Фридрих Мерц сепак е избран за канцелар на Германија во вториот круг на гласање во Бундестагот, по шокантниот пораз во првиот круг на гласање, кога му недостигаа шест гласа за апсолутно мнозинство од најмалку 316 гласа на пратениците.
Демохристијанскиот блок на Мерц (ЦДУ-ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД), кои вчера потпишаа коалициски договор, во новиот состав на Бундестагот имаат 328 мандати, а во вториот круг на гласање Мерц доби 325 гласа од вкупно 630 пратеници на Бундестагот.
Овој првобитен пораз досега не му се случил на ниту еден предложен канцелар од Втората светска војна, по успешно завршените коалициски преговори. Тој развој на настаните предизвика хаос во владејачките кругови во Берлин, каде што зачуденоста не ја криеја, како канцеларот во заминување Олаф Шолц, така и многу опозициски пратеници, но и известувачи и ТВ-коментатори.
Прочитај повеќе

Веќе не е штедлив и рационален - Мерц ја подготвува Германија за револуција
Германија е поделена во ставовите меѓу зголемени трошоци за одбрана и економско закрепнување. Што ќе одлучи парламентот?
13.03.2025

Допрва им претстојат главоболки на победниците на германските избори
Предвремените парламентарни избори во Германија не ги решија политичката нестабилност и спротивставените интереси на водечките партии...
24.02.2025

Германија оди во десно и без АфД на власт
Две недели пред предвремените парламентарни избори се одржа ТВ-дуел меѓу двајцата најсериозни кандидати.
11.02.2025

Какви идеи има човекот што треба да го поправи „моторот на Европа“
Шеесет и деветгодишниот лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ),важи за најсериозен кандидат за наследник на Олаф Шолц.
23.12.2024
Според германскиот устав, втората фаза на гласање мораше да се одржи во рок од 14 дена, при што Бундестагот имаше право на неограничен број гласања со различни кандидати. Ако во таа фаза не беше избран канцелар, ќе стапеше во сила третата фаза, во која за избор на канцелар е доволно мнозинство гласови на присутните пратеници. Канцеларот со релативно мнозинство во Бундестагот, според Уставот, федералниот претседател може да го именува во рок од седум дена, но може и да го распушти Бундестагот и да распише нови избори.
Претходно во текот на денот објавивме дека Фридрих Мерц доживеа шокантен неуспех откако не успеа да обезбеди мнозинство при првото гласање во Долниот дом на парламентот за да биде потврден како следен канцелар на Германија, што потенцијално може да го одложи неговото полагање заклетва.
Германските обврзници делумно го ублажија падот, со принос на десетгодишните обврзници што се тргуваше на 2,53 отсто во споредба со 2,55 отсто претходно.
Според германскиот устав, доколку кандидат за канцелар не добие апсолутно мнозинство во три последователни гласања, тогаш релативно мнозинство ќе биде доволно во четвртото гласање.
Мерц се обидува да ја преземе функцијата во критичен момент, а неуспехот во парламентот претставува срам за 69-годишниот политичар, кој веќе се соочува со ниски рејтинзи кај гласачите.
Економијата стагнира по две години рецесија, војната на Русија против Украина сè уште беснее на исток, а поддршката за крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) се зголемува, особено во поранешните комунистички источни региони.
Антиимигрантската партија, која минатата недела беше формално класифицирана како десничарска екстремистичка организација од страна на домашната безбедносна служба, го надмина блокот на Мерц во некои анкети и сега е главна опозициска сила во Бундестагот.
Пратениците на АфД го прославија потфрлувањето на Мерц, а копретседателката Алис Вајдел на социјалните мрежи објави дека „ова покажува на каква слаба основа е изградена неговата коалиција“.
Јан ван Акен, копретседателот на крајно левичарската партија Линке, исто така се огласи.
„Ако не може ни своите луѓе да ги обедини овде во Берлин, како ќе ја обедини земјата?“, изјави Ван Акен за јавниот радиодифузер АРД (ARD). „ЦДУ сега мора да се запраша дали Мерц е вистинскиот човек за таа функција“.