Неделата на берзите заврши со звуци на славење. Трговците во САД минатата недела, а особено во петокот, брзаа со обложувања дека војната меѓу САД и Иран завршува. Всушност, поголемиот дел од минатата недела пазарите се движеа како да е војната со Иран веќе завршена. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран се согласил за неопределено време да ја запре својата нуклеарна програма и дека нема да добие никакви замрзнати средства од САД. Индексот S&P 500 постигна трет последователен рекорд.
Стравот дека би можеле да пропуштат сличен скок како минатиот април, кога Трамп ги укина најстрогите царини, ги натера трговците да планираат целосно закрепнување пред штетата во синџирите на снабдување, енергетската инфраструктура и довербата на потрошувачите да почне да се враќа.
Низата убави бројки не беше само резултат на оптимизмот за мирот, пишува „Блумберг“. Своја улога одигра и отпорноста на американската економија. Сезоната на објавување резултати беше подобра од очекувањата, а ентузијазмот околу побарувачката за вештачка интелигенција обезбеди независен поттик. Проекцијата за раст на добивката на S&P 500 за 2026 година беше коригирана нагоре за речиси три процентни поени.
Прочитај повеќе
Војната го буди стравот од стагфлација на глобалната економија
Првичните резултати паднаа на историски најниска точка
19.04.2026
Волстрит ја пресметува штетата од војната, акциите достигнуваат рекорди
Трговците оваа недела се обложуваа дека конфликтот меѓу САД и Иран е речиси завршен - што ги поттикна акциите до рекордни нивоа, го ослаби доларот и ја спушти цената на нафтата на околу 90 долари за барел.
18.04.2026
Акциите на „Интел“ скокнаа на највисоко ниво од 2000 година
Акциите се зголемија за 90 проценти оваа година, откако скокнаа за 84 проценти во 2025 година.
17.04.2026
S&P 500 на рекордно ниво додека Ормуз гори - дали нафтата ќе оди над 100 долари?
Додека S&P 500 руши рекорди среде војна, скриениот инфлациски шок веќе се заканува да го уништи оптимизмот на пазарот преку ноќ.
17.04.2026
Глобалните акции на рекорден максимум по обложувањата за Иран, доларот слабее
Светските берзи продолжија со раст и достигнаа нови рекорди, поттикнати од надежите за продолжување на примирјето на Блискиот Исток.
16.04.2026
Индексот на 500-те најважни американски компании S&P 500 трета недела по ред оствари раст поголем од три проценти. Само во петокот доби 1,2 проценти и заврши на рекордни 7.126,06 индексни поени. Технолошкиот индекс Nasdaq исто така порасна за 1,52 проценти и достигна рекордна вредност од 24.468,48 поени, со што постигна најдолга низа раст од 1992 година. На другата страна на Атлантикот, најголем скок имаше индустрискиот индекс Dow Jones, кој порасна за 1,79 проценти, на 49.447,43 поени но не постигна рекорд.
Европските индекси забележаа убави бројки, но не постигнаа нови рекордни нивоа. Европскиот индекс Eurostoxx 50 порасна за 2,1 проценти, британскиот FTSE 100 за 0,73 проценти. Францускиот Cac 40 скокна за 1,97 проценти. На Стариот континент најмногу зајакна германскиот Dax, кој во петокот порасна за 2,27 проценти. Азиските берзи го завршија денот во минус, бидејќи ги пропуштија вестите за напредок во разговорите меѓу САД и Иран.
Силниот раст на акциите во април може делумно да се објасни и со пазарните механизми како принудното купување. Тоа се случува кога волатилноста се намалува на одредено ниво и алгоритмите автоматски купуваат акции.
Цените на нафтата паднаа за речиси една десетина
Уште побурно беше во петокот на пазарот со нафта. Цената на суровата нафта се урна кога иранскиот министер за надворешни работи изјави дека Ормускиот Теснец е целосно отворен за комерцијален сообраќај. „Во согласност со примирјето во Либан, преминот за сите комерцијални пловила низ Ормускиот Теснец е целосно отворен за преостанатиот период на примирјето,“ напиша на X иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Терминските договори за северноморската нафта брент за испорака во јуни паднаа за цели 11 проценти и денот го завршија малку над 90 долари за барел, додека терминските договори за американската референтна нафта (WTI) се намалија за нешто повеќе од 11 проценти на 81 долар, пред повторно да се зголемат на 82,6 долари за барел. Двата типа ја започнаа неделата над 100 долари за барел.
Трамп соопшти дека Иран се согласил да ја прекине својата нуклеарна програма. Многумина претпоставуваат дека најтешките нарушувања во снабдувањето со нафта веќе се зад нас и дека конфликтот ќе остане под контрола. Тоа, пак, би требало да помогне во намалување на глобалните економски последици и да им овозможи на централните банки подобро да се подготват за ублажување на можната штета.
Во саботата приказната повторно се заплетка. Иран им соопшти на бродовите во Ормуз дека теснецот повторно е затворен за поморски сообраќај, а сопствениците на бродови пријавија пукање на пловниот пат помалку од 24 часа откако министерот за надворешни работи го прогласи за отворен. Следниот круг преговори меѓу Иран и САД се очекува неделава, според вчерашната изјава на американскиот претседател.
Акцијата на „Нетфликс“ избриша поголем дел од растот остварен годинава
Минатата недела нема да остане во најдобро сеќавање кај акционерите на „Нетфликс“. Водечкиот светски провајдер на стриминг содржини во првото тримесечје објави добивка поголема од очекуваната, откако ја загуби битката за преземање на „Ворнер Брос“ против „Парамаунт“ и ги зголеми цените на претплатите.
Но, компанијата разочара со прогнозата за работењето во второто тримесечје, па акцијата во петокот изгуби речиси една десетина од вредноста. Со тоа речиси го избриша растот остварен од почетокот на годината. Во петокот акцијата поевтини за 9,72 проценти и заврши на 97,31 долари.
Се очекува приходите во второто тримесечје да изнесуваат 12,57 милијарди долари. Тоа е помалку од 12,64 милијарди долари, колку што очекуваа на Волстрит. Проекциите за деловната добивка на компанијата во висина од 4,11 милијарди долари исто така се значително под очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа 4,34 милијарди долари.
Компанијата исто така соопшти дека коосновачот Рид Хејстингс, кој ја претвори фирмата од услуга за нарачување ДВД дискови по пошта во денешниот гигант за стриминг содржини, во јуни по истекот на мандатот, ќе ја напушти позицијата во управниот одбор.
„Интел“ достигна највисока вредност во последниве 26 години
Во сосема поинаква форма е „Интел“. Старата комапнија од технолошкиот сектор стана една од најжешките акции во индексот S&P 500. Во последните девет дена пазарната капитализација на компанијата скокна за 100 милијарди долари. Низата добри вести во последните две недели повторно го разбуди ентузијазмот кај инвеститорите дека производителот на чипови можеби ќе успее да постигне драматичен пресврт по години послаби резултати. Акцијата во четвртокот скокна за 5,48 проценти по најавата на новите Core Series 3 мобилни процесори.
Акцијата на „Интел“ во последната година оствари дури 262 проценти раст, а од почетокот на годината скокна за 85 проценти. Освен лансирањето на новите мобилни процесори, компанијата склучува партнерства кои се усогласени со напорите за задржување на конкурентноста во ерата на вештачката интелигенција. На почетокот на април беше најавена повеќегодишна соработка со „Гугл“ за напредок на следната генерација на вештачка интелигенција и облачна инфраструктура.