text size
Кина ќе ги укине царините за антидампинг и антисубвенционирање на австралискиот јачмен, што стапува во сила од 5 август, се наведува во соопштението на кинеското министерство за трговија, како најнов знак за подобрување на врските меѓу двете земји. Кина во мај 2020 година воведе царини од над 80 отсто на австралискиот јачмен, обвинувајќи ги австралиските извозници за дампинг на кинескиот пазар, односно дека јачменот увезен во Кина е по цена под нормалната, што предизвикува штетен ефект врз економијата. Потегот дојде откако се нарушија билатералните врски бидејќи тогашниот премиер Скот Морисон повика на меѓународна истрага за потеклото на ковид-19. Но, по изборот на лабуристичката влада во мај 2022 година, комуникацијата меѓу Канбера и Пекинг се обнови и односите значително се подобрија. „Со оглед на промените на пазарот на јачмен во Кина, повеќе не е неопходно да се продолжи со наметнување антидампинг-давачки за увезениот јачмен од Австралија“, соопшти кинеското министерство за трговија.