В понеделник Шенген-зоната на слободно движење ќе претрпи уште еден удар, кога Полска ќе воведе привремени гранични контроли со Германија и Литванија. Соочен со барањата на тврдата десница во земјата за контрола на протокот на луѓе од надвор од ЕУ, полскиот премиер тргна по стапките на поранешните и сегашните германски канцелари, обидувајќи се со овој потег да ги смири растечките политички тензии околу илегалната миграција.
Премиерот Доналд Туск изјави дека овој потег е одговор на германските гранични контроли и нагласи дека уште во март ја предупредил германската страна дека ќе преземе ваква акција. Иако границите во рамките на Шенген треба да бидат отворени, Германија пред две години воведе привремени контроли на источните граници со Полска и Чешка, а во септември и на јужните и западните граници со Австрија, Швајцарија, Франција, Луксембург, Белгија и Холандија.
Иако новиот германски канцелар Фридрих Мерц се обидува да ги подобри односите со Полска, неговиот министер за внатрешни работи ги продолжи граничните контроли до септември, по што и Варшава најави свои контроли на 50 гранични премини до 5 септември.
Реакција на десничарските „милиции“
Некои полски медиуми укажуваат дека потегот на Туск е реакција на внатрешни политички проблеми, односно на тоа што националистички групи, со поддршка од опозициската партија Право и правда (ПиС), организираа „граѓански патроли“ под името „Движење за одбрана на границата“, кои со месеци следат и објавуваат снимки од мигранти на западната граница на Полска.
Премиерот Доналд Туск под притисок на полската опозиција
Локалните медиуми известуваа за изолирани судири меѓу овие десничарски „милиции“, полицијата и мигрантите. Туск ги обвини своите политички противници дека со своето присуство ги попречуваат напорите на граничната полиција.
Од друга страна, ПиС ги обвини Туск и неговата влада дека не прават доволно за да го спречат враќањето на илегални мигранти од Германија, обвинувајќи го Берлин дека создава криза на источната граница. Туск прво ги негираше извештаите дека Полска е „преплавена“ со странци одбиени од Германија, обвинувајќи ја опозицијата за политизација, но на крајот сепак донесе одлука за привремени гранични контроли.
„Колку повеќе полската држава ја враќа контролата над своите граници, толку повеќе ја напаѓаат ПиС, крајно десничарската Конфедерација и нивните милиции“, напиша Туск на социјалната мрежа Х.
Политичко профитирање од мигрантите
Коментаторот на полскиот портал „Интерија“ (Interia), Јарослав Куиш, вели дека новите гранични контроли се насочени кон домашната публика, бидејќи владата на Туск е ослабена по поразот на претседателските избори и е под силна критика од ПиС.
Полска ја зајакна својата граница со Белорусија и привремено го суспендира правото на азил за оние што минуваат низ неа
„Од истата причина – сопствената слабост – владата на Туск е принудена да преземе акција. Затоа гласно најави воведување контроли. Изјавите на министерот за надворешни работи Радослав Сикорски отвораат пат за решавање на проблем што не постои. Сè во служба на борбата за моќ, која е многу реална“, истакна Куиш.
Порталот „Интерија“ објави официјални податоци според кои германските власти вратиле повеќе од 11.000 мигранти во Полска од јануари 2024 до февруари 2025 година. Само околу 1.000 биле вратени според Даблинската регулатива, додека над 10.000 биле вратени како резултат на граничните контроли. Половина од нив биле Украинци.
Десничарските опозициски партии се обидуваат политички да профитираат од оваа тема, па сè почесто високи функционери на ПиС се појавуваат на граничните премини и се среќаваат со лидерите на граѓанските патроли. Прв меѓу нив беше шефот на пратеничката група на ПиС, Мариуш Блашчак. Според јавниот сервис ТВП (TVP), со неговата посета започнува „турнејата на ПиС“ по граничните премини, во која ќе учествуваат и Јарослав Качински, Матеуш Моравјецки и Беата Шидло.
Блашчак оцени дека Полска „поминува низ мигрантска криза предизвикана од германските агенции“ и дека реакцијата на Туск е неадекватна.
„Со најавата за гранични контроли, Доналд Туск призна дека ова е криза“, рече Блашчак, велејќи дека потегот е „малку предоцна“.
Тој смета дека мерките требало да се воведат уште кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година и дека ситуацијата на полско-германската граница е „визија за тоа што ќе се случи по спроведувањето на миграцискиот пакт на ЕУ“, кој предвидува механизам за распределба на бегалци меѓу земјите членки.
Туск инсистираше дека Полска нема да го спроведе пактот поради големиот број украински бегалци што веќе се присутни во земјата, но тоа не ги намалува критиките од опозицијата. Националната безбедност и миграциите со години се горливи политички теми во Полска, па Туск, кога кон крајот на 2023 година, предводејќи широка и идеолошки разновидна коалиција, се врати на премиерската функција, настојуваше да ја преземе контролата врз таа тема, пред сè преку зајакнување на одбраната на источната граница на земјата со Белорусија и суспензија на правото на азил за оние што ја преминуваат таа граница, истакнувајќи дека тие мигранти се дел од хибридната војна што Русија ја води против Полска и ЕУ.
Но тврдите конзервативци од Партијата за право и правда (ПиС), за време на претседателската кампања на нивниот кандидат Карол Навроцки, успеаја да го пренасочат вниманието кон западната граница, каде што Германија уште пред две години воведе повремени контроли. Тоа се вклопи во веќе долгогодишната антигерманска реторика на ПиС, како и во нивните тврдења дека Туск дејствува во интерес на Германија.
На критиките кон премиерот се приклучи и десничарски настроената медиумска сцена – коментаторката на тврдо конзервативниот портал ВП (WPolityce), Маржена Никиел, смета дека Туск сериозно ја ослабнал својата земја, тврдејќи дека „Германија ѝ го префрла својот миграциски проблем на Полска“.
„За да го направи тоа, ѝ требаше корисен премиер што ќе ги следи наредбите од странство без отпор. А тоа не е единствената област во која Полска се ослабува“, тврди Никиел, обвинувајќи ја владата дека „истото тоа се случува и во одбраната, економијата, индустријата, транспортот и меѓународната политика“.
„Сè се сведува на едно: за само 18 месеци, Доналд Туск ги уништи конкурентноста и независноста на Полска. Вака се освојуваат земји без и еден испукан куршум. Ова навистина е последен момент да се запре ова лудило“.
Од друга страна, поддржувачите на Туск ја обвинуваат ПиС, која беше на власт од 2015 до крајот на 2023 година, за лицемерство, особено посочувајќи на таканаречениот визен скандал кога, според некои процени, околу 360.000 мигранти од Азија и Африка наводно нелегално добиле лесен пристап до Полска.
„Прво пуштија стотици илјади мигранти од Азија и Африка, заработувајќи од визите, а сега се обидуваат да ја парализираат нашата гранична полиција. Тоа нема да го дозволиме“, објави Туск на социјалната мрежа X.
Жртвување на слободата на движење
Коментаторката на германскиот дневен весник „Зидојче цајтунг“ (Sueddeutsche Zeitung), Викторија Гросман, смета дека одлуката на Туск е „глупава, инаетлива реакција – на еднакво глупавата германска драма на границите“.
„Двете влади заедно ја жртвуваа слободата на движење во Шенген-зоната бидејќи дозволуваат да бидат манипулирани од десничарски екстремисти и националисти во нивните земји, наместо да работат на вистински решенија“, тврди Гросман.
„Со својот страв од домашните политички противници и постојаниот фокус на следните избори, двете влади буквално ја турнаа европската идеја на Шенген-зоната, на која Полска ѝ се приклучи кон крајот на 2007 година, до нејзините граници“.
Граница меѓу Полска и Белорусија
Наспроти тоа, коментаторот на значително поконзервативниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (Frankfurter Allgemeine Zeitung), Рајнхард Милер, го поздравува потегот на Туск, нагласувајќи дека не треба да се однесуваме како Европа да се распаѓа.
„Целта не е борба против слободата на движење, туку против нелегалната миграција. Јасно е дека тоа може да доведе до доцнења за туристи и патници. Но, прво, тоа не е ништо ново – често го гледам на пример на големи меѓународни спортски настани. И второ, државите треба да имаат интерес да организираат контроли на начин што ќе биде ефикасен“, наведува Милер и додава дека приказната за тоа дека нема „беспрекорни контроли“ не смее да доведе до тоа некои премини да немаат официјални контролни пунктови.
Варшава и Берлин треба да соработуваат наместо да дејствуваат еднострано, истакнува коментаторот на германскиот либерален дневен весник „Тагешпигел“ (Der Tagesspiegel), Кристоф фон Маршал, додавајќи дека Полска долго барала поддршка од Германија за заштита од нелегалната миграција на својата источна граница, која истовремено е и надворешна граница на ЕУ.
„Русија и Белорусија насочуваат нелегални миграции кон источната граница на Полска со цел да ја ослабат ЕУ. Мерц и Туск, заедно со нивните министри за внатрешни работи, затоа треба да седнат заедно. Зошто да не се спроведе тројна стратегија: заеднички контроли на германско-полската граница, заеднички напори за зајакнување на источната граница на Полска и заемна помош за забрзување на постапките за азил и депортација“, се прашува Кристоф фон Маршал.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...