„Лидл“ ја претстави најголемата инвестиција во Македонија, логистичкиот центар во близината на Куманово, во вредност од 80 милиони евра, кој ќе отвори повеќе од 150 работни места.
Според планот на компанијата, изградбата на логистичкиот центар треба да започне во следниот период, додека во моментов се одвива тендерската фаза за избор на генерален изведувач.
Парцелата во Куманово опфаќа површина од 170.997 квадратни метри, а вклучуваа логистички центар од 63.000 квадратни метри и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура. Конструиран според современи технологии и приспособен за ефикасно работење во голем обем, логистичкиот центар ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на операциите.
Како што посочуваат од компанијата, центарот ќе биде пример и за одржливо и еколошко работење, бидејќи ќе користи електрична енергија од обновливи извори на енергија и ќе биде опремен со фотоволтаични елементи што генерираат вкупна моќност од приближно 1,7 MW. Дополнително, за затворање на покривот ќе се користи материјал од рециклиран отпад, а внатре ќе се постави енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување. Објектот ќе се загрева со отпадна топлина од системот за ладење и целиот генериран отпад ќе се рециклира.
Претставниците на „Лидл“ испратија порака за среќа и успех на проектот преку симболичен гест на поставување временска капсула во темелите на објектот.
„Денеска ја претставуваме нашата најголема инвестиција во Северна Македонија, нашиот логистички центар. 'Лидл Северна Македонија' е дел од меѓународното семејство на 'Лидл' и овде, заедно со нашиот тим, кој во моментов има повеќе од 100 вработени, сакаме да го имплементираме искуството што го стекнавме во повеќе од 30 земји со ист стандард и ист квалитет. Ќе инвестираме околу 80 милиони евра само во изградба на логистичкиот центар за да создадеме модерен и одржлив објект, според најновите градежни стандарди. 'Лидл' е одговорен, сигурен и фер партнер и за купувачите и за своите доставувачи. Дел од нашата корпоративна политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители“, изјави Рубријан Хаџиев, генерален директор на „Лидл Северна Македонија“.
Покрај претставниците на „Лидл“, на настанот беа присутни и премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и германската амбасадорка Петра Дрекслер.
„Лидл Северна Македонија“ е дел од компанијата за малопродажба „Лидл“, која е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и во Европа. „Лидл“ моментално работи со над 12.200 продавници и повеќе од 220 логистички центри и магацини во 31 земја и има околу 376.000 вработени на меѓународно ниво.