Викендов донесе олеснување по договорот за американскиот долг постигнат во последен момент.
Глобалната криза продолжува да удира по големите компании – во „Ролс Ројс“ се можни илјадници отпуштања.
Инфлацијата на храната се покажа како поупорна. Британскиот премиер планира да побара од трговците да ги ограничат цените на лебот и млекото.
Ги издвојуваме преостанатите пет вести што мора да ги знаете на почетокот на овој понеделник, 29 мај.
Ердоган уште еднаш победи на изборите во Турција
Реџеп Таип Ердоган прогласи победа на претседателските избори во Турција, што пред само неколку недели изгледаше малку веројатно.
Лидерот со најдолг стаж во земјата, кој трае повеќе од две децении, победи со 52,1 отсто наспроти 47,9 отсто во вториот круг гласање против кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу, покажаа резултатите по речиси сите пребројани гласачки ливчиња. Ердоган се појави на врвот на автобус во Истанбул и му се заблагодари на народот што го задржа на власт.
Ќе закрепнат пазарите по договорот за американскиот долг
Глобалните пазари се подготвени за закрепнување откако американските преговарачи во текот на викендот се согласија на привремен договор за решавање на должничката криза.
„Пазарите треба да здивнат и доларот веројатно малку ќе омекне, бидејќи прашањето за плафонот на долгот конечно е решено“, рече Чанг Веи Лианг, стратег во ДБС холдингс во Сингапур. „Се чини дека договорот претставува добра рамнотежа меѓу намалувањето на трошоците и незагрозувањето на растот и веројатно ќе биде позитивен за државниот трезор на САД“.
Македонските компании ги разгледуваат сите сценарија, преземаат превентивни мерки, за да не ја почувствуваат силно германската рецесија. Погодени можат да бидат тие што извезуваат на овој пазар, а тоа се главно компаниите од автомобилскиот сектор што работат во зоните. Ако рецесијата остане само германска, потресот нема да биде силен, велат менаџерите. Сепак, негативното влијaние не може да се избегне во целост, затоа што близу половина од вкупниот македонски извоз завршува токму во Германија.
Индијци дојдоа на печалба на фарма во Свети Николе
Почна увозот на странски работници и во земјоделскиот сектор. Станува збор за нискоквалификувана работна сила од Индија, која веќе е ангажирана на фарма во Свети Николе. Сопственикот на фармата е задоволен од работниците. За нив има обезбедено сместување, храна, плата, здравствени прегледи, визи. „Нема причина платите за странските работници да се пониски од тие што ги добиваат македонските“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.
НБРМ ќе ја крене каматата на шест отсто
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на каматните стапки во земјите од регионот проценува дека стапките на инфлација покажуваат упорност, а тоа значи дека монетарните власти сè уште чекорат кон зголемување на основните каматни стапки, кои ќе останат високи подолг период.
За Македонија, од нашиот аналитички тим очекуваат дополнително зголемување на основната камата од 25 базични поени до ниво од 6 проценти во месеците што доаѓаат.