„Амазон“ (Amazon.com Inc.) донира еден милион долари во фондот за инаугурација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, соопшти портпаролот на компанијата, придружувајќи ѝ се на „Мета“ (Meta Platforms Inc.) во придонесот на свеченостите. Ова претставува обид на технолошките компании да изградат позитивни односи со новата администрацијата по напнатата историја.
Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, дури и ќе се состане со Трамп следната недела. Тоа вчера го обелодени новоизбраниот претседател, истакнувајќи ги своите контакти со технолошките гиганти.
Покрај директната донација, „Амазон“ исто така ќе ја пренесува инаугурацијата како донација во вид на компензација, што инаку вреди околу еден милион долари, рече портпаролот.
Прочитај повеќе
Трамп пред судир со ЕУ додека таа ги „чешла“ американските технолошки гиганти
Во наредните месеци „Епл“, „Гугл“, „Мета“ и платформата X би можеле да се соочат со казни во милијарди.
10.12.2024
Еден месец по изборите: Жешки акции во вториот мандат на Трамп
Финансиските пазари бурно реагираа на изборната победа на Доналд Трамп во ноември.
04.12.2024
Десетте најбогати луѓе остварија рекордна добивка по победата на Трамп
Богатството на десетте најбогати луѓе во светот се зголеми со дневен рекорд откако Доналд Трамп освои втор претседателски мандат.
07.11.2024
Трамп вчера рече дека основачот на Фејсбук (Facebook), Марк Закерберг, се сретнал со него, а остварил и прв опсежен контакт со основачот на „Тесла“ (Tesla) и „Спејс екс“ (SpaceX), Илон Маск. „Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм (Instagram), исто така донира еден милион долари во инаугуративниот фонд на републиканците.
Тие платформи Трамп во голема мера ги користеше за време на неговите претходни две претседателски кампањи сè додека неговите профили не беа суспендирани по немирите во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година. „Мета“ ги забрани неговите сметки поради загриженост дека Трамп ќе поттикне дополнително насилство со негирање на изборната победа на Бајден.
Сметките на Трамп беа вратени во 2023 година, но тој продолжи отворено јавно да зборува против Закерберг. Работата отиде дотаму што во март Трамп ја нарече „Мета“ непријател на народот, а подоцна велеше дека Закерберг треба да биде затворен за наводно мешање во изборите.
Сопственикот на „Мета“ оттогаш упати повеќе јавни апели до Трамп. Откако претходно го окарактеризира како лош, летово му се јави да се извини за дел од постапките. Закерберг е еден од неколкуте моќни технолошки директори што, откако претходно го критикуваа Трамп, сега кога тој се враќа во Белата куќа работат на градење посилни односи.
„Сакам да добијам идеи од нив. Видете, ние сакаме тие да работат добро“, рече Трамп за деловните лидери.
Безос има низа деловни интереси што ја допираат федералната влада. „Блу ориџин“ (Blue Origin), неговата ракетна компанија, има договори со НАСА. „Амазон“, главно преку својата подружница за компјутери, е главен изведувач за одбраната, разузнавачката и другите федерални агенции. За време на првиот мандат Трамп го нападна милијардерот за известување во врска со неговата администрација во „Вашингтон пост“ (Washington Post), кој е во сопственост на Безос. Весникот се одлучи на овие избори да не поддржи кандидат за претседател.
Претходно, за време на самитот „Дилбук“ (DealBook) на „ Њујорк тајмс“ (New York Times), Безос рече дека е голем оптимист за вториот мандат на Трамп.
„Овој пат сум голем оптимист, многу се надевам, се чини дека тој има многу енергија околу намалувањето на регулативата и ако можам да му помогнам да го направи тоа, ќе му помогнам“, рече Безос.
Маск, пак, е чест гостин на Трамп од изборите, кои се одржаа на почетокот од ноември. Од него беше побарано да помогне во спроведувањето на федералната иницијатива за намалување на трошоците, наречена „Оддел за владина ефикасност“.