Во голем пожар што избувна синоќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 се повредени. Според неофицијалните информации, причина за пожарот најверојатно е несоодветна употреба на пиротехнички средства во дискотеката при концерт на македонската музичка група ДНК.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја потврди бројката на загинатите и повредените. Тој изрази жалење за трагедијата и најави дека МВР во соработка со обвинителството ги преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот.
Тој соопшти дека распишана е централна потерница за четири лица. Според информациите со кои располагаат надлежните до 11:30 часот загинале 59 лица, од кои 35 се идентификувани, а од нив пак 31 се од Кочани, четири се од Штип. Како што изјави денеска Тошковски, според податоците до 12 часот во пожарот се повредени 155 лица, кои се хоспитлизирани во болниците во државата.
„Од страна на МВР во координација со јавното обвинителство се постапува во овој момент и во Министерството за економија, од каде се обезбедува документација за предметната дискотека, како и лица поврзани со истата“, изјави Тошковски.
Министерот истакна дека во овој момент не може да каже повеќе во врска со четирите лица, за кои е издадена потерница.
Државното Јавно обвинителство соопшти дека сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен на местото на пожарот. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување, стои во соопштението.
Хоспитализирани над 150 повредени
Министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција информираше дека вкупно 118 лица се хоспитализирани во различни болнички капацитети по трагедијата во Кочани. Тој нагласи дека сите пациенти добиваат неопходна медицинска грижа и дека здравствениот систем е целосно мобилизиран.
„Нема пациент кој не е згрижен, сите капацитети се ставени во функција. Ќе дадеме сè од себе за да спасиме што повеќе животи“, рече Таравари.
Сепак, два часа подоцна, Министерството за здравство соопшти дека 152 пациенти се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата, каде што им се пружа неопходна медицинска помош. Оттаму соопштија дека веднаш по несреќата, здравствениот систем бил целосно мобилизиран, а сите болнички капацитети биле ставени во функција за да се обезбеди најдобра можна грижа за повредените.
На Детска хирургија има четири хоспитализирани пациенти, на Клиниката за пластична хирургија - 11, Клиничката болница Штип – 45, Општата болница Кочани – 30, Св. Наум Охридски – 29, „8 Септември“ – 17, КАРИЛ – 16. Од вкупниот број хоспитализирани, 18 пациенти се во критична состојба од кои тројца на Детската хирургија, седум во Градската општа болница и тројца во Старата градска болница.
Таравари пред Ургентниот центар рече дека во Министерството за здравство е формиран штаб којшто е во комуникација со сите здравствени установи што имаат примено пациенти. Генерално покритичните пациенти се донесени во Скопје. Тој најави дека ќе се утврдува кои пациенти се оние кои ќе бидат згрижени надвор од државата.
„Министерството за здравство ја уверува јавноста дека сите расположливи ресурси се ставени во функција и дека ниту еден пациент не е оставен без неопходна грижа. Наш приоритет останува спасувањето животи и обезбедувањето најдобри можни услови за закрепнување на повредените“, соопштија од МЗ.
Претходно МИА пренесе дека на Скопските клиники, во Градската хируршка болница „Свети Наум Охридски “ и во „8 Септември“ хоспитализирани се повеќе од 80 потешко повредените лица во пожарот што ноќеска се случи во дискотека во Кочани.
Директорот на Градска болница „Свети Наум Охридски“, Небојша Насто потврди дека кај нив се примени досега 29 лица, меѓу нив и малолетници, со тешки изгореници на лицето, вратот и рацете.
Од ТОАРИЛУЦ за МИА изјавија дека кај нив досега примени се 31 лице, има и малолетници. Генерално сите со изгореници. Во ГОБ 8 Септември, примени се 17 лица. На Детска хирургија четири лица. Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.
Инаку, на социјалните мрежи утрово имаше апели од родители кои ги бараа свите деца незнаејќи каде се згрижени. Потоа, дел од медиумите објавија список од Министерството за здравство со имињата на хоспитализираните лица.
Пред болниците во Кочани и останатите градови се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст направи списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.
Приведен сопственикот на дискотекатаСопственикот на дискотеката во која се случи пожарот во Кочани, во која загина 51 лице, е приведен,а приведени се и други лица. Според информации на МИА, приватната дискотека каде што се случи пожарот во Кочани работела повеќе години, а приведениот сопственик бил постојано во сопственичката структура на објектот. Лиценцата за работа на дискотеката и истекувала на 24 март. |
Понуди за помош
Соседните земји нудат помош за третирање на повредените од големиот пожар кој синоќа избувна во дискотека во Кочани. Според министерот за здравство Арбен Таравари помош е понудена од Белград и Софија.
Претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова во изјава пред една од болниците каде се згрижуваат повредените во Скопје рече дека земјава добива понуди за помош од соседните земји. Во статус на социјалните мрежи помош понуди и Бојко Борисов, поранешниот бугарски премиер. Тој имал телефонски разговор со премиерот Мицкоски и изразил најискрено сочувство до роднините на загинатите во пожарот во дискотека во градот Кочани.
„Во најтешките моменти остануваме заедно и затоа на колегата му ја понудив помошта што Бугарија може да ја пружи. Господ да ги прости починатите. Се молиме за побрзо закрепнување на повредените“, напиша Борисов.
Амбасадорката на САД Ангела Агелер изрази сочувство на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а на премиерот Мицкоски му понуди помош.
Анџела Агелер/U.S. Embassy North Macedonia/North Macedonia
„Срцето ми се кине за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство за жртвите и нивните најблиски во ова страшно време, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија. На премиерот Христијан Мицкоски му понудив помош и сите ресурси на Амбасадата на САД, како и нашите молитви за сите оние кои страдаат денес“, напиша Агелер.
Сочувство изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Изразувајќи сочувство за загинатите, Кос наведува дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“
„Длабоко натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе, наведе Кос во објава на Икс.
Сочувство и понуда за помош на социјалната мрежа Х изрази српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да ја пружи секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“, објави Вучиќ.
Откажани сите настани
По трагедијата во Кочани откажани се сите настани во земјава.
Денеска требаше да се одржат избори за претседател на најголемата опозициска партија СДСМ, а Централната изборна комисија утрово донесе одлука за одложување на внатрепартиските избори за претседател
„Поради огромната трагедија што се случи во Кочани, СДСМ ги одложи внатрепартиските избори за претседател на партијата. Општинските организации на СДСМ ќе се вклучат во помошта за настраданите во пожарот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите во огромната трагедија што се случи во Кочани. На повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со сите засегнати од оваа страшна несреќа“
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги одложи денешните натпревари во сите конкуренции заради трагедијата која се случи во нашата земја во Кочани.
„Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани во која настрадаа многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка“, објавија од ФФМ.
Сочувство и барања за одговорност
Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна, пишува на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Христијан Мицкоски/Блумберг Адрија
„Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови. Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија“, напиша Мицкоски.
Сочувство до семејствата изрази и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Во овој момент на длабока тага, сакам да изразам најискрено сочувство до семејствата кои изгубија најблиски и да им посакам брзо закрепнување на повредените. Во вакви моменти, единствено што е важно е солидарноста и поддршката. Ги повикувам сите институции, здравствените работници, но и целото општество да се обединиме во помошта за настраданите и нивните семејства. Како лекар, стојам на располагање за секој вид помош што можам да ја дадам во оваа тешка ситуација. Сега не е време за поделби, туку за обединување во тагата и во напорите да помогнеме“, напиша Филипче.
И политичките партии и функционери се огласуваат по повод големата трагедија во Кочани.
„Профитот и корупцијата повторно го зедоа данокот, овој пат во млади животи. Додека сме во најтешкото исчекување за крајната бројка на жртви и повредени, прашуваме кој дозволил да се пушти објект во употреба доколку немал соодветни услови за тоа и продал повеќе билети од дозволениот капацитет на локалот? Дали некој не извлекол поука од сите претходни слични и трагични ситуации како оваа и дозволил ова да се случи, за на крајот цела земја да биде во жалење и сите да бараме одговори како дошло до тоа“, стои во соопштението од ЛДП.
Министерот за правда Игор Филков изрази сочувство за десетиците млади животи кои загинаа во пожар во дискотека во Кочани и најави одговорност за сите инволвирани во оваа трагедија.
„Десетици млади животи згаснаа во пожар што никогаш не смееше да се случи. Ова не е само трагедија – ова е аларм што бара одговорност! Нема зборови за оваа болка … но мора да има правда! Секој што потфрлил – ќе одговара! Ова не смее да се повтори никогаш повеќе! Нека почиваат во мир овие млади души“, вели Игор Филков, министер за правда.
Depositphotos
Светските медиуми за трагедијата во Кочани
Повеќе светски медиуми и новински агенции ја пренесоа веста за трагедијата во Кочани во која при пожар во дискотека загинаа 59 млади лица, над 150 се повредени од кои десетина во критична состојба.
„Блумберг“ пишува дека „пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија ги однесе животите на најмалку 51 лице, а повеќе од 100 се повредени“.
„Пожарот најверојатно бил предизвикан од пиротехника користена за сценски ефекти за време на концерт, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за новинарите во градот Кочани, каде што се случи несреќата. Започна истрага за инцидентот. Земјата треба да биде домаќин на состанок на водачите на Западен Балкан подоцна оваа недела. Премиерот Христијан Мицкоски ќе побара одложување на собирот по пожарот во Кочани“.
„Би-Би-Си“ повикувајќи се на соопштеие на македонското МВР, јави дека „51 лице загина во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија, а повеќе од 100 се повредени“. Пожарот избувнал денеска во раните утрински часови, во клубот „Пулс“ во Кочани, град на околу 100 километри (60 милји) источно од главниот град Скопје. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека објектот е зафатен од пламен, а чад се крева на ноќното небо.
„Би-Би-Си“ прецизира дека пожарот избувнал околу 3 часот (2 часот по Гринич) за време на настапот на бендот ДНК, хип-хоп дуо популарно во земјата, а местото на одржување сè уште гори неколку часа подоцна. На концертот, пренесува британскиот јавен сревис, присуствувале дури 1.500.
„Си-Ен-Ен“ објави дека најмалку 51 лице загина, а повеќе од 100 се повредени во пожар во ноќен клуб во градот Кочани. „Најмалку 118 повредени во трагедијата се пренесени во болниците низ државата а министерот за правда Игор Филков изјави дека сите инволвирани во трагедијата ќе одговараат“.
Германската агеција ДПА засега само кусо ја пренесува веста на МИА дека во пожарот во ноќниот клуб во Кочани има најмалку 50 загинати. Американската Асошиејтед прес го цитира министерот за внатрешни реаботи Панче Тошковски кој пред новинарите во Кочани изјави дека во пожарот има 51 загинато лице и уште десетици повредени
АП, цитирајќи го Тошковски, пренесува дека „пожарот започнал околу 02:35 часот, за време на концерт на локална поп група“.
И АФП ја користи првичната вест на МИА за пожарот, најавувајќи дека „најмалку 50 загинати во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“.
Агенцијата објави дека пожарот избувнал во „Пулс“, ноќен клуб во малото гратче со околу 30.000 жители за време на концерт на ДНК, хип-хоп дуо популарно во земјата.
За трагедија во Кочани утринава редовно известуваат и хрватска Хина, српските агенции Бета и Танјуг, бугарска БТА, црногорска Мина...
Жртвите во пожарот биле на возраст меѓу 14 и 25 години
Директорката на болницата во Кочани д-р Кристина Серафимова на прес-конференција денес изјави дека загинатите во пожарот во дискотеката синоќа во Кочани се од Скопје, Штип, Пробиштип и од Кочани и блиските општини. Жртвите биле на возраст меѓу 14 и 25 години. Таа кажа дека кај нив во моментов се задржани полесно повредените кои се на возраст од 18 до 23 години.
Владата ќе прогласи седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани
Седумдневна жалост ќе биде прогласена по повод трагичната несреќа во Кочани. „Владата на денешната седница која ќе се одржи во 16:00 часот ќе донесе одлука за 7-дневна жалост поради трагедијата во Кочани. Ќе се донесе и заклучок за итна и вонредна инспекција на сите ноќни клубови, дискотеки и ресторани приредувачи на забави“, се вели во информацијата од Владата.
*Текстот континуирано се ажурира со нови моменти од големата трагедија.