Нафтата поскапува втор ден по ред поради знаците за дополнително попуштање на кинеските ограничувања од ковид-19 и бидејќи клучниот северноамерикански нафтовод остана затворен.
ВТИ (West Texas Intermediate-WTI) се искачи над 74 долари за барел откако вчера го затвори тргувањето со плус на вредноста од повеќе од три проценти. Тоа претставува прв раст во последните седум сесии на тргување. Растот продолжува и утрово. Поточно, ВТИ за испорака во јануари денеска веќе доби 1,4 процент на својата вредност и се тргува по цена од 74,16 долари за барел, додека нафтата брент за испорака во февруари се зголеми за 1,5 процент и сега барел чини 79,13 долари.
Кинескиот претставник во САД рече дека нацијата ќе продолжи со ублажување на ограничувањата и дека наскоро ќе прими повеќе меѓународни патници, подигнувајќи ги надежите за побарувачката во најголемиот светски увозник на нафта.
Кинеското брзо укинување на политиката на нулта ковид доведе до нагло заздравување на најголемиот домашен пазар на авионски патувања во светот, иако порастот на бројот на случаи предизвика нова загриженост во врска со потрошувачката на енергија. Економистите исто така очекуваат дека Кина ќе ги олабави фискалната и монетарната политика за да поттикне раст.
„Повторното отворање, а со тоа и проекцијата за поголема побарувачка за нафта ќе ги засени стравовите од кочење на растот. Тука се и координираните политички влијанија, кои поттикнуваат економско заздравување“, рече Вишну Варатан, раководител за економија и стратегии за Азија во „Мизухо банк“ (Mizuho Bank Ltd) во Сингапур.
И покрај сегашните добивки, нафтата уште е на пат да го оствари својот последователен тримесечен пад од средината на 2019 година поради загриженоста за глобалните економски изгледи, проследени со слаба ликвидност на пазарот на нафта, што ја влошува осцилацијата на цените. Инвеститорите подоцна во текот на денот ќе ги следат и податоците за потрошувачките цени во САД, барајќи знаци за следните чекори во монетарната политика.
„Енерџи корп“ (TC Energy Corp) допрва треба да поднесе план за повторно пуштање, потребно за рестартирање на работата на нафтоводот „Кистоун“ (Keystone) по излевањето на нафтата. Од цевките досега протече повеќе сурова нафта отколку од кој било друг нафтовод на копно во САД во последните 12 години.
Временските услови со смрзнување ќе останат во цела Северна Европа во текот на неделава, создавајќи голем притисок на електричната мрежа и зголемувајќи ги очекувањата за побарувачка на горива.