За Кремљ, Доналд Трамп ги остварува сите соништа на Владимир Путин во Украина. Екстремното јавно понижување на украинскиот претседател Володимир Зеленски од страна на американскиот претседател и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс го надмина сето она што Русија можеше да го очекува. Или, како што рече еден висок европски функционер: Единствениот што се смее овде е Путин.
Руската поддршка беше брза. Поранешниот претседател Дмитри Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, рече дека Трамп му ја кажал вистината на Зеленски „во лице“, додавајќи: „Но, тоа не е доволно - треба да се прекине воената помош“.
„Играта заврши“, рече Александар Дугин, политиколог во Москва кој ја застапува идеологијата на „рускиот свет“ и ја оправдува експанзијата на Кремљ.
Прочитај повеќе

По остра расправа меѓу Трамп и Зеленски, пропадна договорот за суровините
Овој договор и средбата требаше да бидат момент на единство меѓу двајцата лидери.
28.02.2025

Рубио: Зеленски треба да се извини за потрошеното време на Трамп
Многу јасно ставивме до знаење кој е нашиот план, а тоа е да ги доведеме Русите на преговарачка маса, истакна Рубио.
01.03.2025

Има ли Украина доволно ретки минерали што ги вети на САД?
Се проценува дека Украина има залихи од 177 различни видови минерали на 20.000 наоѓалишта
01.03.2025

Зошто Трамп ги сака природните ресурси на Украина?
Некои извештаи сугерираат дека земјата има минерали вредни најмалку 10 трилиони долари...
28.02.2025
Официјалниот одговор може да биде повоздржан. Едно официјално лице блиско до Кремљ рече дека Русија нема влијание врз САД.
Навистина, Путин може да си дозволи да седи и да гледа како сè оди во негова корист.
Тој повеќе пати го доведе во прашање легитимитетот на Зеленски како шеф на државата, бидејќи неговиот мандат истече минатата година, но руската инвазија ја принуди Украина да прогласи вонредна состојба и со тоа да ги суспендира изборите. Сега и приврзаниците на Трамп во САД ја повторуваат истата желба - Зеленски да си замине.
Bloomberg
Од руска перспектива, тоа покажува дека односите на САД со Украина и со Европа се речиси целосно уништени. Ова беше цел што Путин ја постави уште во 2007 година во говорот на Минхенската безбедносна конференција. Истото опкружување во кое се повторуваа многу негови зборови, во форма на напад на Венс врз европските вредности во 2025 година.
Дури и пред да започнат какви било преговори за завршување на војната, Трамп веќе се согласи со барањето на Русија Украина да се откаже од својата амбиција да стане членка на НАТО. Неговите високи функционери рекоа дека е нереално Украина да очекува да ја врати територијата окупирана од Русија во 2014 година, а Трамп го отфрли присуството на американски војници како мировни сили во поддршка на прекин на огнот.
Зеленски ја напушти Белата куќа без да потпише договор за минерали за кој Трамп јасно стави до знаење дека е клучен за продолжување на американскиот ангажман во земјата која е разурната од војна, а заедничката прес-конференција беше откажана. Трамп на социјалните мрежи објави дека Зеленски „не е подготвен за мир доколку се вклучени САД“ и рече дека Зеленски ги „понижил“ САД.
Последица од овој конфликт ќе биде намалување на американското финансирање за Украина, смета Сергеј Марков, политички консултант кој е во блиски врски со Кремљ. Тој на Телеграм напиша дека Зеленски „мора да ја напушти претседателската функција што е можно поскоро“.
За запрепастените европски лидери, сеизмичките последици од расправијата во Белата куќа станаа очигледни. Судбината на Украина и безбедноста на нивниот континент сега може да зависи исклучиво од нив бидејќи се соочуваат со изгледите за повлекување на американската поддршка во нивниот конфликт со Путин.
„Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. На нас, Европјаните, остана да го преземеме овој предизвик“, напиша на социјалната мрежа Х, шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас.
Реакции на европските лидери по прекинатата средба Трамп - Зеленски
По драматично прекинатата средба синоќа на претседателите на САД и Украина во Белата куќа, дел од европските лидери искажуваат поддршка за Зеленски.
Реагираа премиерите на Полска и на Шпанија, Доналд Туск и Педро Санчез, истакнувајќи дека Украина не е сама. Туск на социјалната мрежа Х напиша: „Зеленски и Украинците не се сами“, а Санчез објави: „Украина, Шпанија е со тебе“.
Британскиот премиер, Кир Стармер, соопшти дека синоќа телефонски разговарал и со Трамп и со Зеленски. Стармер наведе дека со нетрпение очекува да им посака добредојде на странските лидери, вклучително и на Зеленски на денешниот состанок во неговата земја, посветен на Украина.
„Стармер ја потврди својата непоколеблива поддршка за Украина и ќе ја одигра својата улога во отворањето на патот за траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина“, изјави портпаролот на британската Влада.
Bloomberg
Европска Унија синоќа му порача на Зеленски дека ја има нејзината поддршка.
„Бидете силни, бидете храбри, не плашете се. Ние ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир“, објавија на Х претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека агресор е Русија, а нападната е Украина „Постои агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина. Мислам дека бевме во право што и помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа“, истакна Макрон.
И шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, посочи дека Германија и Европа се несомнено солидарни со Украина.
„Украина не е сама. Германија заедно со нашите европски сојузници стои обединета покрај Украина и против руската агресија. Украина може да се надоврзе на непоколебливата поддршка од Германија, Европа и пошироко. Нивната одбрана на демократијата и нивната потрага по мир и безбедност е и наша“, објави Бербок на Х.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, повика на итен самит меѓу Европа и САД и апелираше на обединетост на трансатлантските сојузници.
„Секоја поделба на Западот нè прави сите послаби и им користи на оние кои сакаат да доведат до колапс на нашата цивилизација. Поделените односи никому не се од корист“, посочи Мелони, додавајќи дека е потребна отворена дискусија за тоа како сакаат да се справат со главните предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина.
Унгарскиот премиер, пак, Виктор Орбан, синоќа му се заблагодари на Трамп затоа што „храбро се заложил за мир“.
„Силните луѓе прават мир, слабите војуваат. Претседателот Доналд Трамп денеска храбро се заложи за мир. Дури и ако тоа е тешко за многумина да го проголтаат. Ви благодариме, господине претседателе“, објави Орбан на Х.