Американската војска распоредува широк спектар сили на Блискиот Исток, вклучувајќи два носача на авиони, борбени авиони и авиони-цистерни за дополнување гориво. Претседателот Доналд Трамп изјави дека Иран има најмногу уште 10-15 дена за да постигне договор за својата нуклеарна програма.
„Или ќе постигнеме договор или ќе биде несреќно за нив“, им изјави Трамп на новинарите во четвртокот. За рокот, Трамп рече дека смета дека 10-15 дена се „приближно“ максимумот што би го дозволил за продолжување на преговорите.
„Мислам дека тоа би било доволно време“, додаде тој.
Прочитај повеќе
Акциите паѓаат поради геополитичките тензии
Повратот на американските акции од минатонеделните потреси околу вештачката интелигенција се истроши денеска, бидејќи тензиите со Иран ги ставија трговците во неизвесност.
19.02.2026
Цената на нафтата скокна најмногу по октомври
Нафтата го продолжи својот најголем дневен раст од октомври, поради загриженост дека САД и Иран се приближуваат кон нов конфликт.
19.02.2026
Американски авион собори ирански дрон во Арапското Море
Американската морнарица собори ирански дрон кој се движел кон американски носач на авиони во Арапското Море, што ги вознемири пазарите на нафта среде зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран.
03.02.2026
Турција ќе биде домаќин на средбата меѓу претставници на Иран и САД
На состанокот во Истанбул ќе присуствуваат американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на претседателот Доналд Трамп - Џаред Кушнер, и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, дознава „Блумберг“.
03.02.2026
Растат цените на нафтата откако Трамп ги засили заканите кон Иран
Фјучерсите за суровата нафта Брент достигнаа 70 долари за барел за прв пат од септември.
29.01.2026
Европските авиокомпании ги запреа летовите кон Дубаи
Неколку европски авиокомпании суспендираа летови кон и над земјите на Блискиот Исток, бидејќи тензиите меѓу САД и Иран предизвикуваат загриженост за пошироки нарушувања низ Персискиот Залив.
24.01.2026
Ова распоредување е без преседан од 2003 година, кога САД собираа сили пред инвазијата на Ирак. Тоа далеку го надминува и военото засилување што Трамп го нареди крај брегот на Венецуела, неколку недели пред да го собори претседателот Николас Мадуро.
Иако е малку веројатно САД да распоредат копнени трупи, ваквото засилување укажува дека Трамп си остава простор да започне долготрајна воена интервенција што би траела повеќе денови, во координација со Израел. Иако разговорите се фокусирани на долготрајна операција, значително поширока од ноќните напади што САД ги изведоа врз иранската нуклеарна програма во јуни минатата година, претседателот, според „Волстрит журнал“, истовремено ја разгледува и можноста за ограничен ран удар, со цел да го принуди Техеран да се врати на преговарачката маса.
„Можеби ќе постигнеме договор“, изјави Трамп во говорот во четвртокот наутро. „Ќе дознаете во наредните, веројатно, 10 дена.“
Фотограф: Jesse Monford/US Navy
Зголемените геополитички грижи поради тензии меѓу САД и Иран ги турнаа акциите надолу и го продолжија растот на цените на нафтата, при што „брентот“, глобалниот репер, во четвртокот се искачи над 71 долар за барел.
Отворено прашање останува дали Иран воопшто може да ги исполни барањата на Трамп и дали, со распоредувањето толку обемна воена опрема во регионот, Трамп може да се почувствува принудено да ја употреби наместо да се повлече.
Податоците од страницата за следење летови „Флајтрадар24“ (FlightRadar24) покажуваат нагло зголемување на активноста на летови на американски воени транспортни авиони, авиони-цистерни, извидувачки летала и беспилотни летала кон бази во Катар, Јордан, Крит и Шпанија.
Леталата, чии транспондери ги прават видливи над копно за страницата за следење, вклучуваат авиони-цистерни КЦ-46 (KC-46) и КЦ-135 (KC-135) за дополнување гориво во воздух, како и транспортни авиони Ц-130Џ (C-130J), кои се користат за префрлање трупи и тешка опрема.
Во распоредувањето се вклучени и авиони „Е-3 сентри“ (E-3 Sentry), опремени со радарски систем за рано предупредување и контрола од воздух, кои обезбедуваат „надзор на сите височини и во сите временски услови“ над потенцијални зони на судир, како и извидувачки беспилотни летала „РК-4 глобал хок“ (RQ-4 Global Hawk).
Оружјето што му е на располагање на Трамп е импресивно. Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ (USS Abraham Lincoln) е придружуван од три разурнувачи од класата „Арли Берк“ (Arleigh Burke) со наведувани ракети, кои можат да носат ракети „томаховк“ (Tomahawk). Воздушното крило на носачот вклучува борбени авиони Ф-35Ц (F-35C).
„УСС Џералд Р. Форд“ (USS Gerald R. Ford), најскапиот американски воен брод што е изграден досега, со цена од 13 милијарди долари, е исто така придружуван од разурнувачи со наведувани ракети, а неговото воздушно крило вклучува авиони Ф/А-18Е и „Ф/А-18Ф супер хорнет“ (F/A-18E и F/A-18F Super Hornet), авиони за рано предупредување од воздух Е-2Д (E-2D), како и хеликоптери МХ-60С и „МХ-60Р сихок“ (MH-60S и MH-60R Seahawk) и транспортни авиони „Ц-2А грејхаунд“ (C-2A Greyhound).
Двата носача обезбедуваат „повеќе опции и би ни овозможиле да спроведуваме операции на подолга и поодржлива основа – ако дојде до тоа“, изјави Мајкл Ајзенстат, директор за воени студии во Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика. Според него, ваквото засилување „им сигнализира на Иранците дека треба да бидат пофлексибилни во преговорите“.
Трамп во средата се сретна со својот зет Џаред Кушнер и со специјалниот пратеник Стив Виткоф, за да добие информации за напредокот на преговорите со Иран. Истовремено, официјални лица одржаа состанок во Собата за кризен менаџмент, каде што се разговарало за можни чекори и им било кажано да очекуваат дека сите американски воени сили што се распоредени во регионот ќе бидат целосно на позициите до средината на март, според американски функционер.
Голем напад врз Иран, при што лидерите се загрижени за стабилноста на режимот поради широко распространети немири, носи ризик да ги вовлече САД во нивната трета војна по сопствен избор на Блискиот Исток од 1991 година наваму, и тоа против многу посериозен противник од оние со кои Вашингтон се соочувал со децении.
Користењето на војската од страна на Трамп во неговиот втор мандат беше обележено со кратки и, според оцените, успешни операции со минимална штета за американските трупи, вклучувајќи ги бомбардирањето ирански нуклеарни цели во јуни, нападите врз наводни бродови поврзани со трговија со дрога и операцијата со која во почетокот на јануари беше извлечен Мадуро.
Но доколку нови напади врз Иран поттикнат поширока ескалација, претседателот би можел да се соочи со значителен јавен притисок. Трамп за време на кампањата зборуваше против вклучување на САД во странски војни, но потоа нареди бомбардирање на Иран, на хутските милитанти во Јемен поддржани од Техеран, како и напади врз милитанти во Сирија.
„Со оглед на тоа што иранската противвоздушна одбрана во голема мера е неутрализирана со претходни американски и израелски напади, американските борбени авиони би дејствувале речиси неказнето над иранскиот воздушен простор“, изјави Брајан Кларк, одбранбен аналитичар во институтот „Хадсон“ и поранешен стратегиски офицер на морнарицата. „Секогаш постои ризик од соборени пилоти, но мислам дека поголемиот ризик е за бродовите. Истите крстосувачки и балистички ракети што Иран им ги даде на Хутите би можеле да бидат насочени и против американски бродови во Персискиот Залив, Арапско Море и Црвено Море.“
Илјадници американски војници распоредени во регионот се исто така во досег на ирански балистички ракети, а претставници на режимот ветија дека на евентуален американски напад ќе одговорат со целосна сила.
Покрај нападите врз американските воени капацитети, Иран би можел да се обиде да го затвори Ормускиот Теснец, најважниот морски премин меѓу Оман и Иран низ кој минуваат околу 25 проценти од светскиот поморски транспорт на нафта.
Ормускиот Теснец е клучен енергетски премин
Низ овој морски теснец дневно минуваат околу 20 милиони барели сурова нафта, кондензати и нафтени деривати
Bloomberg
Американските напади во јуни 2025 година беа насочени кон три локации поврзани со нуклеарната програма на Иран, но поамбициозен обид за соборување на режимот во Техеран би можел да вклучи напади врз објекти поврзани со Исламскиот револуционерен гардиски корпус, како и потенцијално врз највисокото раководство, вклучувајќи го и врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Сепак, Иран можеби би можел да издржи и такви обиди за обезглавување на режимот.
Maxar Technologies/Getty Images
„Израел веќе ги уби врвните лидери на Исламскиот револуционерен гардиски корпус во првичните напади во јунската војна и Иран успеа да се реорганизира и да одговори во рок од 24 часа“, изјави Џамал Абди, претседател на американскиот Национален иранско-американски совет.
„Тие сега се подготвени за вакви сценарија во идни војни и затоа може да бидат уште поотпорни дури и ако бидат убиени високи лидери.“
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, во средата изјави дека се очекува Иран да даде одговор на преговорите „во наредните неколку недели“, но не ја исклучи можноста за воена акција и пред истекот на тој рок. „Претседателот ќе продолжи внимателно да следи како ќе се одвива ситуацијата“, рече таа.