Пари

'Голдман Сакс' ги подигна прогнозите за следните зголемувања од ФЕД

Извор: Enda Curran/Bloomberg

22. Септември 2022, 09:48

Заемодавачот очекува зголемување на каматната стапка за 75 базични поени и во ноември

Аналитичарите исто така очекуваат 50 базични поени во декември и 25 базични поени во февруари

'Голдман Сакс' ги подигна прогнозите за следните зголемувања од ФЕД

Bloomberg Mercury

Економистите од „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group) ги зголемија прогнозите за темпото на покачување на каматните стапки од страна на Федералните резерви во САД по вчерашното зголемување и најавите на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, дека таквиот тренд ќе продолжи.  

Американскиот заемодавач сега очекува зголемување на каматните стапки од 75 базични поени во ноември, 50 базични поени во декември и 25 базични поени во февруари, така што стапката би го достигнала врвот на ниво од 4,50 до 4,75 отсто, во споредба со 4,00 до 4,25 отсто во претходните прогнози, посочуваат економистите предводени од Јан Хациус.

Проекциите дојдоа неколку часа откако ФЕД ги зголеми каматните стапки трет пат по ред за 75 базични поени, со прогноза за нови 1,25 процентен поен до крајот на годината. Тоа е повеќе отколку што очекуваа економистите.

Дополнително, претставниците на ФЕД ги намалија проекциите за раст, ја подигнаа можноста за невработеност и постојано зборуваа за болно економско забавување потребно за да се ограничат притисоците врз цените, кои се на највисоко ниво од 1980-тите.

Од Goldman велат дека главни фактори кои ќе ја постават траекторијата на стапките во 2023 година се брзината на растот, вработеноста и инфлацијата. „Иако постои ризик стапката да оди во две насоки, мислиме дека е поверојатно дека стапката ќе остане висока за да се постигне пресврт во растот на цените, наместо ФЕД да запре предвреме“.

Многу ќе зависи и од подготвеноста на ФЕД да го забави или запре зострувањето дури и додека инфлацијата е натаму висока.

„Додека денеска се поместија столбовите, се чини дека ова е еднократно прилагодување бидејќи учесниците ја зголемија проценката за краткорочната номинална неутрална стапка за да го одрази опкружувањето со висока инфлација“, се вели во белешката на Goldman.

Аналитичарите на компанијата Barclays, исто така, ги зголемија проекциите за покачување на стапката на ФЕД и сега очекуваат уште 150 базични поени (покрај оние 75 од средата), со цел опсег од 4,50 до 4,75 отсто во првиот квартал од следната година.

„Го ревидираме нашето гледиште за зголемување на каматните стапки на 75 базични поени во ноември (од 50 базични поени претходно), проследено со зголемување од 50 базични поени во декември (од 25 базични поени претходно)“, напишаа во белешката економистите на Barclays. 

Сите новости од рубриката Пазари

Пазари

сите новости од рубриката Пазари