Општо

Кинеската влада барала од 'Тик-ток' налог за прикриена пропаганда

Извор: Olivia Solon/Bloomberg

29. Јули 2022, 13:18

Кинеската влада барала од 'Тик-ток' налог за прикриена пропаганда

Bloomberg

Кинески владин ентитет одговорен за односи со јавноста се обидел да отвори прикриен налог на „Тик-ток“ (TikTok) за пропаганда насочена кон западната публика, според внатрешни пораки до кои Bloomberg имал увид.

Обидот, кој наишол на повратен одговор од директорите на TikTok, ги истакнува внатрешните тензии во брзорастечката апликација, во сопственост на „Бајтденс“ (ByteDance Inc.) со седиште во Пекинг, која постојано се обидува да се дистанцира од влијанието на кинеската држава.

Во пораката од април 2020 година упатена до Елизабет Кантер, шефица за владини односи на TikTok за Обединетото Кралство, Ирска, Холандија и Израел, колега означил „кинески владин ентитет кој е заинтересиран да се приклучи на TikTok, но не би сакал отворено да се гледа како владин налог бидејќи главната цел е да се промовираат содржини што ја прикажуваат најдобрата страна на Кина (некој вид на пропаганда)“.

Пораките укажуваат на тоа дека некои од највисоките претставници од тимот за односи со владите на ByteDance, вклучително и Кантер и Ерих Андерсен глобален шеф за корпоративни прашања и генерален советник со седиште во САД, разговарале за ова прашање внатрешно, но го отфрлиле барањето, кое го опишале како „чувствително“. TikTok го искористил инцидентот за да поттикне внатрешна дискусија за други чувствителни барања, се наведува во пораките.

„Одбивме да понудиме поддршка за ова барање, бидејќи верувавме дека создавањето на таков налог ќе ги прекрши нашите Упатства за заедницата“, посочи портпаролката на TikTok, која го минимизирала инцидентот како неформално барање од пријател на вработен.

„TikTok има правила против 'координирано неавтентично однесување', каде што налозите го кријат нивниот вистински идентитет за да извршат влијание или да го поколебаат јавното мислење, како и против политичкото рекламирање“, посочи портпаролката.

Кантер и Андерсен одбиле да коментираат. Кинеската влада не одговорила на барањето за коментар.

Пораките се појавија во неделата кога министерката за надворешни работи на Обединетото Кралство, Лиз Трас, вети дека ќе ги запре компаниите во кинеска сопственост, вклучително и TikTok, за време на директна дебата со Риши Сунак, како дел од нивната кампања да го наследат Борис Џонсон на премиерската функција.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, ги критикуваше забелешките дадени од Трас во понеделникот.

„Сакам да им објаснам на одредени британски политичари дека со давањето неодговорни забелешки за Кина, вклучително и создавањето на паника за некоја таканаречена кинеска закана, не можат да ги решат сопствените проблеми“, рече Жао за време на редовниот брифинг со новинарите во вторникот во Пекинг.

Степенот до кој кинеската влада врши влијание врз ByteDance е извор на напнатост за TikTok бидејќи се прошири на меѓународно ниво. Во септември 2020 година, администрацијата на Трамп го обвини TikTok дека е „гласник“ на Комунистичката партија како дел од притисокот да се исклучи апликацијата во САД, доколку не се продаде на американски сопственик.

Море од владини ентитети, инфлуенсери и платоформи за вести ги користат платформите за социјална забава како „Дујин“ (Douyin), кинеската верзија на TikTok, за да поттикнат пропаганда кај младите во Кина.

Младинската лига, огранокот на Комунистичката партија за помлади членови, е меѓу најуспешните креатори на содржини на Douyin, со околу 8 милиони следбеници, двојно повеќе од оние на Тејлор Свифт.

Douyin, достапен на онлајн продавниците за апликации, се води како посебен ентитет. И TikTok и Douyin се фокусираат на правење и споделување видео содржини во кратка форма, но Douyin има контрола на содржината за да се усогласи со кинескиот закон.

Кинеската влада сакала совет за тоа како да води налог привлечен за западната публика, а исто така било споменато и плаќање, според пораките во кои Bloomberg имал увид.

Сите новости од рубриката Останато

Останато

сите новости од рубриката Останато