Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе бидат „многу фини“ кон Кина во претстојните трговски разговори и дека царините ќе се намалат ако се постигне договор - навестување дека би можел да ја ублажи тврдата позиција кон Пекинг поради растечката пазарна нестабилност.
„Ќе паднат значително, но нема да бидат нула“, рекол Трамп во Вашингтон во вторникот, откако министерот за финансии Скот Бесент претходно изјави дека трговската конфронтација не е одржлива. „Ќе бидеме многу фини, тие ќе бидат многу фини, па ќе видиме што ќе се случи“.
Трамп додаде дека нема намера да „игра тврдо“ со кинескиот претседател Шји Џјинпинг и дека во разговорите нема да се навраќа на темата за ковид-19, чувствително прашање за Пекинг. Белата куќа неодамна лансира веб-страница што навестува дека вирусот потекнува од лабораторија во Кина - што ги налути кинеските дипломати.
Прочитај повеќе

Трамп продолжува да го притиска Пауел: Намали ги каматите!
Американскиот претседател не попушта во барањето до шефот на Фед за намалување на каматните стапки.
22.04.2025

Царините на Трамп го убиваат апетитот за инвестирање
Инвеститорите се воздржани поради неизвесноста од царините на Трамп
22.04.2025

Кина повика на единство на „азиското семејство“ додека Трамп се обидува да ја ограничи
Кинескиот лидер се обидува да се спротивстави на притисокот на САД врз државите да ги ограничат трговските врски со Пекинг.
17.04.2025

Трамп ги чека Кинезите да му се јават, оттаму велат „прво да покажеш почит“
Доналд Трамп чека Кинезите први да му се јават за царините, тие пак бараат почит, пред сѐ.
16.04.2025

Кина ги откажува нарачките од „Боинг“ среде трговската војна
Кина им нареди на своите авиокомпании да не прифаќаат повеќе испораки на авиони од „Боинг“.
15.04.2025

Како Шји ја гради кинеската империја со голема помош на Трамп?
Шји Џинпинг ја почна турнејата по Азија во обид да ја зацврсти позицијата на Кина.
15.04.2025
„Трамп паничи бидејќи пазарите паѓаат, а приносите на американските обврзници сè уште се високи“, вели Алисија Гарсија Ереро, главна економистка за Азија-Пацифик во „Натиксис“ (Natixis). „Му треба брз договор. Кина, во вакви услови, нема потреба да нуди ништо значајно“.
Пазарите веднаш реагираа - кинеските акции во Хонгконг пораснаа за 2,1 отсто, а офшор јуанот се зајакна за 0,2 отсто. Индексот на доларот на „Блумберг“ се искачи за 0,6 отсто, откако претходно достигна најниско ниво од 2023 година.
Царините од 145 отсто што Трамп ги воведе за кинеските производи на 2 април сè уште се во сила, иако направи исклучоци за компјутерите и потрошувачката електроника. Кина во меѓувреме ги засили дипломатските напори - и предупредува други земји да не склучуваат трговски договори со САД што би ѝ наштетиле.
Кинескиот лидер Џјинпинг, на средба со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, повтори дека царинските и трговските војни ги поткопуваат интересите на сите земји. Шефот на дипломатијата Ванг Ји, пак, на разговори со британски и австриски претставници рече дека Кина се залага за заштита на мултилатералниот трговски систем.
Кинескиот премиер Ли Кијанг наводно испратил писмо до јапонскиот премиер Шигеру Ишиба со повик за координиран одговор на американските царини.
Кинеското МНР: Во трговските војни нема победници
Портпаролот на кинеското МНР, Гуо Џиакун, повтори дека „трговските војни немаат победници“ и додаде: „Вратата за преговори е широко отворена“.
Кинескиот медиум „Каилиан“ (Cailian) ги оцени изјавите на Трамп како знак дека „веќе попушта во однос на царинската политика“. На социјалната мрежа Веибо (Weibo) темата „Трамп паничи“ беше меѓу најсподелуваните.
Кина, според дипломатски извори, побарала САД да се воздржат од навредливи изјави, како услов за преговори. Особено ги засегнале коментарите на потпретседателот Џеј Ди Венс за „кинеските селани“, кои биле оценети како „прости и навредливи“.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави деновиве дека двете најголеми светски економии ќе мора да најдат начини за деескалација, што ќе дојде во блиска иднина. Тој исто така рече дека не била целта на САД да се одвојат од Кина, според луѓето што присуствувале на седницата.
Bloomberg
„Деескалацијата ќе се случи многу скоро“, рекол Бесент на затворена инвеститорска конференција организирана од „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) во Вашингтон, според присутни на настанот. Ситуацијата ја опишал како „трговско ембарго“ и додал дека статус квото - со 145 проценти американски царини на кинеска стока и 125 проценти кинески царини на американска - не може да трае.
Сепак, шефот на Министерството за финансии рекол дека постигнувањето сеопфатен договор би можело да потрае две-три години. Тој исто така го повторил својот став дека Кина ја задушила нејзината потрошувачка економија и го фаворизирала производството на сметка на САД, велејќи дека секој договор ќе бара ребаланс на трговијата што ќе им овозможи на САД да го зголемат производството.
Преговорите со Кина за таков договор сè уште не се започнати, рекол тој.
Пазарите веднаш реагираа
Американските берзи веднаш реагираа - индексот S&P 500 скокна до 2,9 отсто, а денот го затвори со раст од 2,5 отсто. Доларот зајакна, а приносите на обврзниците се стабилизираа.
Белата куќа, пак, се обиде да покаже напредок на трговски план, иако портпаролката Каролин Левит призна дека нема значителен пробив во преговорите. Таа рече дека 18 земји им понудиле трговски договори на САД, а неделава американскиот тим се среќава со претставници од 34 држави.
Шефицата за стратегии на „Кросмарк глобал“ (Crossmark Global), Викторија Фернандез, изјави дека не очекува долгорочни промени врз основа на изјавата на Бесент. Таа додаде дека Трамп ѝ рекол оти САД „многу добро напредуваат“ во преговорите со Кина, но избегнал одговор на прашањето дали навистина разговарал со кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
Во одвоен извештај, „Политико“ јавува дека Белата куќа е блиску до најавување рамковни трговски договори со Јапонија и со Индија, кои ќе означат подготвеност за понатамошни преговори, но без конкретни детали засега. Левит не прецизира дали ваквите договори ќе бидат доволни за да се спречи повторна активација на царините по истекот на 90-дневниот мораториум.