поголем дел од своето богатство на пазарите
Сепак, голем дел од него сè уште се наоѓа во банкарски депозити
Вработените во продажба кај менаџерите на средства настојуваат нивните фондови да бидат вклучени во новите сметки, според неколку директори од индустријата. Тие ги истакнуваат ниските надоместоци на ЕТФ и се обидуваат да ги убедат советниците во предностите на нивните фондови за приватни пазари.
„Времето истекува за оние што сакаат нивните производи да бидат подготвени до јануари“, изјави Фабијан Бенке, кој е одговорен за стратешките клиенти на „Вангард“ во Германија. „Веќе договоривме некои партнерства и во моментов разговараме со разни други осигурителни компании, брокери и банки.“
„Блекрок“ (BlackRock Inc.) соработува со банки и необрокери за преку нивните платформи да обезбеди пристап до ЕТФ и активно управувани фондови, како и до инвестиции на приватните пазари.
И покрај негативните наслови за приватното кредитирање, индустријата успешно лобираше кај владата ЕЛТИФ да бидат вклучени во сметката. Нивната долгорочна природа ги прави соодветни, според Томас Рихтер, главен извршен директор на БВИ.
„Фактот што Германија не се ограничува само на забрани доведе до ентузијазмот што го гледаме“, изјави Рихтер во интервју.
Иако се очекува приливите да ѝ користат на пошироката финансиска индустрија, тие истовремено воведуваат поголема конкуренција за осигурителните компании, кои долго време доминираа во бизнисот со доживотни ануитети со гарантиран капитал. Штедачите и понатаму ќе имаат можност да уплаќаат во слични гарантирани производи, покрај новите брокерски сметки.
Во фондовите Ристер веројатно има околу 225 милијарди евра, а повеќе од една четвртина од тие средства ќе бидат префрлени, проценија консултантските компании „Сириус кампус“ (Sirius Campus) и „Ајфорија“ (Aeiforia) во извештај објавен во мај.
„Необрокерите веројатно ќе привлечат најголем број нови клиенти меѓу богатите и помладите инвеститори“, изјави во интервју Филип Франк, партнер во консултантската компанија ЗЕБ со седиште во Франкфурт.
Сепак, „Алијанц“ (Allianz SE), најголемата осигурителна компанија во Германија, соопшти дека ќе понуди низа производи со и без гаранции. Компаниите предизвикувачи - како необрокерот „Трејд рипаблик“ (Trade Republic), кој неодамна понуди пристап до фондови за приватно кредитирање со вложување од само едно евро - исто така се подготвуваат за силна конкуренција.
„Стејт стрит“ претходно годинава се здружи со дигитален брокер во сопственост на германската „Комерцбанк“ (Commerzbank AG) за да понуди ЕТФ што инвестира во акции со ниски надоместоци. Менаџерот на средства разговара со други германски платформи за дополнително да ја зајакне својата дистрибуција во земјата, изјави Прендергаст од „Стејт стрит“.
Работоспособното население во Германија старее
На секои две лица на работоспособна возраст ќе има по едно лице на возраст од 65 години или повеќе
Потребата од реформи одамна е очигледна во Европа. Како што расте очекуваниот животен век, а стапките на наталитет опаѓаат, одржливоста на пензиските системи е изложена на сè поголем притисок. Во Германија, во рок од една деценија, на секое лице на возраст за пензионирање ќе има само две лица на работоспособна возраст, додека каматните стапки истовремено остануваат ниски според историските стандарди. По две светски војни, пензискиот систем на земјата веќе претрпе реформи, но поголемата улога на самите Германци во следната фаза изгледа неизбежна.
„Германците го познаваат овој систем повеќе од 130 години, уште од Бизмарк. Тоа што државата се грижи за пензиите е дел од нивната ДНК“, изјави Рихтер од БВИ. „Овој систем полека нè јаде. Реформите се огромен чекор за Германија, но сè уште заостануваме.“
-Со помош на Камил Ковалче