Најдоцна до средината на декември ќе биде објавена новата емисија на граѓански обврзници, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ 24, иако не откри детали, посочувајќи дека јавноста ќе биде запознаена откако ќе се објави проспектот. Таа посочи дека во изминатиот период се покажало дека има интерес за граѓанските обврзници.
„Граѓаните во изминатиот период во континуитет го поставуваа прашањето до Министерството за финансии дали ќе има нова граѓанска обврзница. Тоа значи дека на некој начин културата на инвестирање кај граѓаните се менува и очекувам таа иста група на граѓани, која не е повеќе од 2.000 лица, повторно да инвестира и тоа не е некој голем износ“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Гордана Димитриеска-Кочоска/извор:Влада
Прочитај повеќе
Вложивте во македонски граѓански обврзници и депозити? Не заработивте ништо
Со помош на нашите аналитичари пресметавме колку е реалниот принос од граѓанските обврзници, орочените депозити и МБИ10.
19.09.2025
Министерството за финансии ќе емитува нова граѓанска обврзница
Проспектот за новата емисија се подготвува и се очекува да биде објавен до крајот на годината
13.11.2025
Буџет за 2026-та: Економски раст или само нови долгови?
Анализираме како Владата ќе собере шест, а ќе потроши 6,7 милијарди евра во 2026 година.
06.11.2025
Според министерката, анализите за искуствата од регионот покажале дека во Словенија, на пример, немало апсолутно никаков интерес за овој инструмент, додека во Хрватска интересот бил голем.
Пред речиси две недели од Министерството за финансии соопштија дека во изминатиот период работеле на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиските инструменти за инвестирање, па најавија дека се подготвува нова емисија на граѓанска обврзница.
„Блумберг Адрија“ претходно веќе правеше анализи за реалните приноси на државната обврзница. Иако станува збор за сигурна инвестиција, со оглед на тоа што за неа гарантира државата, се наметнува прашањето колку се реалните приноси од инвестирањето во овој инструмент ако притоа се земе предвид стапката на инфлација во изминатиов период, која во одредени моменти надминуваше двоцифрени вредности.
Така, на пример, кон крајот на септември со помош на нашите аналитичари пресметавме колку е реалниот принос од граѓанските обврзници што беа издадени во првата емисија во јули 2023 година. Обврзниците беа со рок на достасување од две години и каматна стапка од пет проценти годишно. Граѓански обврзници запишаа вкупно 1.448 граѓани, во вкупен износ од 1,4 милијарда денари (23,5 милиони евра), на кои на двапати (во 2024 и во 2025 година) им се исплати вкупна камата од 2,4 милиони евра. За пресметката зедовме просечна сума што била вложена од едно лице во обврзниците од околу 16.000 евра. Математиката покажува дека за толкава сума инвестирана во граѓански обврзници, по две години едно лице добило поврат од 800 евра годишно или вкупно 1.600 евра, што е бруто-принос (без влијанието на инфлацијата) од 10 проценти. Меѓутоа, ако се земе предвид дека кумулативната инфлација за периодот 2023-2024 година изнесувала 13,79 проценти, тогаш реалниот принос од инвестираната сума од 16.000 евра е минус 3,8 проценти. Со други зборови, иако ваквиот инструмент нуди сигурна заработка на хартија, во реалноста тоа не значи и реална добивка, бидејќи поради високата инфлација парите ја губат вредноста односно куповната моќ е намалена.
Граѓанската обврзница, како нов инструмент на домашниот пазар, се воведе во текот на 2023 година, кога од ресорното министерство најавија дека поради првично искажаниот интерес ќе биде достапна во континуитет.
Според некои економисти, граѓанските обврзници се шанса за граѓаните, кои можат за своите средства да најдат засолниште од инфлацијата, а државата, пак, да го диверзифицира јавниот долг.