Суровини

Залихите на кафе во Бразил мали како никогаш досега

Извор: Dayanne Sousa, Marvin G. Perez, Tatiana Freitas/Bloomberg

19. Септември 2022, 15:28

Проблемот со резервите на бразилско кафе е одраз на глобалниот недостиг

Недостигот се заканува да ги зголеми цените во услови на постојана инфлација

Залихите на кафе во Бразил мали како никогаш досега

Bloomberg

Залихите на кафе во Бразил, најголемиот светски производител, паднаа на рекордно ниско ниво, што укажува на глобален проблем со недостиг на кафе.

Според Силас Бразилеиро, претседател на Националниот совет за кафе, Бразил ќе има залихи од само седум милиони вреќи до март. Аналитичарите тврдат дека оптималната количина на залихи би била меѓу девет и 12 милиони вреќи со тежина од 60 килограми.

Проблемот со бразилските залихи е одраз на глобалниот недостиг на кафе, кој се заканува да ги зголеми цените во услови на постојана инфлација на храната. Залихите на арабика кои се чуваат во пристанишни складишта и се тргуваат на берзата ICE Futures US се на најниско ниво во последните 23 години.

Глобалната побарувачка продолжува да расте, а оваа сезона потрошувачката се зголемила за 1,5 отсто, откако минатата година била 2 отсто, според податоците на истражувачката компанија hEDGEpoint Global Markets.

Залихите се „на толку ниско ниво што, дури и ако има подобар род следната година, Бразил едвај би имал доволно за да ја задоволи побарувачката“, посочи Нелсон Карвалхаес, член на здружението на извозници на Cecafe. „Сè што сакаме е дожд“, додава тој.

Поради малите залихи, фјучерсите на арабика во Њујорк годинава пораснаа за 11 отсто во споредба со претходната, а аналитичарите очекуваат растот на цените на кафето да продолжи. Дури и на бразилскиот национален пазар, цената на едно испорачано пакување кафе во главната потрошувачка област во Сао Паоло се зголеми за 19 отсто во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Универзитетот во Сао Паоло.

„Глобалните цени ќе продолжат да се движат по нагорна линија, а една од главните причини за тоа е несигурноста на бразилските залихи“, вели Гилерме Морија, виш економски аналитичар во Rabobank.

Вредност на акциите на бразилското кафе / Bloomberg Mercury
 

Голем број компании, од корпацијата Starbucks до JDE Peet's NV, еден од најголемите европски печачи на кафе, ги зголемија цените за да се справат со инфлаторните притисоци.

Со оглед на тековната ситуација во Бразил, нема олеснување на повидок. Се очекува дека катастрофите предизвикани од климатскиот и атмосферскиот феномен Ла Ниња ќе продолжат и во следните неколку месеци, што ќе донесе суво време во Бразил, а премногу дожд во Колумбија, која исто така е меѓу трите најголеми светски извозници на кафе. Неповолните временски услови може да ги оштетат и посевите во Гватемала, Хондурас и Никарагва. Виетнам, најголемиот извозник на робуста, имаше помалку залихи поради лошата жетва.

Сè укажува дека втора година по ред побарувачката на кафе ќе ја надмине понудата, што ретко се случува, изјави аналитичарката Наталија Гандолфи од hEDGEpoint.

Како што напредуваше жетвата, растеше загриженоста на земјоделците за овогодинешните залихи. При преработката на зрната кафе, забележани се преголеми лушпи, поради што е потребно повеќе зрна за полнење на вреќите. За време на жетвата, најголемата бразилска задруга Cooxupe проценила пад на производството за 11 отсто, во споредба со минатата година.

Реџис Рико, консултант од Minas Gerais, сега очекува посевите со арабика да дадат околу 30 милиони вреќи, во однос на 32 милиона вреќи од почетокот на август. Има и помалку камиони за испорака на кафе. „Се чини како сега да не е сезона“, изјави тој.

Бразилската компанија за снабдување, Conab, ќе издаде ажурирана проценка за производството на кафе на 20 септември.

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра
Општо

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра

Зекири се товари дека спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договора за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт вредни скоро 1,5 милиони евра.

пред 3 часа

Сите новости од рубриката Пазари

Пазари

сите новости од рубриката Пазари