Американскиот претседател Доналд Трамп најави нов бран царини, меѓу кои и 100 отсто давачка за брендирани или патентирани фармацевтски производи, која ќе стапи во сила од 1 октомври, освен ако компанијата гради производствен погон во Америка.
Нема да се применат давачки за увезените фармацевтски производи доколку компанијата веќе започнала со изградба на фабрика во САД, објави Трамп во четвртокот на социјалните мрежи.
„Од 1 октомври 2025 година ќе воведеме 100 отсто царина на секој брендиран или патентиран фармацевтски производ, освен ако компанијата ГРАДИ производствена фабрика во Америка“, напиша Трамп. „Затоа, нема да има царина за овие фармацевтски производи ако изградбата е започната“.
Прочитај повеќе
Ера на царини - како пазарите ја следат непредвидливоста на Трамп
САД имаат најголем дефицит во надворешната трговија со Кина (270,4 милијарди долари), по што следува Европската Унија, кога ќе се комбинираат износите на нејзините членки.
17.09.2025

Лек на „Астра Зенека“ го продолжува животот кај болни од рак на бели дробови
Животот на пациентите се продолжува и до 10 месеци
07.09.2025

Проблемите на „Ново Нордиск“ и тарифите на Трамп кочница за растот на Данска
Гувернерот Томсен најави значително намалување на прогнозата за раст во 2025 година поради слабеењето на „Ново Нордиск“ и тарифите на Трамп.
05.09.2025

„Амген“ со рекордни приходи и нов лек за слабеење - „маритајд“
Продажбата на постари лекови и зголемениот интерес за експерименталниот лек против дебелина ѝ донесоа квартален успех на „Амген“.
06.08.2025

„Фајзер“ лиценцира кинески лек против рак за рекордни 1,2 милијарди долари
„Фајзер“ (Pfizer) однапред ќе плати 1,25 милијарди долари за да лиценцира експериментален лек против рак од Кина
20.05.2025
Оваа најава е дел од серија нови тарифи насочени кон одделни индустрии што треба да почнат следната среда. За увезените тешки камиони ќе се применува давачка од 25 отсто, за кујнски елементи и за елементи за во бања 50 отсто, а за тапациран мебел 30 отсто.
Ваквите потези претставуваат брза експанзија на тарифниот режим на Трамп, кој почна да го воспоставува кратко откако стапи на функција. Тоа се случува во период кога претседателот ги користи извршните овластувања на начин што е без преседан меѓу современите претходници; токму додека Трамп ги објавуваше давачките, поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, долгогодишен политички противник на Трамп, беше обвинет за лажно сведочење, под силен притисок од страна на американскиот претседател.
Азиските берзи паднаа по веста за царините. Индексот MSCI Asia Pacific се намали за 0,5 отсто, откако S&P 500 забележа пад трета сесија по ред, што е најдолга низа во последниот месец. Акциите на азиските фармацевтски компании нагло се спуштија.

„Трамп никогаш нема да заврши со тарифите“, изјави за „Блумбег ТВ“ Дебора Елмс, раководителка на трговската политика во фондацијата „Хинрих“ (Hinrich Foundation).
„Ова е драматично проширување на тарифното покривање што ќе ги погоди сите, вклучувајќи ги и земјите што мислеа дека имаат договор преку реципрочни царини што не се опфатени со овие нови секторски мерки.“
Објавите не понудија дополнителни детали. Планот за фармацевтските производи, како што го опиша американскиот претседател, би можел да дозволи широко изземање за компании што имаат присуство во САД. Белата куќа не одговори веднаш на барањето за повеќе информации.
Според „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics), давачката за брендирани фармацевтски производи би можела да ја зголеми просечната американска царинска стапка за до 3,3 процентни поени, иако ефектот може да биде ублажен со изземањето за компании што градат локални производствени капацитети. Најизложени на овој потег се Сингапур и Швајцарија.
Новите царини на лекови ги погодуваат Швајцарија и Сингапур
Топ 10 земји извозници на фармацевтски производи во САД, 2024
Bloomberg
Големите фармацевтски компании, меѓу кои „Мерк“ (Merck & Co.), „Астра Зенека“ (AstraZeneca PLC) и „Џонсон и Џонсон“ (Johnson & Johnson), најавија милијарди долари инвестиции во производствени капацитети во САД во месеците по инаугурацијата на Трамп, поради неговите постојани закани дека ќе воведе царини за увоз на лекови од странство.
„Изјавата на претседателот е директна, но ефектот би можел да се движи од речиси незабележлив до минимален“, оценува специјалистот за здравство во „Мизухо секјуритис“ (Mizuho Securities), Џеред Холц.
„Сите големи фармацевтски компании имаат дел од производството во САД, а речиси сите веќе најавија дополнителни инвестиции насочени кон локалното производство.“
Сепак, дел од индустријата би можел да остане ранлив. Неколку мултинационални компании признаваат дека најмногу се потпираат на погони во САД за снабдување на домашниот пазар, но не сите ги започнале најавените проширувања.
Што вели „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics)...
„Најизложени на овој потег се Сингапур и Швајцарија. Велика Британија исто така има значаен фармацевтски извоз во САД – во нејзиниот трговски договор со Вашингтон беше наведено дека ќе се разгледаат посебни царински услови во случај на нови давачки според Секција 232 од американскиот закон, но формална стапка не беше утврдена. Сличен пристап изгледа важи и за Јапонија.“
— Никол Гортон-Каратели и Маева Кузен
Неколку од најпродаваните американски лекови сè уште главно се произведуваат во странство. Главната состојка во лековите против дијабетес и за слабеење „оземпик“ и „вегови“ на „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S) се произведува во Данска, додека клучниот прв чекор во производството на „Мунџаро“, конкурентниот лек ГЛП-1 на „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.), се одвива во Ирска.
Терапијата на „Џонсон и Џонсон“ за имунолошки болести „стелара“ и лекот против рак „дарзлекс“ се произведуваат во Швајцарија односно во Данска. Имунотерапијата за рак „опдиво“ на „Бристол-Мајерс Сквиб“, која е блокбастер лек, во голема мера се потпира на производство во Ирска и Швајцарија. „Косентикс“ и „ентресто“ на „Новартис“ (Novartis AG) исто така се произведуваат во швајцарски погони.
Доколку овие компании не покажат дека започнале со изградба на погони во САД што ќе го преземат производството, нивните најпродавани лекови би можеле да се соочат со царини што веднаш би ги удвоиле трошоците за увоз. На пример, „Ново Нордиск“ гради нов производствен погон од 130.000 квадратни метри во Северна Каролина, додека „Ели Лили“ претходно годинава најави планови за четири нови производствени локации во САД.
Некои јапонски фармацевтски компании исто така произведуваат лекови за ретки и сериозни заболувања што би можеле да бидат опфатени со новата царина. „Хемлибру“, кој се користи во терапиите против згрутчување на крвта кај пациенти со хемофилија, го произведува јапонската „Чугаи фармацевтикал“ (Chugai Pharmaceutical Co.), додека „енхерту“, кој овозможува хемотерапијата директно да се достави до клетките на ракот на дојка без оштетување на здравите клетки, го произведува „Даиичи Санкјо“ (Daiichi Sankyo Co.).
Новите царини за камиони најсилно ќе ги погодат Мексико и Канада
Топ 5 земји извозници на камиони во САД, 2024
Bloomberg
Трамп воведува царини за одделни производи преку Секција 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година, што му овозможува на претседателот да наметне давачки без одобрение од Конгресот, доколку увозот се смета за закана за националната безбедност. Овој механизам веќе беше искористен за воведување царини на увозот на автомобили, бакар, челик и алуминиум.
Во наредните недели се очекуваат нови давачки за клучни увози, меѓу кои полупроводници и стратешки минерали. Администрацијата исто така отвори истраги за увозот на роботи, индустриски машини и медицински помагала, што може да има сериозни последици за домашните производители.
Во април Министерството за трговија започна истрага за влијанието на целиот фармацевтски увоз врз националната безбедност на САД, како за готови генерички и брендирани лекови така и за состојките што се користат за нивно производство.
Трамп со месеци ја најавуваше мерката за фармацевтските царини, иако често на недоследен начин. На почетокот на јули тој изјави дека има намера да им даде на фармацевтските компании време да ги префрлат своите операции во САД, пред да воведе царини и до 200 отсто на нивните производи. Потоа, на 15 јули, тој најави дека веројатно ќе започне со воведување царини на фармацевтските производи до крајот на месецот.
Доколку новите царини не се надоврзат врз постојните билатерални договори, нивното влијание ќе биде ограничено, бидејќи неколку големи економии со странско производство веќе имаат трговски договори со Белата куќа. На пример, кон крајот на јули САД и ЕУ постигнаа широк трговски договор што предвидува 15 отсто царина на фармацевтски производи. Тарифите насочени кон одделни индустрии имаат потенцијално поголема трајност од оние што се наметнати на ниво на земји од страна на Трамп преку Законот за меѓународни економски овластувања во итни случаи. Врховниот суд се согласи да разгледа жалба за тие царини, откако два пониски суда веќе ги прогласија за незаконски.
Трамп целеше на фармацевтската индустрија и на други начини. Објавата за тарифите следува по извршната наредба со која се обидува да ги намали цените со изедначување на американските трошоци за лекови со најниските цени платени во странство. Наредбата, која Трамп ја потпиша на 12 мај, бара од компаниите доброволно да ги намалат цените или да се соочат со регулаторни мерки, иако останува нејасно како точно ќе се спроведе тоа.
Претседателот го објави планот за царините неколку дена пред рокот што го постави Белата куќа за 17 од најголемите фармацевтски производители да ги намалат цените по кои ги продаваат одобрените лекови на американската влада и да ја усогласат цената на новите лекови со нивната вредност во странство. Во писмо од јули до извршните директори на компаниите, Трамп се закани дека ќе го ги употреби сите средства за да ги казни оние што нема да се придржуваат до рокот в понеделник.
„Оваа најнова закана кон фармацевтската индустрија Трамп ја споменуваше неколкупати како средство за преговарање“, изјави експертката Ана Ву, од „Ванек асошиејтс“ (VanEck Associates Corp.) во Сиднеј.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...