Извештаите покажуваат дека измамниците често користат апликации за состаноци за да целат на луѓето што бараат љубов. Измамниците ja користат анонимностa за да манипулираат со луѓето што бараат љубов или пријателство, за да им извлечат пари, лични информации или, во некои случаи, подароци.
Честопати овие лица ги истражуваат профилите на своите жртви пред да им пријдат, забележувајќи ги нивните интереси со цел ефективно да започнат разговор.
И иако тие не се толку вообичаени како другите видови на измами со преземање или лажни идентитети, романтичните измами сè уште можат да предизвикаат сериозна штета.
Дополнителниот слој на емоционална штета вклучен во овој тип на измама значи дека жртвите ќе бидат емоционално ранливи покрај финансиската загуба, при што многумина целосно ќе ја изгубат довербата во луѓето.
Американскиот федерален трговски комитет (FTC), на пример, минатата година објави дека романтичните измами ги чинеле жртвите вкупно 1,3 милијарда долари во 2022 година, со поединечни пријавени загуби во просек од 4.400 долари.
Примената на вештачката интелигенција е сè почеста на полето на онлајн состаноците, а премиум опциите дури одат дотаму што директно се избира партнер преку префинети функции, како што претходно објавивме.
Бамбл (Bumble) пред два дена објави дека воведува нова функција што користи вештачка интелигенција и е наменета да идентификува спам, измами и лажни профили. Новата алатка, наречена „детектор за измами“ (Deception Detector), има цел да преземе акција против злонамерната содржина пред корисниците на Бамбл воопшто да дојдат во контакт со неа. Ден по објавувањето, акциите на компанијата, која е на листата на Nasdaq од 2021 година, скокнаа за четири отсто.
На Бамбл, жените мора да ја испратат првата порака за да започнат разговор, а компанијата е позната по своите заложби за забрана на т.н. сајбер флешинг (испраќање несакани недолични слики). Лансирањето на новата функција доаѓа откако внатрешно истражување на Бамбл покажа дека лажните профили и ризикот од измама се главната грижа со која се соочуваат корисниците кога се среќаваат онлајн. Истражувањето исто така покажа дека 46 отсто од жените изразиле загриженост за автентичноста на нивните онлајн контакти на апликациите за запознавање. „Детекторот за измами“ е дел од напорите за ублажување на овие грижи, со цел да се подобрат севкупната безбедност и доверливост на онлајн искуството за корисниците.
За време на тестирањето, Бамбл откри дека алатката автоматски блокирала 95 проценти од сметките што биле идентификувани како спамери. Во првите два месеца од тестирањето, компанијата забележа намалување од 45 проценти во извештаите на корисниците за спам, измами и лажни сметки.
Сепак, уште почести се извештаите за романтични измами што започнуваат со неочекувани приватни пораки на социјалните мрежи. Според истражувањето на „Лојдс“ (Lloyds Bank), романтичните измами се зголемиле за 30 отсто минатата година во Британија, при што жртвите изгубиле во просек по 8.234 фунти, малку помалку во однос на претходната година, кога жртвите изгубиле околу 8.655 фунти.
Според гореспоменатиот извештај на FTC, 40 проценти од луѓето во САД што рекле дека изгубиле пари поради романтична измама минатата година изјавиле дека контактот започнал на социјалните мрежи; 19 проценти рекле дека започнал на веб-локација или апликација. Многумина објавија дека измамникот брзо ја префрлал приказната на Ватсап (WhatsApp), Гугл чет (Google Chat) или Телеграм (Telegram) по првичните слаткоречиви пораки, според извештајот на FTC.
Тие наведуваат и неколку корисни совети за тоа како да препознаете измамник на мрежите:
- Ниту една сериозна личност никогаш нема да побара од вас да ѝ помогнете - или да инсистира да инвестирате - со испраќање криптовалути, испраќање подарок картичка или испраќање пари. Секој што го прави тоа е измамник.
- Ако некој ви каже да испратите пари за да добиете пакет, можете да бидете сигурни дека тоа е измама.
- Разговарајте со пријателите или семејството за вашата нова симпатија и обрнете внимание ако тие се загрижени.
- Обидете се да пребарате низ сликите на профилот. Ако деталите не се совпаѓаат, тоа е измама.