Во март, кога американскиот претседател Доналд Трамп ја засилуваше својата трговска војна со Кина, Пекинг започна стабилен и тивок пристап кон Индија.
Претседателот Шји Џјинпинг испрати писмо до индиската колешка Друпади Мурму — која е првенствено церемонијална фигура — за да ја испита можноста за подобрување на односите, според индиски функционер запознаен со прашањето. Писмото изрази загриженост за какви било американски договори што би ги оштетиле кинеските интереси и посочи провинциски функционер кој би ги насочувал напорите на Пекинг, рече лицето, додавајќи дека пораката била пренесена и до премиерот Нарендра Моди.
Дури во јуни владата на Моди започна сериозен напор за подобрување на односите со Кина, рече лицето, кое побара да остане анонимно за да може да дискутира за внатрешни прашања. Во тоа време, трговските разговори со САД стануваа затегнати, а официјални лица во Њу Делхи беа вознемирени од тврдењата на Трамп дека посредувал за прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан по четиридневните борби во мај.
Прочитај повеќе

Трамп воведе 50 отсто царини за Индија, ги наруши односите со Моди
Царините од 50 отсто отворија нова фаза на несогласувања меѓу САД и Индија, отворајќи пат за нови геополитички сојузи на Њу Делхи.
27.08.2025

Ненадејните поплави во Индија и Пакистан однесоа над 360 животи
Во моментов се трага по уште десетици други лица кои се водат за исчезнати.
16.08.2025
Кина и Индија во преговори за обновување на граничната трговија прекината од 2020 година
Кина и Индија преговараат за обновување на граничната трговија, додека преземаат чекори за подобрување на односите.
14.08.2025

Бес во Индија откако Трамп ги удвои царините на 50 проценти
Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 25 проценти за индискиот увоз, која ќе се додаде на царината од 25 проценти што ја објави минатата недела
07.08.2025
Веќе сега, во август, затоплувањето на односите меѓу Индија и Кина изгледа дека се забрзува. Погодени од царините на Трамп, двете нации минатата недела направија голем чекор напред за да одат подалеку од смртоносниот граничен судир во 2020 година, согласувајќи се да ги удвојат напорите за решавање на нивните гранични спорови, кои датираат од колонијалната ера. А овој викенд, Моди ќе ја направи својата прва посета на Кина по седум години.
Индо-кинескиот детант има длабоки импликации за САД, кои внимателно ја привлекуваа Индија во изминатите децении, во време на различни администрации, за да биде противтежа на сè помоќната Кина. Трамп го наруши тој динамичен однос со наметнување на 50 отсто царини на индискиот извоз поради купувањата на руска нафта, ненадејна промена што ја шокираше владата на Моди.
„Трамп навистина е големиот миротворец — тој ја заслужува сета заслуга за поттикнување на започнатото затоплување на односите меѓу Делхи и Пекинг,“ рече иронично Ешли Телис, постар научник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир и поранешен американски дипломат во Њу Делхи. „Тој сам го изведе ова со тоа што се однесуваше кон Индија како кон непријател.“
Министерството за надворешни работи на Индија, кабинетот на Моди и Министерството за надворешни работи на Кина не одговорија на барањата за информации.
Уште во јануари минатата година, Моди тивко бараше начини да ги намали тензиите со Кина. Соочени со избори во тоа време, функционерите на Моди тврдеа дека подобрените односи со Пекинг би ѝ користеле на разнишаната економија, бидејќи растеше загриженоста за трошоците на одржување на војските стационирани по должината на 3.488 километарската необележана граница, рекоа лица запознаени со размислувањата на неговата администрација.
Од средината на 2023 година, двете страни ги намалија разликите околу повлекувањето на трупите вдолж границата, рекоа луѓето, иако договорот пропадна поради поситни прашања. Предложената средба меѓу Шји и Моди на маргините на самитот на БРИКС во Јоханесбург во 2023 година потоа беше откажана.
Набргу по писмото на Шји до индиската претседателка во март оваа година, Пекинг објави изјава од кинескиот лидер во која се слави односот, опишувајќи го како „танго на змејот и слонот.“ Наскоро, неговите врвни функционери како потпретседателот Хан Женг почнаа да го користат истиот израз за да опишат потопли врски меѓу земјите.
Советникот за национална безбедност Аџит Довал ја води дипломатската офанзива како еден од ретките индиски функционери со доверливи, директни канали до кинеското врвно раководство, изјави лице запознаено со состојбата. Довал е специјален претставник на Индија за граничните разговори и патувал во Кина и во декември 2024 и во јуни 2025 година.
Во јули, индискиот министер за надворешни работи, Субрахманјам Џаишанкар, се сретна со кинескиот колега Ванг Ји во Пекинг – прва ваква посета по пет години. Индискиот дипломат ја повика Кина да избегнува „рестриктивни трговски мерки и пречки“ – алузија на неодамнешните ограничувања од Пекинг на ретките метали што ги нарушија синџирите на снабдување. Кина, според официјални лица во Њу Делхи, на состанокот ја уверила Индија во снабдувањето со ѓубриво и ретки метали.
Во следните недели имаше низа постепени чекори за подобрување на односите. Директните летови меѓу двете земји треба да се обноват веќе следниот месец. Пекинг ги ублажи ограничувањата за извоз на уреа во Индија. Владата на Моди пак дозволи туристички визи за кинески државјани по години ограничувања.
Групацијата Адани исто така разгледува партнерство со кинескиот гигант за електрични возила БЈД, што би ѝ овозможило на конгломератот на милијардерот Гаутам Адани – кој важи за близок до Моди – да произведува батерии во Индија и да го прошири настапот во чистата енергија, објави „Блумберг њуз“.
Минатата недела, Моди го поздрави подобрувањето на односите со Кина по средбата со Ванг во Њу Делхи. Моди и Шји ќе се сретнат на 1 септември за време на самитот на Шангајската организација за соработка во Тијанџин, град близу Пекинг.
Bloomberg
Иако изгледите за некој значаен нов договор во рамките на организацијата се мали бидејќи и Пакистан е членка, можно е да се случат значајни чекори на маргините. Во 2017 година, на самитот на Г-20 во Хамбург, Германија, Моди му пријде директно на Шји за да се реши судирот меѓу индиски и кинески војници во Доклам, кај границата меѓу Индија и Бутан.
Моди му рекол на Шји дека граничните тензии не се во интерес на ниту една земја, според лица упатени во ретката несценарирана дипломатија. Шји се согласил и двајцата лидери рекле дека ќе им наложат на своите дипломати да работат на решение. Тензичниот 74-дневен судир завршил неколку дена подоцна.
Оваа отворена размена, една од речиси 20 средби низ годините, го направи Моди еден од најчестите соговорници на Шји – веднаш по Владимир Путин. Уште додека Моди управуваше со западната индиска држава Гуџарат, Пекинг го пречекал неколкупати, вклучително и во Големата сала на народот.
Економската логика за подобрување на односите е неоспорна.
Кинеската економија е заглавена во дефлација, а прекумерното производство во индустрии како електрични возила и соларни панели ја влошува состојбата. Индија, со своето младо население од 1,4 милијарди луѓе, би можела да стане нов пазар за Кина, која се соочува со растечки протекционизам во САД, Европа и на други места.
Индиските власти сè повеќе сфаќаат дека им требаат кинески инвестиции во фабрики ако сакаат да ја остварат амбицијата на Моди за зголемување на уделот на производството на 25 отсто од БДП. Ако високите американски царини останат, „Блумберг економикс“ пресметува дека околу 60 отсто од индискиот извоз во САД би исчезнал, што би одзело речиси 1 отсто од БДП на среден рок.
Индиските економски амбиции се попречени од ограничувања од двете страни на границата. Поголемиот дел од кинескиот персонал на „Фокскон технолоџи“ во фабриките за Ајфон во јужна Индија беа испратени назад во Кина порано годинава, објави „Блумберг њуз“. Официјалните власти во Пекинг, пак, ги охрабрувале регулаторните агенции и локалните власти да ги ограничат трансферите на технологија и извозот на опрема во Индија.
„Економските можности се огромни ако двете земји можат да ги решат разликите и да изградат доверба,“ вели Антара Госал Синг, соработник во „Обсервер рисрч фондејшн“, тинк-тенк со седиште во Њу Делхи.
„Лидерите на двете земји често зборувале за економските можности, но не успеале да ги надминат проблемите со довербата,“ додава таа. „Трамп е добра мотивација за двете земји да ги преиспитаат опциите.“
Сепак, скептицизмот од двете страни останува.
Блиската врска на Кина со Пакистан и понатаму е пречка. Истражувачка група под Министерството за одбрана на Индија во мај објави дека Кина му дала на Пакистан воздушна одбрана и сателитска поддршка за време на судир со Индија во април. Пакистан, исто така, користел кинеско оружје во борбите.
Иако Индија не го признава Тајван, трговските и останатите контакти се зголемија последниве години, што предизвикува загриженост во Пекинг. Индија останува и членка на безбедносната група со САД, Австралија и Јапонија насочена кон балансирање на Кина. Лидерите на сите четири држави ќе присуствуваат на претстојниот самит во Индија подоцна годинава.
Друга пречка е таканаречената „тибетска влада во егзил“ и прашањето за наследството по смртта на 90-годишниот Далај Лама. Владата во Пекинг тврди дека постапката и кандидатот мора да добијат нејзино одобрение, повикувајќи се на царска наредба од 1793 година.
Со толку долг список на потенцијални препреки, двете страни веројатно ќе изберат постепен пристап кон нормализирање на односите.
Цуи Хонгџијан, поранешен кинески дипломат кој работел во кинескиот конзулат во Мумбаи од 2004 до 2007 година, вели дека очекува Шји да биде внимателен и да преземе поголема јавна улога дури кога односите јасно ќе почнат да се подобруваат, претпочитајќи да се воспостават поформални механизми за водење на билатералните врски.
„На самиот почеток, Шј и се обиде да развие лични односи со Моди, но изгледа дека тоа не успеа,“ рече Цуи. „Сè додека проблемите постојат, не мислам дека тој би сакал поблизок однос.“
За сега, чекорите за нормализација на односите меѓу Њу Делхи и Пекинг остануваат постепени.
„Односите меѓу Кина и Индија се на неспорно позитивна траекторија, но сè уште најмногу ги надоместуваат загубите во нивната релација,“ вели Џереми Чан, висок аналитичар во за Кина и Североисточна Азија, кој порано работел како дипломат во Кина и Јапонија. „Да се оди значително подалеку од ова ќе биде многу потешко.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...