Златото се насочува кон својот прв неделен пад по три седмици, бидејќи благото намалување на геополитичките тензии на Блискиот Исток ја намали побарувачката за безбедни средства, а предупредувањето од Федералните резерви (Фед) за инфлацијата ја зголеми веројатноста за помало намалувања на каматните стапки.
Цената на златото падна за 0,5 отсто и денеска се тргува околу 3.353 долари за унца, со што е намалена за повеќе од два отсто во текот на неделата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе одлучи дали ќе се приклучи на нападите на Израел врз Иран во рок од две недели, изјави неговата портпаролка, со што се намалија стравувањата од непосредна ескалација што би можела да ги загрози енергетските текови и да ја поттикне инфлацијата.
Намалувањето на тензиите дојде откако претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, претходно предупреди на ризици од инфлација поради царинската политика на Трамп. Тоа би можело да ја отежни можноста на централната банка да ги намали трошоците за задолжување, што е негативно за златото – средство што не носи камата и има подобри перформанси во средина со пониски каматни стапки.
Благородниот метал сè уште е во пораст за повеќе од една четвртина годинава и останува блиску до рекордот од нешто над 3.500 долари поставен во април. Сепак, неделава имаше знаци дека инвеститорите повеќе се насочуваат кон платината како безбедна алтернатива, со оглед на високото ниво на златото.
Големите банки од Волстрит имаат различни мислења дали златото може да продолжи со рекордниот раст. „Голдман Сакс“ ја потврди својата прогноза од 4.000 долари за унца до следната година, додека „Ситигруп“ предвидува пад на цената под 3.000 долари во 2026 година.
Спот цената на златото падна за 0,5 отсто, на 3.353,59 долари за унца, во 10:51 часот во Сингапур. Индексот за доларот на „Блумберг“ се намали за 0,1 отсто, но сè уште е повисок на неделно ниво. Среброто и платината исто така паднаа, додека паладиумот остана речиси непроменет.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...