text size
Неконтролираната понуда и побарувачка, високата профитабилност на градежниот сектор и хаосот во административниот дел за изградбата на недвижностите во земјава ќе бидат клучните фактори поради кои цените на становите во земјава најверојатно нема да се намалат и следната година, барем не во првата половина од годината. Секако, високата цена на енергијата и нестабилните цени на материјалите се причина плус. „Блумберг Адрија“ разговараше со експерти од пазарот на недвижности, но и со претставници од градежниот сектор, и речиси сите се согласија оти за овој пазар има посебности што ќе значат отстапка од трендот на намалување на цените на недвижностите, кој веќе почна во развиените пазари. Според последните податоци од Народната банка, во третиот квартал годинава цените на недвижностите на годишно ниво се зголемиле за 21,2 процент, што е рекорден пораст во изминатава деценија. Во меѓувреме, по сигналите на Народната банка и зголемувањето на основната камата, банките најавуваат зголемување на каматите за задолжувањето. Прашавме дали повисоките камати за градежниците (позајмуваат кредити за изградбата) ќе значат помала градежна активност и дали зголемениот трошок таму ќе значи само ново зголемување на цените на крајниот производ, односно на становите. И дали инфлацијата ќе ја намали побарувачката на станови, па тоа ќе значи поевтинување на становите? Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во последната анализа предвиде поевтинување на цените на недвижностите во регионот од 10 отсто, но таа процена, како што велат нашите соговорници, за Македонија е тешко остварлива.