Ако во последните недели скролавте низ социјалните мрежи, не можевте да ги пропуштите карираните детали, боровите венци и богатите црвени ленти, сите осветлени со светлина од камини. Добредојдовте во „Ralph Lauren Christmas“.
Оваа естетика, која покажува како да се создаде препознатлив празничен амбиент во стил на „Ралф Лорен“ (Ralph Lauren), неодамна е во тренд и ја подигна видливоста на брендот на повисоко ниво.
Виралниот момент е резултат на години труд. „Ралф Лорен“ внимателно го обликува својот имиџ и го усовршува асортиманот на производи речиси една деценија. Среќата беше на страната на компанијата, која се најде на крстопат на неколку поволни трендови.
Знак „Ралф Лорен“ на продавница во Швајцарија
Depositphotos
Колеџ стилот доживува голем моден момент, а „Ралф Лорен“ е негов симбол, благодарение на класични парчиња како плетени џемпери, блејзери и рагби маици. Популарноста на маиците со квадратен патент, која означува враќање кон порафинирана кежуал облека, исто така го зголемува интересот за брендот, пишува Лоран Василеску, аналитичар во „Парибас“ (BNP Paribas SA).
Приказните на социјалните мрежи инспирираат не само облека туку и чувствата. Во неизвесни времиња, особено за време на празници, често бараме утеха во традицијата и минатото. Додајте го и „old money“ трендот на дискретен луксуз, кој можеби губи популарност, но не исчезнува, и пребарувањата за „Ralph Lauren inspired Christmas“ на Пинтерест (Pinterest) се зголемиле за 3.000 отсто во четири недели до 15 ноември споредено со претходната година.
Како компанијата се позиционираше за овој вирален момент
Не само дизајнер, туку и маркетиншки гениј - Ралф Лорен (86) сè уште е вклучен во работата на компанијата
Depositphotos
Под водство на генералниот директор Патрис Лувет, кој ја презеде компанијата во 2017, и, секако, самиот основач, „Ралф Лорен“ се приближи кон европските луксузни куќи како ЛВМХ (LVMH). Ова беше постигнато преку подигање на имиџот кон луксузниот сегмент и намалување на продажбата преку помалку престижни продавници. Дури и аутлет продавниците, кои играат важна, но неоткриена улога, доживеаја трансформација.
Како дел од стратегијата, „Ралф Лорен“ инвестираше во своите главни продавници, каде празничниот изглед е особено изразен, и се фокусираше на производите по кои е најпознат. Моментот беше поволен: брендот изгледа луксузно, но сепак достапно, додека европските конкуренти агресивно ги зголемуваа цените.
Трансформацијата ја засили и ефектниот маркетинг, како што беше пренесување на маскотата со мечето Polo Bear од производите на голем екран преку првиот анимиран филм. Преку кафулиња и ресторани, брендот воведуваше луксуз во угостителскиот сегмент.
Иако „Ralph Lauren Christmas“ растеше органски, компанијата ја поттикнуваше поврзаноста со сезоната. Ова вклучуваше попап продавници во Сеул, Токио, Лос Анџелес и Лондон, каде посетителите можат да пијат топло чоколадо, да купат празничен подарок, да направат сезонски цветен аранжман или да ја посетат пештерата на Дедо Мраз.
„Ралф Лорен“ продавница во Париз
Depositphotos
Ваш водич за празничен „Ралф Лорен“ стил
Редови за селфи покрај винтиџ црвен камионет – луѓе во Polo Bear џемпери – ја потврдуваат маркетиншката генијалност на „Ралф Лорен“. Основачот е Евреин, роден како Ралф Лифшиц во Бронкс. Сепак, неговата способност да привлече луѓе од сите слоеви на општеството во визијата за американскиот сон го направи брендот празничен симбол, исто како eggnog и филмот It’s a Wonderful Life. Важно е дека тоа го постигнал преку прифаќање, а не игнорирање на различноста на земјата. На пример, во 2022 брендот соработуваше со две историски црнечки колеџи, што продолжи и годинава со колекција која го слави Оук Блафс, популарно летувалиште за црнечката популација во Мартас Винјард, Масачусетс.
„Ралф Лорен“ не е единствениот кој профитира од празничниот тренд, според компанијата за малопродажни анализи „Едитед“ (EDITED). Стиловите со палета на црвена, бордо и зелена боја, со златни акценти, како и тартан и мотиви на мечиња, се појавуваат во продавниците на двете страни на Атлантикот. „Ванс“ (Vans), на пример, го истакна тартанот. Некои објави покажуваат дека сличен изглед може да се добие поевтино преку „Амазон“ (Amazon). На поскапиот дел, „Хуго Бос“ (Hugo Boss)соработуваше со производителот на мечиња „Стејф“ (Steiff), а „Барбери“ (Burberry соработуваше со „Блумингсдејл“ (Bloomingdale’s).
Сепак, бидејќи стилот е толку поврзан со „Ралф Лорен“, компанијата веројатно ќе биде најголемиот добитник. Празничните попап настани досега генерирале околу шест милиони долари преку социјални мрежи, ангажман и статии, според „Лаунчметрикс“ (Launchmetrics).
Колеџ или reppy стил е моден тренд инспириран од традиционалната американска естетика на „Ајви лигата“ и класичната универзитетска гардероба. Се карактеризира со класични парчиња како што се плетени џемпери, блејзери, кошули со јака и рагби кошули. Боите вклучуваат темно сина, бела, црвена и беж, често со тартан дезени.
Depositphotos
Акциите достигнаа рекорд
Приходите во клучниот „златен квартал“ исто така изгледаат добро. Според податоците на БСМ (Bloomberg Second Measure) за третиот квартал, продажбата на производи на „Ралф Лорен“ во сопствените американски продавници и на веб-страницата значително го надмина очекуваниот раст на продажбата во Северна Америка, според аналитичарката Мери Рос Гилберт.
Акциите, кои паднаа откако некои инвеститори беа разочарани од следната фаза на трансформација во септември, достигнаа нов максимум кон крајот на ноември.
Трендовите на социјалните мрежи брзо можат да избледат: податоците од Гугл и Пинтерсет покажуваат дека естетскиот тренд „Ralph Lauren Christmas“ можеби веќе достигнал врв. Сепак, вниманието околу брендот во последните два месеца веројатно ја продлабочи врската со потрошувачите.
Приказната исто така ја истакна понудата на „Ралф Лорен“ во сегментот на домашен декор и угостителство, зајакнувајќи ги пошироките лајфстајл кредибилитети кои компанијата сака да ги развие.
Кога колеџ стилот ќе биде во опаѓање, „Ралф Лорен“ ќе може да се прилагоди. Тој е еден од ретките луксузни брендови кои го задржуваат под-брендот, од високата Purple Label до работната облека Double RL, што му дава добра можност да се поврзе со следниот тренд. Стратегијата за раст во женскиот сегмент, особено чантите, е уште еден начин да се компензира евентуален пад.
Јакна во продавница во Њујорк
Bing Guan/Bloomberg
„Ралф Лорен“ има простор и понатаму да ги демонстрира своите маркетинг вештини. Неодамна беа претставени униформите за американските олимписки и параолимписки тимови за церемониите на отворање и затворање на Зимските игри во Милано во февруари, а повторно ќе ги облекуваат спортистите за Летните игри во Лос Анџелес 2028.
„Ралф Лорен“ би требало да размисли за преземање на настани на домашен терен, во стил на ЛВМХ, за да го одржи името во фокусот на потрошувачите.
„Ралф Лорен“ е добро позициониран да се прилагодува на променливите сезони и модни трендови. Ако е така, интересот за брендот треба да трае долго и по падот на иглите од боровите дрвја и пакувањето на украсите.