Разговорите меѓу „Самсунг електроникс“ (Samsung Electronics Co.) и неговиот најголем синдикат пропаднаа, зголемувајќи ја можноста за штрајк, кој би можел да го наруши глобалното снабдување со чипови и да погоди еден од клучните двигатели на јужнокорејскиот економски раст.
Општ прекин на работата ќе почне в четврток, откако менаџментот на компанијата го одбил предлогот на владините посредници, кој синдикатот го прифатил, им изјавил на новинарите синдикалниот лидер Чои Сеунг-хо. Акциите на „Самсунг“ паднаа дури за 4,4 отсто по објавувањето на одлуката. Индексот Kospi потона дури за 3 отсто.
Пропаѓањето на преговорите ја става во ризик глобалната технолошка мрежа бидејќи „Самсунг“ е најголемиот светски снабдувач на чипови што се користат во уреди, од сервери за центри за податоци до паметни телефони и електрични возила. „Самсунг“ е на пат оваа година да стане една од најпрофитабилните компании во светот. Глобалното воведување ВИ-инфраструктура донесе огромни добивки за јужнокорејските компании, при што профитот на полупроводничкиот сектор на „Самсунг“ во кварталот до март скокна 48 пати.
Прочитај повеќе
Глобалните фондови бегаат од корејските акции
И покрај рекордниот раст на берзата, глобалните фондови масовно ги распродаваат корејските акции. Дали инвеститорите гледаат нова финансиска опасност зад берзанската еуфорија?
14.05.2026
Во Кoреја падна предлог граѓаните да добијат надомест од профитите на вештачката интелигенција
Јужна Кореја размислува граѓаните да добијат дел од огромните ВИ-профити, но предлогот веднаш ја потресе берзата и предизвика пад на акциите.
12.05.2026
„Самсунг“ достигна вредност од билион долари, приклучувајќи се кон ТСМЦ во елитниот клуб
Овој пресврт се случи откако акциите на јужнокорејската компанија пораснаа за дури 13 проценти.
06.05.2026
„Епл“ размислува да ги вклучи „Интел“ и „Самсунг“ во производството на главните чипови во САД
Недостигот на напредни процесори го ограничува производството на Ај-фон и Мек, заради што „Епл“ размислува за нови партнери за да го стабилизира синџирот на снабдување.
05.05.2026
Влегува ли бизнисот со меморија во таканаречен суперциклус?
Производителите на мемории бележат зголемена побарувачка и очекуваат рекордни профити.
22.04.2026
Bloomberg
Сè повеќе Јужнокорејци бараат поголем дел од тие приходи откако „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.) минатата година се согласи 10 проценти од годишниот оперативен профит да распределува во фонд за бонуси врз основа на перформанси. Долготрајниот работнички спор во „Самсунг“, кој ја изложува компанијата на ризик од доцнења во производството и компликации во забрзувањето на развојот на следната генерација полупроводници, внимателно го следат и други компании. Во средата синдикатот во јужнокорејската интернет-компанија „Какао“ (Kakao Corp.) соопшти дека некои од неговите членови се согласиле на штрајк по неуспешните преговори за плати, објави Јонхап.
„Самсунг“ соопшти дека преговорите пропаднале и покрај тоа што компанијата прифатила најголем дел од барањата на синдикатот, вклучувајќи ги и тие што се поврзани со бонусите, и обвини дека барањата се „прекумерни“. Синдикатот не се откажал од ставот дека надоместоците мора да се зголемат дури и за вработените во секторите што работат со загуба, што е спротивно на политиката на компанијата, соопшти „Самсунг“.
„Напуштањето на овој принцип не само што би влијаело врз нашата компанија туку би имало и негативен ефект врз други претпријатија и индустрии“, соопшти компанијата.
„Самсунг“ и „СК Хајникс“ се очекува да го надминат ТСМЦ според профитабилноста
Синдикатот бара „Самсунг“ да го укине постојниот лимит за бонуси, 15 проценти од оперативниот профит да распределува за бонуси за работниците и тие услови формално да бидат внесени во договорите за вработување.
„Самсунг“ предложил 10 проценти од оперативниот профит да се распределуваат за бонуси, заедно со еднократен пакет специјални надоместоци што ги надминува индустриските стандарди. Раководството на „Самсунг“ тврдело дека барањата на синдикатот би биле тешко одржливи на долг рок.
Сепак, „Самсунг“ соопшти дека ќе продолжи да бара решение преку разговори во обид да спречи прекин на работата.
„Иако посредуваните разговори пропаднаа, сè уште постои простор за договор“, изјави Ким Дае Џонг, професор на Бизнис-школата при Универзитетот „Сеџонг“ во Сеул. „Дури и ако штрајкот почне утре, очекувам владата да интервенира со повикување на вонредни работнички закони за да го запре прекинот на работата поради сериозноста на ситуацијата.“
Владата и претходно навести дека би можела да прибегне кон ретко користени вонредни овластувања за да спречи штрајк ако двете страни не постигнат договор. Јужна Кореја го активирала механизмот за вонредна арбитража само четири пати од 1969 година. Последен пат тоа се случило во 2005 година, кога пилотите на „Кореан ер“ (Korean Air) стапија во штрајк.
Банката на Кореја проценила дека штрајкот би можел да доведе до намалување на економскиот раст на земјата оваа година дури за 0,5 процентни поени, објавија локалните медиуми.
Спорот претставува особено тежок тест за претседателот Ли Џе Мјунг, кој дојде на власт со платформа за посилна заштита на работничките права, но истовремено навести дека тие права би можеле да бидат ограничени заради поширок интерес.
„Ги повикуваме страните да направат сè што е можно за да постигнат договор меѓу работниците и менаџментот - дури и пред крајниот рок - имајќи ги предвид можните последици врз јужнокорејската економија“, изјави портпаролот на претседателот.
Претставник на Министерството за труд изрази жалење поради пропаѓањето на разговорите и рече дека владата ќе продолжи да ги поддржува преговорите „без оглед на форматот“. На прашањето дали владата размислува да ги активира вонредните арбитражни овластувања, претставникот одговорил: „Сè уште има време“.