Американската министерка за финансии Џенет Јелен нагласи дека неуспехот на сојузната влада да ги реализира своите давачки ќе ја поткопа способноста на Вашингтон да го задржи лидерството на меѓународен план и да ја осигури националната безбедност.
Јелен долго време предупредува дека неисполнување на обврските може да предизвика „економска и финансиска катастрофа“. Нов бран на загриженост од министерката за финансии дојде во четвртокот, додека таа беше во Јапонија на состанок на финансиските претставници на Групата седум (Г7).
Нереализацијата на давачките би „предизвикала глобален пад“ и претставува „ризик да се поткопа глобалното економско лидерство на САД и да се загрози способноста на земјата да ги штити националните безбедносни интереси“, рече Јелен на прес-конференција пред состанокот на Г7.
Претседателот Џо Бајден и републиканските пратеници претходно неделава постигнаа мал напредок на состанокот во Вашингтон. Советниците на Републиканската партија и персоналот на Белата куќа планираат потоа да почнат да разговараат за буџетот, а нова средба меѓу Бајден и лидерите на Конгресот е закажана в петок.
На прашањето од новинарите дали има долгорочно решение за прашањето за плафонот на долгот што постојано се појавува, Јелен сугерираше дека би било подобро законодавството на САД трајно да ја укине границата на државното задолжување независно од другите буџетски одлуки.
„Лично, мислам дека треба да најдеме поинаков систем за одлучување за фискалната политика“, рече таа. „Конгресот би можел да го укине плафонот на долгот или да го промени начинот на донесување на таа одлука“.
Таа рече дека пратениците исто така би можеле да одлучат да го задржат лимитот на долгот, но да ги променат правилата - во суштина со апсолутно мнозинство во Конгресот да се спречи претседателот еднострано да ја подигне границата.
Бајден и републиканците во Конгресот се во ќор-сокак околу зголемувањето на лимитот за задолжување од 31,4 билион долари, при што лидерите на Републиканската партија бараат ветувања за идни намалувања на трошоците пред да го подигнат плафонот. Бајден инсистираше на зголемување, при што дискусиите за буџетот се одржуваа одделно.
Владата на САД го достигна својот законски лимит за задолжување во јануари, а Министерството за финансии оттогаш користи специјални мерки за има готовина на располагање. Јелен му порача на Конгресот дека мерките може да истечат веќе на 1 јуни, што, меѓу другото, ќе ги доведе во прашање исплатите на инвеститорите во американски обврзници, примателите на помош и оние со кои САД имаат договори.